!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Високите температури предизвикаа пожари во Грција, Португалија и на Корзика


Лисабон, 14 август, 2017 - 12:13 (META) 

Високите температури и сувиот воздух предизвикаа нови пожари на југот на Европа, а најмногу во Грција, Португалија и на Корзика.

Пожарот што изби во село кај Атина, уништи неколку куќи и го примора локалното население да ги напуштат домовите.

На францускиот остров Корзика поради пожари евакуирани се околу 1.000 луѓе. Пожарите избувнале во четвртокот, пренесуваат локалните медиуми.

Повеќе од 4.000 пожарникари се борат со 250 шумски пожари низ цела Португалија, која побарала помош од Европската Унија во совладување на огнената стихија.

Портпаролката на агенцијата за цивилна заштита, Патрисија Гаспар, изјавила дека во саботата во Португалија избиле 268 пожари, што е најголем број на пожари во еден ден.

Поради топлото лето, во Португалија ова лето се случија најлошите пожари во Европа. Животите ги загубија 64 лица.

 


Дождот изгасна најголем дел од пожарите, соопшти ЦУК


Скопје, 13 август, 2017 - 12:34 (META) 

Најголем дел од пожарите кои беа активни во земјава се изгаснати, по врнежите од дожд кои утрово ја зафатија Македонија, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму информираат дека пожари има на уште пет локации, кои се ставени под контрола.

Како што информираат од ЦУК, под контрола е пожарот во близина на манастирот „Трескавец“ и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село. Таму сè уште гори сува трева, но, како што наведуваат од ЦУК, огнот е далеку од манастирот и нема никаква опасност по него, а на терен има екипа на прилепската противпожарна единица.

Активни, но под контрола, се и пожарите во близина на селата Крушевица и Бонче, кај селото Никодин, шумскиот пожар во атарот на селото Нерово и пожарот кај местото Фрлогоец на планината Бистра.


Пожарот кај манастирот „Трескавец“ повторно активен, соопшти ЦУК


Прилеп, 12 август, 2017 - 13:17 (META) 

Пожарот во близина на манастирот „Трескавец“ и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село, повторно е активен, а на терен се екипи на прилепската територијална противпожарна единица и месното население кои се обидуваат да го локализираат огнот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од ЦУК соопштуваат дека активен е и пожарот кај местото Фрлогоец на Бистра Планина, каде гори сува трева и смрека и ниско стеблеста деградирана дабова шума. На терен се наоѓа екипа на Шумското стопанство „Лопушник“ кое презема мерки за локализирање на пожарот.

Активни се и пожарите кај селата Растеш, Заград и Волче, во општина Македонски Брод.

„Пожарот во атарот на село Грешница во моментов е под контрола и е обиколен со заштитен појас. Во средината гори деградирана нискостеблеста шума. На пожарот во атарот на село Грешница ангажирани се лица од Шумското стопанство Македонски Брод. Појавен е шумски пожар во планинскиот дел близу село Богојци во правецот кон селото Татеши. Пожарот е активен и зафатена е нискостеблеста и дабова шума. На негово гаснење дејствуваат екипи на ТППЕ-Струга и ЈСШП ‘Јабланица’ – Струга“, соопшти ЦУК.


ВМРО-ДПМНЕ: Поради несериозноста на Заев и на Николовски изгореа 2,5 илјади хектари шума


Скопје, 12 август, 2017 - 10:50 (META) 

Поради несериозноста на Заев и на Николовски изгореа над 2,5 илјади хектари шума или опожарена е дрвна маса од околу 12 илјади кубни метри, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„За неполни три месеци од владата на СДС излезе на виделина нивната неспособност и негрижа за проблемите и потребите на граѓаните. Во Република Македонија активни се 15 пожари, а министерот Љупчо Николовски единствените мерки што ги презема е да се намачка со крема со повисок фактор за да не изгори на августовското сонце на луксузните плажи. Конкретни мерки за справување со огнената стихија нема“, стои во соопштението на опозициската партија.

