fbpx

Цените на храната не го ништат профитот на прехранбената индустрија [инфографик]

Податоците кои ги анализираше Мета.мк покажуваат дека најголемиот дел од прехранбените компании во земјава досега работат со зголемен профит или над позитивната нула во првите девет месеци од годинава

-

Холандски кашкавал во супермаркетите е поевтин од домашниот, исто како што увозното пиво е поевтино од македонските. Граѓаните кои секојдневно купуваат храна се прашуваат како е ова можно, а апсурдната ситуација продолжува и откако владата утврди „гарантирана цена“ за дел од прехранбените производи до крајот на 2023 година. Податоците кои ги анализираше Мета.мк покажуваат дека најголемиот дел од прехранбените компании во земјава досега работеле со зголемен профит или над позитивната нула во првите девет месеци од годинава.

Во октомври 2023 година, стапката на инфлација бележи тренд на опаѓање, иако трошоците на живот се повисоки за 3,5 отсто во однос на октомври 2022 година. Цените на маало пак овој месец бележеле раст од 3,4 отсто во споредба со лани. Иако инфлацијата забавува, сепак цените на прехранбените производи во Македонија и понатаму растат. Храната и безалкохолните пијалоци имаат раст од 1 отсто во октомври 2023 споредено со истиот месец од минатата година. Лани пак, храната во земјава значително поскапе во однос на 2021 година.

Но, каква е состојбата со финансиската добивка на македонските компании од прехранбениот сектор? Мета.мк изврши анализа на неревидираните финансиски извештаи за успех на сите прехранбени акционерски друштва кои котираат на Македонската берза и досега ги објавија билансите за успех за првите девет месеци од 2023 година. Дел од финансиските извештаи се консолидирани, а некои од компаниите досега објавија само неконсолидирани.

Од вкупно 17 македонски прехранбени компании кои котираат на берзата и ги имаат објавено финансиските извештаи, во првите девет месеци од 2023 година само три компании произведувале со загуба. Најголемиот дел од фирмите, вкупно девет, имале зголемена добивка од работењето досега во годинава, додека пет компании од јануари до септември 2023 година оствариле профит, но истиот бил помал во споредба со 2022 година.

Мета.мк ги прибра податоците од СЕИ НЕТ – Системот за електронски информации за котирани акционерски друштва на Македонската берза. Винарската визба Тиквеш, Макпромет, ЗК Пелагонија, Пекабеско, Пелистерка, Витаминка, Жито Лукс, Прилепска пиваница и Оранжерии Хамзали се компаниите кои во првите девет месеци од годинава оствариле зголемена добивка.

Исто така, позитивен финансиски резултат од работењето имале винаријата Попова Кула, Фруктал Мак, Струмичко Поле, Кланица со ладилник Струмица, Грозд и Фабриката Европа, но добивката била намалена во споредба со периодот јануари-септември 2022 година. Загуба во работењето годинава имало единствено кај Жито Полог од Тетово, Фабриката за масло Кристал 1923 и Жито Караорман од Кичево. За жал, трговските ланци не котираат на Македонската берза и финансиските резултати од работењето немаат обврска да ги објавуваат после секој квартал. Идентичната е состојбата и кај дистрибутерските компании.

Порталб.мк минатата недела објави анализа за цената на храната на светскиот наспроти македонскиот пазар. Светската Организација за храна ФАО објави дека во октомври 2023 година имало значителен пад на цените на млечните производи и на растителното масло за над 20 отсто во споредба со октомври 2022. Намалувањето на цените кај основните прехранбени продукти е 10,8 отсто, кај месото 3,4 отсто, додека шеќерот бил поевтин за 2,2 отсто.

АНАЛИЗА: Цените на млечните производи и на маслото со најголем пад на светскиот пазар – дома инфлацијата преполовена

Наспроти ова, во Македонија намалување на индексот на цените во октомври 2023 година имало за 27,9 отсто кај маслата и мастите, додека млекото, сирењето и јајцата поевтиниле за 5,4 отсто во однос на октомври 2022 година. Житото и лебот поевтиниле за скромни 1,4 отсто. Повисоки цени во октомври 2023 година имало кај месото за 4,9 отсто и кај шеќерот, џемот и медот за 7,1 отсто.

Ова практично значи дека наспроти падот на цената на храната во меѓународни рамки, кај нас прехранбените производи истовремено или поскапуваат или имаат цени кои побавно опаѓаат од она што е тренд во светот.

Уште кога се воведе мерката „загарантирана цена“ од македонската влада, стопанските комори кои ги застапуваат интересите и на прехранбената индустрија реагираа негативно.

Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) реагираше на владината одлука за поевтинување на основните прехранбени производи и оцени дека таа е многу штетна за компаниите, додавајќи дека слободната пазарна економија е доведена во прашање.

„Со намалувањето на цените на овие производи, загрозен е квалитетот на производите, со што домашните производители ќе мора да работат со загуба“, соопштија кон средината на октомври годинава од Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Кој профитира, а кој губи од цените на прехранбените производи се тема која граѓаните во континуитет ги засега изминативе месеци. Поради ова, владата одлучи до 31 декември 2023 година да важат за 10 проценти намалени цени во однос на оние коишто се применувале на 1 август 2023 година во трговијата на мало за некои од најзначајните прехранбени производи, но и за безалкохолните и алкохолните пијалoци.

Прехранбените производи по „гарантирана цена“ ќе се продаваат до крајот на годинава

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...