fbpx

Храната за една година поскапела 26 отсто, инфлацијата во февруари е 16,7 отсто

Од статистичкиот извештај, споредбата на индексот на трошоците на живот во февруари годинава, во споредба со февруари 2022 година, речиси и да нема производ или услуга којшто не поскапел, но забележливо е дека токму храната и безалкохолните пијалоци предничат според процентуалниот раст

-

За период од една година, храната и безалкохолните пијалоци поскапеле за 25,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Индексот на трошоците на животот во февруари 2023, во споредба со истиот месец лани, бележи зголемување од 16,7 отсто, а индексот на цените на мало е зголемен за 12,4 отсто.

Ако се погледнат статистичките податоци за индексот на трошоците за живот, во февруари годинава најголем е растот кај лебот и житата, каде цените на годишно ниво биле зголемени за 39,8 отсто. Веднаш по нив, раст од 36,7 отсто кај индексот на трошоците на живот може да се забележи кај млекото, сирењето и јајцата. За 29,5 отсто скокнале цените на месото, додека за 17,6 отсто имало раст кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи.

Од статистичкиот извештај, споредбата на индексот на трошоците на живот во февруари годинава, во споредба со февруари 2022 година, речиси и да нема производ или услуга којшто не поскапел, но забележливо е дека токму храната и безалкохолните пијалоци предничат според процентуалниот раст.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека пораст на индексот на трошоците на живот имало и ако се направи споредба на февруари 2023 во однос на првиот месец од годинава.

Па така, најголем раст е забележан кај пивото за 5,8 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 4,9 отсто, кафето, чајот, какаото за 2,3 отсто, жестоките пијалаци за 1,4 отсто, прехранбените производи, неспоменати на друго место за 1,3 отсто, лебот и житата за 1,2 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, виното за 0,9 отсто и месото за 0,7 отсто.

Во февруари, споредено со јануари 2023 година, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај средното образование за 14,8 отсто, ветеринарните и другите услуги за домашните миленици за 13,1 отсто, медиумите за снимање за 3,7 отсто и другите медицински производи за 3,3 отсто. Кај другите производи и услуги месечното поскапување било под 3 отсто.

Во делот на намалувањето на индексите на трошоците на животот во февруари 2023 година, во споредба со претходниот месец, бројките се скромни. Намалување кај цените е забележано кај маслото и маснотиите за 1,1 отсто, свежото и разладеното овошје за 0,8 отсто, млекото за 0,4 отсто, рибата и морските плодови за 0,2 отсто.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 5,9 отсто, цврстите горива за домаќинствата за 3,9 отсто, услугите за сместување за 3 отсто, течните горива за домаќинствата за
2,7 отсто и моторните возила за 1,1 отсто.

Инаку, министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави нови одлуки за замрзнување на цените на тестенините до крајот на неделава, додека тие прават анализи и за можноста за замрзнување на цените на млечните производи. Тој најави и дека во наредните 10 дена треба цената на маслото за јадење да се спушти под 100 денари за литар. Ваквите најави на министерот доаѓаат откако владата од почетокот на март им наложи на пекарско-мелничарската индустрија да го продаваат белиот и полубелиот леб по замрзнати цени до 33 денари за 450 грама од овој основен прехранбен продукт.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

До обвинителството не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите

Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство, [email protected], не пристигна ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, соопшти...