Годишната стапка на инфлација во април 2023 година, во споредба со истиот месец лани бележи зголемување од 13 отсто, a индексот на цените на мало, бележи зголемување од 10,1 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. И покрај постепеното стишување на инфлацијата, статистичките податоци покажуваат дека таа во април била најголема кај храната и безалкохолните пијалоци, и тоа 16,5 отсто.
Подрастично поскапување на цените во април годинава наспроти лани имало и кај рестораните и хотелите, каде индексот на трошоците на живот е зголемен за 19,4 отсто. Од друга страна, најголемите поскапувања кај храната се забележани кај месото (26 отсто) и лебот и житарките (25,6 отсто) во споредба со април 2022 година.
Државниот завод за статистика во делот на индексот на трошоците на животот има споредбени податоци за април 2023 година, во однос на март, при што забележано е зголемување на индексот за 0,7 процентни поени, додека индексот на цените на мало изнесувал 101.4.
За период од еден месец, најголемо поскапување во април 2023 година е забележано кај цигарите за 8,1 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 2 отсто и месото за 1,4 отсто.
Исто така, во април 2023 година забележан е пораст на индексите на трошоците на животот и кај воздухопловниот патнички транспорт за дури 42,4 отсто и кај туристичките аранжмани за 8,4 отсто.
Намалување на цените во април 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 6,5 отсто, свежото и разладеното овошје за 3,2 отсто и млекото за 3,4 отсто. Пад на трошоците на живот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 4,9 отсто.
Бектеши: Владините мерки даваат резултати