Фото: Принстскирн НМХТ

Одговорот на Основното јавното обвинителство кој по седум години го доби Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) во врска со нападот од 2014 предизвика остра реакција од ЛГБТИ активистите.

„Повод за денешниот протест пред ОЈО е нивниот одговор во врска со насилничкиот напад врз кафулето Дамар во октомври 2014 година, за време на прославата на годишнината од основањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Во одговорот, испратен цели седум години по овој насилен инцидент, стои дека МВР нема форензичка опрема за препознавање и компарирање лица, и поради тоа нема да покренат кривична постапка, затоа што „нема основи на сомнение дека е сторено кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност“.

Програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски кој денес се обрати во јавноста нагласи дека ова известување е запрепастувачко. „Ова апсурдно известување кое доаѓа после седум години, навистина нè запрепасти, затоа што овие институции се одговорни за тоа како се движи општеството, како се однесуваат луѓето кон одредени поединци или групи, конкретно кон ЛГБТИ заедницата. Со ова непостапување, тие не само што го покриваат ова злосторство од омраза, туку ги обесхрабруваат сите други кои доживуваат насилство, да не пријавуваат. Ако обвинителството не постапува во случај зад кој стојат организации, како ќе постапува во случај на поединец во ова општество“, рече Андоновски.

Активистите реагираат и дека покрај случајот со нападот врз Дамар, без никаква разрешница или одговор од обвинителството и понатаму остануваат четири други напади мотивирани од предрасуди и нетрпеливост кон ЛГБТИ заедницата, а кои беа извршени на 22 октомври 2012, 16 декември 2012, 22 јуни 2013 и на 5 јули 2013 година.

Андоновски посочи дека ваквиот однос говори дека Обвинителството постапува со предрасуди и дискриминаторски кон ЛГБТИ заедницата. Тој го повика Советот на јавни обвинители да ја провери работата на обвинителите коишто (не) ги работат овие случаи, а кои со години се нотираат во извештаите на Европската комисија за напредокот на земјава.

Според активистите ова не е прва реакција на граѓанските организации за работата на обвинителството, но со оглед на немањето слух и отсуството на промени во дејствувањето, нема да биде ни последна. „Сметаме дека недовербата на граѓаните во системот и вкупната состојба со владеењето на правото, во голем дел се должи токму на потфрлувањето на обвинителските органи да ја извршуваат својата надлежност доследно и професионално“, нагласија од НМХТ.