[Видео] Црногорските власти го најдоа пребеганото лавче близу Будва

Фото: Агенција за заштита на животна средина Црна Гора

Црногорските власти и волонтери по еднодневна потрага го пронајдоа лавчето кое неколку дена се шеташе низ шумите близу Будва. Бојан Башановиќ од црногорската Агенција за заштита на животната средина кој беше надлежен за потрагата за Мета.мк изјави дека лавчето било видно исцрпено кога го заловиле до стара куќа на пат кон селото Крапина и дека сега ќе му биде обезбедена потребната нега.

„Го викаме Симба, сега ќе му обезбедиме ветеринарна нега. Ќе се утврди неговата взраст, а ќе видиме и каде ќе биде сместено бидејќи во Црна Гора нема адекватни услови каде би можеле да го сместиме“, рече Башановиќ.

Тамошната Агенција за заштита на животната средина објави и видео од лавчето со уште едне апел до јавноста во кој потсетуваат дека на дивите животни местото им е во соодветно природно опкружување.

„Дивото животно има место во природата, има свои еколошки барања. Да се ​​потсетиме како ни беше нам за време на корона изолацијата кога со храна, вода, телевизија, интернет – три месеци во затворен простор беа пекол за сите нас. Сега замислете лав кој има цели савани под него, оддалечени стотици километри, да биде осуден на доживотна казна во едно од засолништата. Ништо не може да ја замени природата. А лавот не може да се врати во природа бидејќи до првата година зависи исклучиво од мајката лавица која фаќа и носи плен“, апелираа од црногосрката Агенција за заштита на животната средина.

Тие, изразувајќи благодарност до сите влкучени во потрагата, нагласија дека сите кои би сакале да чуваат диви животни во кафези треба размислат добро за оваа приказна и дека ваквите постапки за животните се трајна осуда на пеколен доживотен затвор.

Светската организација за заштита на природата (WWF) изрази загриженост поради веста за избеганото младенче лав. Според информациите кои ги објави оваа организација, лавчето наводно е во приватна сопственост на странски државјанин лоциран во Будва, но нема податоци за увозот, што укажува дека најверојатно илегално влегол во земјата.

Од Агенцијата за заштита на животната средина на Црна Гора, која вчера организираше голема акција и со бројни волонтери користејќи термални дронови го бараше младиот лав низ шумите во општините Будва и во населбите Мејн, Побори и Марковиќи, нагласија дека лавовите растат брзо.

Од WWF посочуваат дека лавовите не се домашни миленици, а при чување на лавови во оправдани и законски случаи потребно е да се исполнат низа услови за нивно чување во домување што е можно поблиску до нивната природна средина. Освен етичките сомнежи, многу пораспространет проблем е илегалната трговија со диви животни, едно од најпрофитабилните злосторства, од кое според Европол се генерираат над 4,4 милијарди евра годишно во светот. Шверцот со диви животни има катастрофални последици за биолошката разновидност и многу видови се на работ на истребување.

„Иако постојат бројни закони со кои се регулираат кривичните дела против дивите видови, често во пракса ваквите случаи одат под радар поради немање капацитет и недоволна соработка на институциите. Важно е да се воспостави ефикасна и трајна соработка меѓу надлежните институции, да се зголеми бројот на експерти кои ќе се занимаваат исклучиво со овој вид криминал, но и да се едуцира јавноста за нивната сериозност и штетност. Должност на сите нас е да пријавиме злосторства против животната средина, вклучително и шверц, ловокрадство и труење на животни, кои често се меѓусебно поврзани“, вели Сњежана Малиќ-Лимари од WWF Адриа.

Малиќ-Лимари во разговор со Мета.мк рече дека полицијата и царината во регионот, но и обвинителите мора да бидат поактивни и стручно подготвени во спречување на шверцот со диви животни и дека секој случај со шверц треба да има епилог, вклучувајќи го и случајот со лавчето Симба од Македонија, за кое сѐ уште нема информација како стаса во луксузните вили и автомобили на кумановци.