Оттаму прашуваат зошто доколку пожарите биле подметнати, надлежните институции досега не откриле сторител или пак не посочиле ефективни мерки кои ќе превенираат ново подметнување на пожари.

„Поради ваквото несовесно работење, неспособност да се справат со предизвиците и да ги решат проблемите на граѓаните, на 15 октомври СДС ќе се соочи со политичка одговорност и ќе биде делигитимиран од народот“, се додава во соопштението.


По бурната и тензична расправија, Џафери закажа саботно продолжение на собраниската седница


Скопје, 11 август, 2017 - 22:33 (META) 

Минута по 22 часот претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина 6-тата седница, на која се расправа за разрешување на Jавниот обвинител Марко Зврлевски, и го закажа следното нејзино продолжение за утре во 12 часот.

За разлика од тензичната атмосфера меѓу 19 и 20 часот, кога првин пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се собраа околу говорницата и бараа пауза, по што уследи  долга полемика и убедување меѓу Талат Џафери и Илија Димовски и едночасовна пауза, последното денешно продолжение од 21 часот до крајот мина во реплики и контрареплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Во Собранието се појавија и значителен број пратеници од СДСМ и координаторот на нивната пратеничка група, Петре Шилегов.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како и во текот на целиот ден, и последниот час велеа дека предлогот за разрешување на Зврлевски е политички реваншизам на Заев, бараа да се зборува за пожарите, за Законот за јазиците, за Стратегијата за бегалците, како и за задолжувањето на земјата. Тие обвинија и дека власта на СДСМ ја води земјата кон катастрофа и уништување и повеќепати порачаа дека за 70 и нешто денови, власта ја задолжила земјата многу повеќе отколку која било претходна власт во ист или многу подолг период.


МЗШВ презема мерки за заштита на шумите од пожари


Скопје, 11 август, 2017 - 16:56 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) активно презема мерки за заштита на шумите од појава на пожарите, реагираат од Министерството на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека министерот Љупчо Николовски презел низа мерки, меѓу кои и тоа што дал согласност за делумна, а потоа и за целосна забрана за движење во шумите или во одделни нејзини делови од 5 август до нејзино отповикување.

Од Министерството, исто така, потсетуваат дека Владата во согласност со Законот за управување со кризи, донесе одлука за постоење на кризна состојба заради превенција и справување со пожарите на подрачјата Македонски Брод и Чашка.

„Министерот Николовски ги зајакна капацитетите на Државниот инспекторат за шумарство и ловство (ДИШЛ) и му наложи, покрај редовните контроли, да изврши и вонредни контроли врз работата на ЈП „Македонски шуми“, управувачите на заштитените подрачја и приватните сопственици на шуми. По барање на министерот Николовски, шумската полиција ги зајакна контролите на терен, кога беа прогласени делумни и целосни забрани за движење во шума. Се евидентираа сите лица затекнати во шума и истовремено им се укажуваше за опасноста од појава на пожари“, се вели во соопштението.

Од министерството велат дека правните и физичките лица кои преку вршење на својата дејност предизвикуваат шумски пожари, се должни да ја надоместат штетата на субјектите кои стопанисуваат со шумите, како и сопствениците на шуми.

„Сите ангажирани лица од надлежните претпријатија даваат сè од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите, за дел од кои постои сомнеж дека се намерно подменати“, се додава во соопштението.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ ја нема на терен, Николовски не се грижи за шумите


Скопје, 11 август, 2017 - 10:14 (META) 

Влада на СДС ја нема на терен, а министерот за земјоделство, пшумарство и водостопанство мистериозно го снема од земјава покажувајќи целосна негрижа за шумите, велат од ВМРО-ДПМНЕ, во партиското соопштение утрово.

Во него се додава дека десетици пожари се активни, а не е откриен ниту еден сторител.

