fbpx

Инфлацијата се искачи на загрижувачки 19,5 отсто на годишно ниво

-

Трошоците за живот во ноември 2022 година се искачиле за дури 19,5 отсто во споредба со истиот месец лани, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС). Покрај загрижувачката инфлација, индексот на цените на мало во ноември годинава исто така бележи зголемување од 15,2 отсто.

Во временски период од една година, најзагрижувачко е поскапувањето на храната и безалкохолните пијалоци, кои во ноември 2022 година се зголемени за 29,8 отсто. Сметките за домување, вода, електрична енергија, гас и други горива овој месец биле поголеми за 20 отсто во споредба со ноември 2021 година. Цените на транспортот се зголемени за 16,5 отсто, а токму овие три ставки ги погодуваат месечните примања на сите граѓани и се голема опасност за лицата со ниски примања.

Ако се направи споредба на индексот на трошоците на животот во ноември 2022 година во однос на претходниот месец, тогаш може да се забележи натамошно зголемување од 0,5 отсто, додека кај индексот на цените на мало порастот е 0,2 отсто.

Пораст на индексите на трошоците на животот во ноември 2022 година во споредба со претходниот месец е забележан кај жестоките пијалаци за 4 отсто, виното за 3,4 отсто, месото за 2,6 отсто, рибата и морските плодови за 2,2 отсто, млекото, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,9 отсто, додека минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук поскапеле за 1,8 отсто.

Во ноември, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај чистењето, поправката и изнајмувањето облека за 11,5 отсто, домашните услуги и услугите за домаќинствата за 4,7 отсто, производите за домаќинствата – нетрајни за 3,3 отсто и многу други производи и услуги кои поскапеле во ноември споредено со октомври 2022 година.

Олеснување на семејниот месечен буџет во ноември, во споредба со октомври 2022 година се почувствувало преку намалување на индексите на трошоците на животот кај свежото и разладеното овошје за 8,9 отсто, кај маслото и маснотиите за 5 отсто, кај цените на воздухопловниот патнички транспорт за 11,2 отсто, кај фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 2,7 отсто и кај течните горива за домаќинствата за 2,1 отсто. Има намалување на индексот на трошоците на живот и кај некои други производи и услуги, но тоа е околу или под 1 отсто.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...