ЦУК: Настрада едно лице при пожар на отворено, има три активни пожари

Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК

Фото: ЦУК, 6 февруари 2024

Регионалниот ЦУК Куманово извести дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од ТППЕ Ранковце пронашле настрадано повозрасно лице при гаснењето на пожар на отворено сношти, при интервенција од 20.30 до 00.10 часот во атарот на с. Псача. Опожарена била сува трева со површина од околу 0,4 хектари.

На местото на настанот увид вршеле екипа на СВР Куманово и медицинска екипа. Настраданото повозрасно лице го изгубило животот, најверојатно, заради гушење од чад. Подетални информации ќе има откако ќе се заокружи истрагата.

Според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи, ЦУК информира дека пожари на шуми и на вегетација на отворено има сѐ уште. Во последното деноноќие имало над десетина регистрирани пожари – запалена трева, нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата.

Од десетината пожари на отворено во последното деноноќие, три сè уште се водат како активни: над с. Лешница (Општина Желино), пожарот на планината Жеден и шумски пожар во атарот на с. Јамиште (Општина Пробиштип). Состојбата се следи од надлежните ангажирани тимови.

Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.986 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 41,15%, а 58,85% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 60,49%, кон Итната медицинска помош 28,70%, кон пожарникарите 7,72%, а кон АМСМ 0,93% од реалните повици кон 112 во ЦУК.