„СДС свесно испраќа порака дека секое однесување кое е на штета на граѓаните, кое го доведува во опасност нивниот живот, здравјето и имотот, може да мине неказнето. Поради слабата интервенција и неспособноста на владата на Заев, ниту еден пожар не е локализиран навреме, со што е предизвикана ненадоместлива штета. Пратениците од СДС по налог на нивниот шеф Заев бегаат од дебата во Собранието за настанатите пожари кои ја зафатија цела земја“, се додава во соопштението.


Владата денеска ќе расправа за јавниот долг и ќе менува раководители


Скопје, 9 август, 2017 - 11:34 (META) 

Владата на Република Македонија на својата 22. седница денеска ќе расправа за повеќе точки, меѓу кои и смена на раководители на институции.

Членовите на владата ќе ја разгледаат информацијата на Центарот за управување со кризи за активностите поврзани со кризната состојба на дел од територијата на земјава, за периодот откако е донесена мерката до денеска, како и информацијата на Министерството за здравство во однос на препораките од Комисијата за превенирање на последиците од топлотни бранови.

На дневен ред се и извештаите за работата на Судскиот буџетски совет и за реализација на судскиот буџет за 2016 година, како и годишниот извештај за управување со јавниот долг на Република Македонија за 2016 година. Ќе се разгледува и информацијата од Министерството за економија во врска со формирање работни групи за подготовка на нацрт-текст за нов закон за енергетика.


ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за министерот Љупчо Николовски


Скопје, 7 август, 2017 - 14:50 (META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесоа интерпелација за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Пратеникот Зоран Илиоски рече дека интерпелацијата ја поднесуваат затоа што Николовски не успеал да излезе на крај со појавата на шумските пожари и дека за тоа треба да поднесе одговорност.

– Како резултат на несериозноста, неодговорноста и на некомпетентноста на министерот Љупчо Николовски, Република Македонија речиси еден месец е во пламен. На целата територија на Република Македонија се случуваат отворени пожари, односно опожарување на огромни површини високостеблеста формирана шума, со непроценливи последици од трајна загуба и деградирање на шумскиот појас, сериозни еколошки последици врз животната средина, уништување на приватната и на јавната сопственост и доведување во животна опасност на жителите на опожарените региони и населени места – рече Илиоски.

Според Илиоски, шумските пожари и локациите на шумските пожари се намерно предизвикани од страна на актуелната власт, за да се сврти вниманието на граѓаните на Република Македонија од погубните политики што ги спроведува актуелната Влада во досегашниот период.

– Николовски, немајќи капацитет да се справи со настанатата ситуација на терен, дозволи состојбата да ескалира во граници кога е мошне тешко да се контролира и истовремено штетите достигнаа алармантно ниво. Апсурдното однесување на министерот Николовски е до таа мера што му требаа 15 дена од појавата на пожарите на отворен простор и серијата од повеќе од 30 тековни активни пожари за конечно да ја преиспита и да предложи преиначување на одлуката за ограничена, односно делумна во целосна забрана за движење во шумите – додаде Илиоски.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ мора да поднесе одговорност за пожарите


Скопје, 7 август, 2017 - 9:33 (META) 

Поради игнорирањето и ненавременото локализирање на пожарите, СДС дозволи тие со денови да голтаат цели планини со шума и да станат вистинска опасност за огромен број граѓани, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека додека граѓаните молеле и чекале државата да им помогне за пожарите да не стигнат до нивните домови, владата на СДС не мрднала со прст и зад затворени врати, далеку од очите на јавноста, носела закони штетни за Република Македонија и за нејзините граѓани.

„Владата на СДС мора да поднесе одговорност за пожарите зашто поради нивната неажурност и игнорантски однос за ненавремено локализирање на пожарот, дозволи да изгорат пет куќи, се нанесе огромна материјална штета во Поречието и во другиот дел на Македонија каде секој ден пожарите земаат поголем замав“, се додава во соопштението.