Европските земји многу често се целни пазари и транзитни области за големите мачки како лавовите и тигрите. Покрај увозот на младенчиња или мртви лавови како трофеи, европските земји се транзитни патишта за транспорт на лавовски коски, заби или канџи од Африка во Азија, каде што се користат во алтернативна медицина и како накит. Иако не секогаш излегуваат пред очите на јавноста, ваквите случаи не се невообичаени, а илегалната трговија најчесто вклучува слонова коска, рогови на носорог, водоземци како желки и птици, наведено е во извештајот на WWF.

Според оваа организација, ваквите случаи јасно потврдуваат дека злосторствата против дивите видови се сериозен проблем и во балканскиот регион.

„Работата на WWF е фокусирана на зачувување на природата и дивиот свет, но неопходно е да се вклучат јавноста и институциите со цел да се обезбеди иднината на загрозените животни како оваа голема мачка. Овој лав не предупредува сите дека мора итно да дејствуваме бидејќи системските решенија се долг процес, а загрозените видови немаат многу време“, нагласи Малиќ-Лимари.

Ова е трет случај во изминатите неколку месеци кога властите од регионот се обидуваат да пронајдат лавчиња. Откако во септември минатата година лавчето наречено Симба стаса во рацете на кумановци, надлежните институции сè уште не го пронајдоа. Во меѓувреме по серијата текстови кои Мета.мк ги објави трагајќи по оваа егзотично диво животно во октомври полицијата приведе едно лице против кое е поднесена кривична пријава за чување и отуѓување на диво животно.

Според МВР, во врска со случајот со лавчето Симба се преземаат и дополнителни активности во насока на целосно расчистување, но Мета.мк сѐ уште не доби одговор што се случи со лавчето.

Во ноември Зоолошката градина во Палиќ, на северот во Србија иницираше проверка на снимките од безбедносните камери во близина на кафезите со лавови откако по написот на Мета.мк за лавчето Симба, новинарите од редакцијата Суботичке.рс алармираа дека можеби лавчето потекнува токму од таа зоолошка.

Ова за Мета.мк тогаш го потврди в.д. директорката на оваа институција Соња Мандиќ, но по неколку дена таа ни сопшти дека веројатно не се сочувани сите снимки и потребна е дополнителна анализа, иако остави простор дека е можно мајката лавица да си ги изела новородените младенчиња без да остави никаква трага.

За да знаеме дали е можно доколку се случи лав да изеде младенчиња без да остане никаква трага, Мета.мк разговараше со вработените од ЗОО Скопје кои кажаа дека во зависност од расата, доколку лав изеде животно со крзно или перја во изметот би останале видливи остатоци, бидејќи нивните органи за варење не можат да ги сварат, а во некои случаи останува и крвава трага на местото каде што пленот е изеден.

Сега, по седум месеци откако се појави кумановскиот Симба според сведочења активистите влучени во потрагата, лавот пронајден во Будва е стар меѓу четири и осум месеци и тежи меѓу 40 и 60 килограми. Башановиќ кој во изјава за Мета.мк рече дека заради големиот ризик  во потрагата влкучиле експерт за лавови од Косово, како и дека користелеле обезбедена најсовремена технологија за трагање.

„Знаете дека кај нас во Црна Гора има многу милионери кои не прашуваат за цена само за да добијат вакво прошверцувано егзотично животно“, нагласи Башановиќ.

Според WWF, злосторствата против животната средина и природата денес се четврта најпрофитабилна активност на организираниот криминал во светот, по трговијата со луѓе, дрога и оружје. Оваа област на криминал е во пораст, а УНЕП и ИНТЕРПОЛ (2014) известуваат дека трошоците за злосторствата против животната средина и природата се до 258 милијарди долари, вклучувајќи непроценлива штета за нашата планета, значително намалување на биолошката разновидност и целосно исчезнување на одредени растенија.и животински видови.