Црногорските власти го праќаат во Холандија лавчето Симба што се шеташе низ шумите на Будва

Фото: Агенција за заштита на животна средина Црна Гора

Агенцијата за заштита на животната средина на Црна Гора информираше дека по пет месеци престој во оваа земја, лавчето Симба заминува најпрво во Холандија, а штом ќе зајакне, ова диво животно ќе замине во големото прифатилиште на организацијата „Four Paws“ во Африка.

Возилото со лавчето Симба замина на патот долг 2.100 километри до Холандија во придружба на обучена екипа и вработени на Агенцијата за заштита на животната средина на Црна Гора, информираа од оваа агенција.

„Поради основан сомнеж дека учествувале во нелегално внесување на животни во Црна Гора, полицијата уапси три лица. Ова е и прв сериозен одговор на државата на нелегалниот шверц на егзотични животни, а којшто прави сè поголем проблем во државата“, велат од Агенцијата за заштита на животната средина на Црна Гора.

Инаку, Мета.мк во февруари годинава пишуваше за лавчето Симба, кое црногорските власти и волонтери по еднодневна потрага го пронајдоа лавчето, кое неколку дена се шеташе во шумите околу Будва. Откога го пронајдоа, црногорските власти на ова диво животно му ја овозможија неопходната ветеринарна нега.

Од Агенцијата за заштита на животната средина на Црна Гора тогаш упатија апел до граѓаните, во кој потсетуваат дека на дивите животни местото им е во соодветно природно опкружување. Лавчето наводно било во сопственост на странски државјанин кој бил во Будва, но црногорските власти утврдија дека тој немал податоци за неговиот увоз. Тие потсетија дека овие диви животни брзо растат, така што со текот на времето може да постанат опасност за луѓето и животните доколку не се чувани според стриктни протоколи.

Инаку, во септември минатата година и во Македонија се појави случај, во кој лавчето наречено Симба стаса во рацете на кумановци, но надлежните институции сè уште не го пронајдоа. По серијата текстови кои Мета.мк ги објави трагајќи по оваа егзотично диво животно, во октомври полицијата приведе едно лице против кое беше поднесена кривична пријава за чување и оттуѓување на диво животно.

[Видео] Црногорските власти го најдоа пребеганото лавче близу Будва