Влијанието на климатските промени во пораст: пожарите се закана за шумите, а поплавите за нивите

Анализата покажува дека најзасегнати според бројот на природните непогоди се општините Велес, Неготино и Кавадарци, а најмалку засегнати се општините од Полошкиот и Скопскиот регион

Фото: Мета.мк

Климатските промени и временските непогоди кои се резултат од нив најмногу ги погодуваат Вардарскиот, Источниот и Североисточниот регион, покажува Атласот на природни непогоди.

Над 80 отсто или над 1400 случаи во периодот од 2005 до 2022 година се пожари, десет отсто се поплави, осум отсто се екстремни временски услови, а најмалку се одрони и свлечишта.

Ова се податоците кои ги содржи анализата што ја изработи Центарот за климатски промени во рамките на проектот „Зголемување на отпорноста кон климатските промени на локално ниво“, според податоците кои ги има Центарот за управување со кризи.

Анализата покажува дека најзасегнати според бројот на природните непогоди се општините Велес, Неготино и Кавадарци, а најмалку засегнати се општините од Полошкиот и Скопскиот регион. Најмногу од овие настани се случиле во 2011 и 2012 година, а доминирале пожарите на отворено, пред шумските и пожарите на земјоделско земјиште.

Најголемите штети од овие настани се пријавени за уништени посеви и поплавени ниви во општините Ресен, Ново Село и Валандово. Анализата покажала дека се пријавени штети од само една третина од настаните кои се случиле низ годините, а тие се проценуваат на 83 милиони евра.

Неопходно е да се работи на базата на податоци коja нередовно се полни, да се утврдат механизми за системите за рано предупредување кои се особено важни за пожарите и поплавите. Треба да се евидентираат и високите и ниските температури за да можеме да видиме колку влијаат за појавата на сушни периоди и колкави штети предизвикуваат. Увидовме дека институциите мора да ги приоритизираат овие проблеми, а општините мораат да предвидат поголеми буџети за да можат да се справат со нив, рече Филип Стојановски од ЦКП на денешната презентација на анализата.

Министерката за животна средина Каја Шукова посочи дека освен министерството, улога во борбата со климатските промени имаат повеќе институции како што се Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Управата за хидрометеоролошки работи, а особено општините.

Само така ќе можеме успешно да се справиме со климатските промени. Има многу акции кои што треба да се преземат во делот на митигација  и адаптација и ги повикувам сите активно да работиме бидејќи влијанието се повеќе го чувствуваме, рече Шукова.

Таа посочи дека земјава има изработено четири национални планови за климатски промени во кои детално се анализирани климатски сценарија и нивните влијанија врз најзасегнатите сектори, со предложени мерки за ублажување на влијанијата во сите сектори. Таа го спомена и Законот за климатска акција, кој сè уште се работи и кој се очекува да биде донесен годинава.

Директорoт на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, посочи дека се почесто се соочуваме со природни непогоди како резултат на климатските промени, а се очекува и во иднина да имаат нагорен тренд и да предизвикуваат поголеми штети и последици за животната средина и за здравјето и животот на граѓаните.

Во минатиот период се случуваше да имаме и по триесетина или педесетина пожари на отворено, а минатата година имавме и доста поплави што нанесоа штета на земјоделските посеви. И оваа пролет повторно очекуваме да има поплави, а во летото, кое веројатно повторно ќе биде жешко и суво, и голем број на пожари. Заради тоа ги подготвуваме сите неопходни ресурси за да се справувиме со овие предизвици, изјави Ангелов.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, вели дека институцијата е добро подготвена за справување со непогодите и дека минатата година биле оспособени сите три авиони. Сепак, Максути посочи дека се соочуваат со недостиг на пилоти и апелираше да се подобрат условите за нивно вработување.

Немаме пилоти, треба да ги нормализираме платите и да обезбедиме други бенефиции со коишто ќе ги привлечеме да станат дел од авио-одделението на дирекцијата, рече Максути.