Галовеј: 200 земји се согласни дека јагленот е главниот проблем за глобалното затоплување (видео)

Фото: Мета.мк

Одржувањето на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации во Глазгов (КОП 26) беше повод за Новинската агенција Мета да направи интервју со амбасадорката на Обединетото Кралство во Скопје, Рејчел Галовеј. Со амбасадорката разговаравме за клучните успеси што произлегоа од КОП 26, за обврските коишто ги презедоа државите, за предизвиците со кои се соочува Северна Македонија во делот на климатските промени, но и за тоа како Обединетото Кралство може да ѝ помогне на земјава во надминувањето на ваквите предизвици.

Интервјуто со амбасадорката Рејчел Галовеј го пренесуваме во целост:

Конференцијата за климатски промени на ОН КОП-26 се одржа во првите две недели од ноември во Глазгов, а Обединетото Кралство заедно со Италија беа домаќини на овој планетарен настан. Колку Обединетото Кралство е задоволно од постигнатот договор меѓу светските лидери на КОП-26?

Галовеј: Главниот исход од КОП-26 беше тоа што над 200 земји го потпишаа Климатскиот пакт во Глазгов, кој нѐ обврзува да останеме на вистинскиот пат и да не ги зголемиме глобалните температури повеќе од 1,5 степен. Самиот текст на пактот е навистина прогресивен и мислам дека најзабележително во него е тоа што за прв пат во 30 години дипломатија на ОН за ова прашање, 200 земји се согласија дека јагленот е главниот проблем и дека треба да преземеме акција сите заедно, на светско ниво. Сведочевме и на голем број навистина добри под-договори за клучни прашања, од родови до младински ангажмани, земјоделство, шумарство и навистина добри заложби за финансии и ублажување.

Парискиот договор за климатски промени беше потпишан во април 2016 година и светските лидери презедоа обврски. Пет години подоцна, кои се главните теми за кои сметате се повторија како заложба за исполнување на КОП-26 во Глазгов?

Галовеј: Еден од клучните елементи што беше договорен во Глазгов беше дека Парискиот правилник е конечно усвоен и тој всушност ги поставува системите и процесите кои се потребни за да се постигне заложбата од Париз за 1,5 степен. Бевме сведоци и на заложби за финансии, ублажување и адаптација. Што се однесува до финансиите, постои навистина возбудлив исход. Претходно светот се обврза да се обиде да собере по 100 милијарди долари годишно за земјите во развој да се прилагодат на климатските промени, но таа обврска сега е укината, со цел од 2025 година да се собираат по 1 трилион долари годишно. Исто така, забележавме дека заложбите повторно ќе се појават на следниот КОП догодина за да се види како земјите ги исполнуваат целите за емисиите до 2030 година и се обврзуваат да направат повеќе за да ги исполнат побрзо преку поамбициозни мерки.

Повеќе од 100 светски лидери ветија дека до 2030 година ќе го спречат уништувањето на шумите во рамките на еден од главните договори што беа постигнати на КОП 26. Какви активности треба да следат по потпишувањето на ваквата заложба од светските лидери?

Галовеј: Oва е голема заложба и е неверојатно важна. Видовме некои од ризиците за нашите шуми, без разлика дали тоа е дивата сеча, масовното земјоделство или дали е од ситуации што ова лето ги предизвикаа деструктивните шумски пожари овде во Северна Македонија и во регионот. Треба да видиме акции на локално ниво и треба да видиме акции на владино ниво. Станува збор за транспарентни и отчетни стратегии за одржување на шумите, справување со корупцијата и некои од незаконските активности околу сечата и навистина коруптивните однесувања што сме ги виделе во минатото. И порано имало договори за пошумување, но никогаш не добиле финансирање како што доби овој договор. Зборуваме за 19,2 милијарди долари ширум светот за справување со овој проблем во земјите во развој и мислам дека тоа навистина ќе направи разлика и можеме да се надеваме дека ќе постигнеме напредок во наредните години.

Десетици земји се придружија на иницијативата на САД и ЕУ за да се намалат емисиите на метан за 30% до 2030 година, споредено со нивото од 2020 година. Но, исто така, не баш сите водечки светски емитери на метан се приклучија на овој договор. Што треба да се направи за да се убедат сите светски лидери дека тие треба да работат на намалување на емисиите на метан?

