fbpx

Вонредна состојба и евакуација во Британска Колумбија, над илјада пожари беснеат низ Канада

Досега изгорела површина од над 14 милиони хектари, што е приближно на големината на Грција. Во пожарите загинаа четири лица

-

Околу 15.000 домаќинства добија наредба да се евакуираат во канадска Британска Колумбија, додека пожарникарите се борат со бесните шумски пожари кои ги зафатија и домовите.

Канадските власти информираа дека се запалиле „значителен“ број згради во Западна Келоуна – град со околу 36.000 жители, при што повеќе од 2.400 домови се евакуирани, пренесе Би-би-си.

Во целата покраина е прогласена вонредна состојба, при што горат стотици одделни пожари. Воздушниот простор околу меѓународниот аеродром во Келоуна сега е затворен за секаков вид на летала, освен за воздушните противпожарни возила.

Официјалните лица во провинцијата ги замолија жителите да ги почитуваат предупредувањата и ги повикаа „неодговорните“ туристи да престанат да летаат дронови во областа, пренесува Гардијан.

Туристи објавуваат свои искуства од шумските пожари на социјалните мрежи, при што може да се забележат слики од луѓе кои стојат во редици за да ги видат шумските пожари.

Дроновите би можеле принудно да приземјат авиони вклучени во клучните мисии за гаснење пожари, предупреди министерот  за вонредни состојби во Британска Колумбија, Бовин Ма.

Стотици километри северно, огромен пожар се издигнува и кон градот Јелоунајф. Официјалниот рок за евакуација на градот истече во петокот. Локален функционер, како што јавува Би-би-си, подоцна истиот ден изјавил оти речиси сите жители заминале со автомобили или со авион. Градот има популација од околу 19.000 жители.

Во Британска Колумбија под евакуација се околу 15.000 домови, при што 20.000 други се под тревога.

Канада ја има својата најлоша сезона на шумски пожари во историјата, со најмалку илјада пожари кои горат низ целата земја, според Канадскиот меѓуагенциски центар за шумски пожари. Досега изгорела површина од над 14 милиони хектари, што е приближно на големината на Грција и речиси двојно поголема површина од онаа на последниот рекорд од 7,3 милиони хектари. Во пожарите досега загинаа четири лица.

Експертите велат дека климатските промени го зголемуваат ризикот од топло и суво време кое веројатно и понатаму ќе поттикнува шумски пожари.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

АНАЛИЗА: Младите во партиските програми за парламентарните избори

Додека земјава се подготвува за парламентарните и вториот круг од претседателските избори кои се закажани за 8 мај (среда), во центарот на обликувањето на политичката агенда, повеќе или помалку,...