!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

На Прешево запленет товар со криумчарени лекови вреден милион евра


Белград, 11 мај, 2017 - 14:38 (META) 

На граничниот премин Прешево помеѓу Србија и Македонија, српски цариници заплениле товар со криумчарени лекови во вредност од околу милион евра, соопшти денеска Царинската управа на Србија.

Пратката со лекови од Индија е откриена во камион на аеродромски превозник од Скопје, кој требало да ја превезе до белградскиот аеродром. Како примач е назначена „Ер Србија“, која пратката требало да ја испрати во Виена, додека како краен корисник е наведена фирма од Бања Лука.

Товарот имал документација со гаранција издадена во Македонија и со наведена вредност од 7.000 евра, а цариниците воочиле бројни несовпаѓања, се наведува во соопштението.

Во пратката која требало да биде внесена во Србија, најброен бил лекот за потенција „камагра 100“, односно повеќе од 250.000 табли, што е шестпати повеќе отколку што е наведено во документацијата и чини околу 850.000 евра, како и непријавени лекови во вредност од околу 130.000 евра.


Запленети 7 килограми хероин на граничниот премин Богородица


Гевгелија, 18 април, 2017 - 11:44 (META) 

Царинските инспектори од одделението за оперативни работи за време на велигденските празници на граничниот премин Богородица заплениле 7 килограми хероин, соопштија денеска од Царинската управа.

Како што информираат оттаму, дрогата е запленета во саботата, а била сокриена во возило што го управувал државјанин на Србија, кој бил пријавен за влез во земјава.

„При контрола на возилото во два акумулатори, од кои едниот бил сместен под хаубата, а другиот во багажниот простор, царинските службеници пронајдоа вкупно 14 пакувања облепени со леплива лента, наполнети со кафеава прашкаста материја, за која по извршеното тестирање на тестер за дрога е утврдено дека се работи за хероин со вкупна тежина од 6,9 килограми“, стои во соопштението на Царината.

Оттаму информираат дека осомничениот го набавил хероинот во Истанбул и требало да го пренесе до Нови Пазар во Србија.

Против него Царинската управа до надлежното јавно обвинителство во Велес поднело кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и прекурсори.


Поднесено обвинение против криминална група за шверц на 100 килограми марихуана


Скопје, 8 март, 2017 - 16:03 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднело обвинителен акт против три лица – членови на криминална група, кои се товарат за шверц на 100 килограми марихуана.

Како што соопштуваат од обвинителството, станува збор за четиричлена група, која организирала шверц на 100 килограми марихуана од Албанија во земјава. Дрогата, според обвнителството, била наменета за нарко-пазарот во Турција, до каде требало да биде илегално пренесена.

Во текот на постапката еден од обвинетите постигнал спогодба со надлежниот јавен обвинител и е осуден на затворска казна од четири години и два месеци, стои во соопштението на обвинителството.


Спречен шверц на 12 килограми марихуана


Охрид, 14 февруари, 2017 - 14:50 (META) 

Екипи на Секторот за внатрешни работи Охрид и на Царинската управа во два одделни случаи спречиле шверц на 12 килограми марихуана и привеле две лица, државјани на Албанија.

Синоќа, полициски екипа, кај населбата Рача, на меѓународниот пат Охрид-Поградец, при преглед на автомобил, марка „мерцедес“ со албански регистарски ознаки, што го управувало 44-годишно лице од Поградец, пронашла околу 10 килограми марихуана. Лицето било приведено во СВР Охрид за понатамошна постапка.

Претходно, царинските службеници од граничниот премин Ќафасан спречиле обид за криумчарење на околу два килограми марихуана, која била сокриена во женска јанка, соопственост на 44-годишна патничка од Тирана, која патувала со минибус на албанска компанија на релација Тирана – Скопје.

Таа, според Царината, дрогата требало да ја пренесе во Германија. Царинската управа против осомничената поднела кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори, а судија на претходна постапка и одредил притвор од 30 дена.


Македонски државјани го организирале шверцот на 8 тони марихуана, запленета во Италија


Венеција, 13 февруари, 2017 - 11:24 (META) 

Италијанската полиција запленила рекордно количество од 8 тони марихуана, која била натоварена во камион што го управувал македoнски државајнин, пишува весникот „Венеција тудеј“.

Според весникот, дрогата била транспортирана со ферибот од Албанија до италијанското пристаниште во Анкона. Италијанските служби, пишува весникот, ја детектирале дрогата на пристаништето, но го пуштиле камионот да помине, а информацијата за транспортот ја чувале во тајност за да дојдат до останатите вмешани во нарко-мрежата.

Викендов италијанската полиција потвди дека во Венеција се запленети 8 тони марихуана. Од полицијата навеле дека нема да соопштуваат повеќе детали поради истрагата која била во тек, но потврдиле дека криминалната организација била раководена од македонски државјани.


Царината спречила шверц на 18 килограми марихуана, сокриена во плинска боца


Куманово, 26 јануари, 2017 - 13:49 (META) 

Царинските екипи на граничниот премин Табановце вчера спречиле обид за шверц на 18 килограми марихуана, што била сокриена во плинска боца.