Галовеј: Првото добро нешто беше тоа што на 2 ноември одредени земји се согласија дека ќе го потпишат овој договор за метан, а Обединетото Кралство се гордее дека е една од првите земји потписници. Значи, земјите што се согласија, претставуваат 50% од емисиите на метан во светот. Тоа само по себе е огромна заложба и треба да има вистинско влијание, но има земји кои исто така треба да ги натераме да се обврзат, треба да ги убедиме во она за кое науката вели дека е правилно. Треба да им покажеме дека всушност преку технолошките промени оние земји кои веќе се потпишани се способни да ги направат промените без негативно економско влијание, а секаде каде што е потребно финансирање, има простор за адаптација.

Северна Македонија изминатово лето се соочи со огромни пожари, за чие гаснење беше потребна помош од други земји, додека пред пет години во поплавите во Скопје загинаа 22 лица. Колку ваквите катастрофи треба да бидат освестување за овдешните власти во однос на климатските промени со кои се соочуваме?

Галовеј: Мислам дека сте апсолутно во право за трагедиите што ги видовме, шумски пожари овде ова лето, поплави во други делови на Европа, поплави овде пред пет години. Овие природни катастрофи се поврзани со климатските промени. Јас разговарав, на пример, со сопствениците на винарии овде, кои ги забележуваат променливите временски услови кои влијаат врз нивните производи. Значи, луѓето забележуваат ризик за својот животот поради природните катастрофи, како и ризик за нивната економска егзистенција. Локалните власти треба да имаат навистина добри планови за отпорност и кризи и всушност, ние всушност работиме со голем број општини во моментот на пилот-проект за подготовка на отпорност на кризи, воспоставувајќи ги стратегиите и работата што е потребна со властите, за да можеме брзо да реагираме доколку вакви катастрофи продолжат да се случуваат во иднина.

Обединетото Кралство ја претстави својата Стратегија за нето нулта емисија, со која што се обврзува за намалување на јаглеродните емисии и ограничување на глобалното затоплување. Кои од мерките што планира да ги преземе Обединетото Кралство сметате дека се клучни?

Галовеј: Се обврзавме за една навистина амбициозна стратегија, што нè поставува на нето нула емисии до 2050 година. Ние ќе бидеме првата земја во светот што всушност ќе донесе закон, па рековме дека мора да го направиме ова и мораме да го спроведеме. Има некои клучни точки и цели на патот што треба да ги исполниме. Значи, мораме да ги исфрлиме фосилните горива до 2030 година, мора да користиме поинакви возила до 2030 година, се обврзавме да ги извадиме котлите за гас од домовите на луѓето до 2035 година. Она што навистина ни е потребно сега е да вложиме пари во тоа и всушност да се погрижиме да има буџети за секоја наредна година, од сега до 2035 година, кои би ни овозможиле да ги спроведеме стратегиите, бидејќи стратегиите се вистинските, единствено останува да ги спроведеме.

Иако 132 земји на КОП 26 јавно ветија дека ќе достигнат нето емисии пред 2050 година, земји како Кина, Индија, Русија и Индонезија ја одложија оваа обврска за подоцна или воопшто не дадоа никаква обврска за нето емисии. Има ли нешто повеќе што треба да се направи за да се убедат овие земји да застанат покрај останатите 132 земји?

Галовеј: Очигледно ова беше разочарувачки. Ние се надевавме дека сите земји ширум светот ќе поднесат заложби за нето нула емисии до сега и имаше договор да се вратиме следната година и да ги разгледаме нето нула заложбите на сите, како и да дадеме уште една можност на земјите да го сторат тоа. Но, сепак постигнавме напредок. Сите земји сега прифаќаат дека климата се менува и исто така ја прифаќаат и науката зад сето тоа, односно дека човекот е виновникот за климатските промени. Ова е нешто ново. Пред неколку години не бевме овде каде што сме денес. Ниту Русија, ниту Кина не размислуваа на овој начин. Значи, тоа е првиот чекор – да ја прифатиме науката. Следниот чекор е да им докажеме на другите земји дека всушност можеме да ги направиме промените и да продолжиме успешно да ги развиваме нашите економии, дека можеме да направиме новите технологии да функционираат, дека можеме да најдеме алтернативни и ефективни извори на енергија и дека ќе биде обврска за сите нас – да вложиме финансии во напорите и да им покажеме на другите земји дека вреди да се направат овие промени.

