fbpx

Вистиномер: Не е точно дека во автобусот на „Беса транс“ се шверцувале еден тон нафта и 30 илјади петарди

-

Бугарските обвинители на прес-конференција демантираа дека во автобусот имало туби со нафта. „Има верзии дека имало туби со гориво. Таа верзија од нас е отфрлена. Најдени се 3 туби но биле празни, има остатоци од нафта која ја користи автобусот, а пожарот не настанал од тубите“, изјави Борислав Сарафов, заменик главен обвинител на Бугарија. Сарафов кажа дека на местото немало експлозија, туку силниот удар што се слушнал бил од ударот на автобусот во банкината. Според него, откачувањето на банкината и стружењето со автобусот, кое било како шмиргла и од кое имало искрење, најверојатно е причина поради која автобусот се запалил. Оттука е јасно дека немало експлозија, како што се наведува во написот, кој шпекулира дека експлозијата настанала поради пиротехничкиот материјал кој се пренесувал во автобусот. Ваквите тврдења ги демантираа и од агенцијата „Беса транс“, чијшто автобус изгоре во пожарот , пишува „Вистиномер“ анализирајќи тврдења што се појавија во јавноста.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Пост на Фејсбук шири шпекулативни информации во врска со трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија во која животот го загубија 45 лица од Македонија, а 7 беа повредени. Според постот, во автобусот се шверцувале 30.000 петарди и еден тон нафта.

Во написот којшто е споделен во постот, се изнесуваат непроверени и неофицијални информации, а медиумот се повикува на „информации од истрагата“.

Неофицијално во предниот дел на автобусот имало нелегален резервоар со капацитет од 1000 литра за нафта кој секако допринел за оваа собраќајна несреќа да се претвори во трагедија имајќи во предвид дека дизајнот на секое возил кога станува збор за локацијата на резервоарот предвидува строги безбедносни правила. Но она што е најшокантно, а неофицијално го дознава Инфомакс е дека во автобусот се превезувала поголема количина на пиротехнички материјали кои требало да завршат на македонскиот пазар пред новогодишните празници. Покрај дополнителниот резервоар автобусот имал и посебен магацин за шверц на стока, а во конкретниот случај се превезувал пиротехнички материјал или околу 30-тина илјади петарди, се посочува во написот.

Шпекулациите и дезинформациите за шверцот на нафта ги преплавија медиумите во Бугарија и Македонија, а истите ги подгреаја информациите дека нафтата во Турција била поевтина и дека било пракса шофери од Македонија, Србија и Бугарија да го носат ова гориво од Турција. Објавата што ја рецензираме отиде и чекор понатаму, тврдејќи дека покрај нафта, во автобусот се шверцувале и 30 илјади петарди, иако петардите не беа спомнати во ниту еден првичен извештај на бугарските медиуми. Ваквите шпекулации допреа дури и до странскиот печат, па така „Дејли мејл“ ги пренесе наводите изнесени на „Инфомакс“ дека се пренесувале пиротехнички материјали и нафта кои придонеле пожарот да биде фатален.

Според извештаите на локалните медиуми, пожарот започнал на предниот дел на автобусот откако експлодирале 30.000 петарди складирани во багажот, пренесе „Дејли мејл“.

Следниот ден, пак, „Дејли мејл“, повикувајќи се на службени извори, ги корегираше информациите за постоење на петарди во авотбусот, истакнувајќи дека истражителите не веруваат во такво сценарио и дека таквите информации се најверојатно невистинити.

Дополнителни изјави на службени лица, исто така, потврдуваат дека ваквите информации не се точни.

Тврдењата дека во автобусот се шверцувале нафта и пиротехнички материјали, прво ја демантираа од агенцијата „Беса транс“, чијшто автобус изгоре во пожарот.

Како агенција ја известуваме јавноста, како и семејствата на трагично загинатите дека автобусите во никој случај немале никаков багаж со нафта или пиротехника. Ова се шпекулации од страна на оние кои сакаат да ја искористат оваа трагедија. Целосниот капацитет на автобусот бил 450 до 500 литри нафта, само за користење за потребите на автобусот. Уште еднаш ги замолуваме медиумите да не ги користат овие дезинформации со кои уште повеќе ги повредуваат семејствата“, соопштија од „Беса транс“.

Македонскиот јавен обвинител, Љубомир Јовевски, исто така, ѝ посочи на јавноста дека во автобусот немало резервни туби во кои се шверцувала нафта. Јовевски ваквите информации ги оцени како шпекулации и рече дека тој на местото на несреќата видел три туби, но тие биле празни и не биле изгорени. Според тоа, како што истакна Јовевски, не може тубите да бидат причина за несреќата.

И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски рече дека немал информации дека во автобусот имало туби со нафта.

Бугарските обвинители, пак, вчера излегоа на прес-конференција, изнесувајќи ги првичните наоди од истрагата за големата несреќа. Тие демантираа дека во автобусот имало туби со нафта.

Борислав Сарафов, заменик главен обвинител на Бугарија и директор на Националната истражна служба, изјави дека главниот сомнеж укажува оти најверојатно се работи за човечка грешка, којашто ја отежнале и несоодветните обележувања на автопатот. Сарафов рече дека банкината во којашто удрил возачот со автобусот не само што е непотребна на местото, туку е и опасна. На местото немало експлозија, туку силниот удар што се слушнал бил од ударот на автобусот во банкината. Откачувањето на банкината и стружењето со автобусот, кое било како шмиргла и од кое имало искрење, најверојатно е причина поради која автобусот се запалил, посочи Сарафов.

Оттука е јасно дека немало експлозија, како што се наведува во написот што го рецензираме, а кој шпекулира дека експлозијата настанала поради пиротехничкиот материјал кој се пренесувал во автобусот.

Има верзии дека имало туби со гориво. Таа верзија од нас е отфрлена. Најдени се 3 туби, но биле празни, има остатоци од нафта која ја користи автобусот, а пожарот не настанал од тубите, изјави Сарафов.

Според обдукцијата на бугарските истражители, сите патници во автобусот, починале од задушување, што уште еднаш потврдува дека во автобусот немало никаква експлозија од пиротехнички материјали, бидејќи ако имало такво нешто, траги од експлозијата ќе имало на телата од починатите, а ќе имало и остатоци од експлозивниот материјал. Ништо вакво не е пронајдено на местото од несреќата.

Обдукциите се готови и покажуваат дека сите загинале од задушување, а не од повреди во сообраќајка. Биле живи во моментот на пожарот. Ангажирани се најдобрите авто-технички експерти, а назначена е и анализа од пожарна за интензитетот на пожарот, изјави Сарафов.

Од сето ова може да се зкалучи дека во автобусот на „Беса транс“ не се шверцувале нафта и петарди, како што се посочува во написот што го анализираме. На местото на несреќата биле пронајдени три туби, но тие биле празни и не биле изгорени. Траги од експлозија нема, што значи дека не е точно оти настанала експлозија предизвикана од 30-те илјади петарди кои се пренесувале во автобусот, како што тврди написот. Доказ за тоа е и истрагата која покажала дека сите патници починале од задушување, односно на нивните тела немало траги од експлозија. Според тоа, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
ФИНКИ

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000...