Премиерот Димитар Ковачевски синоќа беше домаќин на Македонската вечер во рамките на меѓународниот саем за вино, храна и туризам во Белград. И додека на синоќешниот настан присуствувале српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и амбасадорот на САД во Белград Кристофер Хил, од ВМРО-ДПМНЕ денеска велат дека ако власта и Ковачевски испијат уште едно вино може во Белград да потпишат и меморандум за изградба на космодром.
Од владината прес-служба информираат дека на синоќешната „Македонска вечер“ учествувале бројни гости од политиката, дипломатијата и стопанските комори од Србија, Црна Гора и Северна Македонија.
Во поздравното обраќање премиерот Ковачевски изјавил дека македонската култура и традиција се познати на регионот и на светот меѓудругото и по македонското вино, храна, музика, што ја промовираат државата и како посебна туристичка дестинација.
„Ве поканувам заедно да ги дегустираме македоското вино и македонската храна автентични за нашата македонска држава. Во Северна Македонија културата и гостопримството се спојуваат и создаваат незаборавни патувања“, рече премиерот Ковачевски.
Дегустацијата на посебните вкусови на македонските вина и храна била проследена со културно уметничка програма, настап на македонски џез оркестар и на естрадни уметници.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираат баханалиите и лумпувањата на владината делегација во Белград се срам за Македонија.
„Ако нарача уште едно шише од виното за домаќините, Ковачевски ќе потпише и меморандум за космодром. Нека се вразуми Ковачевски, нека се врати на земја и нека се зафати со решавање на барем еден проблем кој што го имаат граѓаните, од многуте кои ги предизвика неговата влада. Уште некој месец власт му остана“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.