Фото: Мета.мк

И Северна Македонија кон крајот на летово ја објави Стратегијата за климатска акција, со зацртаните цели и обврски што ги презема земјата за ограничување на глобалното затоплување. Кои активности сметате дека е суштински важно да ги преземе Северна Македонија во наредниот период за да може да се справи со последиците од климатските промени?

Галовеј: Најпрво, сметам дека Северна Македонија постави една навистина амбициозна низа обврски, но ги поткрепува со вистински стратегии кaко ќе ги испорача заедно со климатската стратегија, со енергетската стратегија, чија подготовка и имплементација ја поддржавме со големо задоволство, бидејќи всушност земјата нема да може да се промени без да се префрли на обновливи извори на енергија кои не ја загадуваат животната средина. Ова ќе биде многу тешко и ќе биде потребна финансиска поддршка за која веќе разговаравме. Другото нешто на кое работи Северна Македонија е 20 годишната национална стратегија за развој, која исто така со задоволство ја поддржуваме. Она што го прават овие стратегии е нешто слично на поставување на темели во целиот опсег на области на работа што навистина треба да се реализираат според овој амбициозен план.

Северна Македонија се соочува со горливи проблеми со аерозагадувањето, управувањето со отпадот, загадувањето на водите и почвите. Кои искуства би можеле да ги преземеме од Обединетото Кралство како позитивни примери за заштита на животната средина и да ги имплементираме во земјава?

Галовеј: Очигледно Обединетото Кралство презеде голем број мерки во последните години. Дел од нив се релевантни само за Обединетото Кралство, меѓутоа, има и многу мерки коишто се релевантни и овде. Така, на пример, во последните неколку недели работејќи заедно со УНДП отворивме Центар за нови вештини во Тетово. Во овој центар, во соработка со Construction Scotland Innovation Centre ги обучуваме луѓето во градежната индустрија, со цел приближување на Зелената агенда, како и на позитивната економска агенда. Во минатото, имавме заеднички проект за како да се управува со отпадот во кој разгледувавме некои од техниките што ги користевме, и сега, има нови закони за управување со отпад овде во Северна Македонија, кои се надеваме дека ќе ѝ овозможат на земјата да го подобри управувањето со отпад за тоа да биде соодветно за 21 век. Исто така, Обединетото Кралство во последните 10-20 години навистина го разви своето законодавство во овие области и сега работи со Министерството за животна средина за тоа како да се подобри законодавството овде, и во исто време да се осигури дека тоа се имплементира.

Амбасадата на Обединетото Кралство во изминатиов период е препознатлива по поддршката на проекти кои придонесуваат кон зголемување на заштитата на животната средина. Гледате ли подигање на свесноста помеѓу граѓаните на ова поле, како и пораст на чувството за одговорност кај институциите изминатиов период?

Галовеј: Едно нешто што секогаш ме воодушевувало откако сум овде, е всушност фактот дека постојат многу луѓе кои се навистина посветени на околината, особено млади луѓе кои водат кампањи за тоа и бараат промени. Всушност, јас сведочев промени во овие неколку години откако сум овде. Еден добар пример е „Разбистри сѐ!“ проект воден од Институтот за комуникациски студии, кој ги обедини научниците, граѓанските организации, медиумите кои работат на еколошки кампањи и ја зголеми оценката за соработка, но всушност и го промени однесувањето на институциите. Министерството за економија прифати дел од препораките на овој проект во законот за минерални суровини кој сега се наоѓа како предлог во Собранието, а Министерството за животна средина ги прифати препораките за управување со водните ресурси. Значи, она што го видовме во овој проект е дека различни делови од општеството се здружуваат и навистина предизвикуваат промени, така што тоа не е само позитивното влијание врз животната средина, туку всушност е и позитивно влијание во однос на доброто владеење и сметам дека ваквиот вид активности и ваквото однесување ќе им помогне на сите земји, вклучително и на Северна Македонија, да можат да изградат одржлива зелена иднина.