Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, завчера и вчера спровел голема акција против шверцери на дрога и оружје, при што се правени претреси за 53 лица во 29 општини во земјава и во Скопје, соопшти МВР.

Иизвршени се претреси на дом и други простории, и тоа кај три лица на подрачјето на СВР Скопје, кај пет лица – СВР Куманово, кај осум лица во СВР Охрид, кај 10 лица – СВР Битола, кај пет лица во СВР Струмица, шест лица во СВР Велес, шест лица во СВР Тетово и кај 10 лица на подрачјето на СВР Штип.

Во активностите се опфатени 53 лица за кои постоеле сознанија дека се инволвирани во шверц со дрога и оружје, а претресите се извршени во 46 куќи и помошни простории, седум станови, пет патнички моторни возила и два деловни објекта во 29 општини и градот Скопје, што соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ – Талевска.

За време на претресите е пронајдена импровизирана мала лабораторија за производство на марихуана во Белчиште, охридско, семки од марихуана, марихуана, хероин, 19 пакувања со прашкаста материја, 18 пакувања со грутчеста материја, 150 грама амфетамин, таблетки, шприцеви со течна материја, повеќе дробилки, ваги и млин, четири ловни пушки, три ловни карабини и една воздушна пушка, еден пиштол, гасен пиштол и шест куршуми, 12 патрони, 46 куршуми и 92 куршуми маневарска муниција, седум рамки за автоматска пушка и поголем износ на пари во различни валути и апоени, од кои само при претрес во Кавадарци се пронајдени 178 илјади денари кои потекнуваат од продажба на дрога.

Досега еден од уапсените добил 30-дневен притвор, а се очекуваат нови кривични пријави во текот на денот.