Како што информираат од Царинската управа, вчера, околу 6 часот, на граничниот премин за излез од Македонија било пријавено возило, со албански регистарски таблички, а управувано од И.Ш., државјанин на Албанија. Возилото било селектирано за детална контрола и при прегледот на багажникот била пронајдена плинска боца, во која биле сокриени 15 вакумирани пакетчиња облепени со проѕирна леплива лента, наполети со марихуана со вкупна тежина од околу 18 килограми.

Во предистражната постапка, што ја спровеле инспекторите на одделението за истраги на Царинската управа, било утврдено дека осомничениот ја набавил марихуаната во Албанија и требало да ја прошверцува до Германија.

„Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори до надлежното јавно обвинителство, а судијата на претходна постапка му изрече мерка притвор во траење од 30 дена“, стои во соопштението на Царината.

Оттаму додаваат дека во текот на декември, царинските екипи во соработка со Министерството за внатрешни работи заплениле 70 килограми марихуана, сокриена во ПВЦ-прозорци.


Спречен шверц на 8 килограми марихуана на граничниот премин Табановце


Куманово, 4 декември, 2016 - 15:35 (META) 

Царинските екипи на граничниот премин Табановце вчера спречиле обид за шверц на осум килограми марихуана, која била сокрина во автомобил што го управувал 56-годишен државјанин на Република Албанија.

„На 3 декември 2016 година, околу 15 часот, на излез од Република Македонија, на граничниот премин Табановце, се пријавило патничко моторно возило марка „смарт“ со албански регистарски ознаки, а управувано од осомничениот Б.О. (56) од Р.Албанија. При прегледот на возилото, во задниот дел од левиот и десниот праг, во фабричка шуплина, царинските службеници пронашле вкупно 27 пакетчиња со различна големина, облепени со кафеава леплива лента, наполнети со наркотична дрога – марихуана со вкупна тежина од околу осум килограми“, стои во соопштението од Царинската управа.

Во разговор со осомничниот било утврдено дека за паричен надомест од 4.000 евра, тој се договорил со лица од Албанија да пренесе поголемо количество дрога од Албанија во Чешка.

Против албанскиот државјанин Царинската управа до надлежното јавно обвинителство поднела кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.


Спречен шверц на 507 килограми кафе на македонско-албанската граница


Тирана, 22 ноември, 2016 - 13:45 (META) 

Жител на пограничното село Долна Ѓурица синоќа се обидел да прошверцува 507 килограми кафе од Македонија во Албанија, но бил спречен од албанската гранична полиција.

Кафето било натоварено во комби, со кое осомничениот Б.Т. (51) успеал да ја мине државната граница, во близина на селото Вичишта, кај Дебар, но бил забележан од полициската екипа.

Откако зебележал дека полицијата го следи, возачот го напуштил комбито и успеал да побегне.

Албанската полиција трага по Б.Т., кому се заканува кривична пријава поради недозволена трговија на акцизна стока.


Македонец уапсен во Грција за обид за шверц на дрога


Лерин, 29 октомври, 2016 - 13:51 (META) 

Грчката полиција уапси 22-годишен Македонец за обид за шверц и за поседување дрога во Грција. Македонскиот државјанин имал во своја сопственост три торби со повеќе од 40 килограми канабис спакувани во 38 помали пакетчиња.

Уапсениот бил испитан во полицијата, а ќе биде изведен пред обвинителството во Лерин со кривично обвинение за обид за пренос и за поседување дрога во Грција и за пружање отпор при обидот за негово апсење.

Полицијата која била вклучена во акција за борба и спречување шверц на дрога го забележала момчето заедно со уште еден соработник како пеш се движат со три торби низ рурална област во близина на Лерин. Полициските служби од Лерин и полициски претставници на граничната служба од Преспа веднаш штом ги забележале презеле акција за нивно апсење. Во полициската акција било уапсено само 22-годишното момче и покрај неговото противење и обид да избега, додека неговиот соработник успеал да се скрие и да ѝ избега на полиција.

Грчката полиција сè уште трага по него, а доколку биде најден, исто како и неговиот соработник, ќе треба да одговара пред обвинител за пренос и за поседување дрога и за давање отпор при апсење.


Уапсени осум лица во Италија поради шверц на мигранти


Рим, 5 август, 2016 - 17:49 (META) 

Италијанската полиција денеска уапсила осум лица осомничени за шверц на луѓе и фалсификување на документи, јавуваат светските агенции. Водачот на групата, инаку радикален исламист со потекло од Тунис, според информациите, бил уапсен претходно.

Осуммината уапсени, од кои ниту еден не е Италијанец, според италијанската полиција, од компанија за производство на текстил северно од Неапол набавувале лажни договори и листи за плата, со кои потоа обезбедувале работни визи за илегални мигранти.

На чело на криминалната група бил 41-годишниот Мухамед Камел Кемири, од Тунис, кој претходно бил уапсен поради шверц на дрога.

Во соопштението на полицијата било наведено дека Кемири е обвинет и против него се води истрага и за тероризам.