Според извештаите за работа на Единствениот број за итни ситуации 112, викендов биле примени повици во рамки на дневниот просек помеѓу 1.500 и 2.000, а од нив најмногу биле упатени кон полицијата и итната медицинска помош, информираше утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од таму велат дека викендов имале над двојно повеќе итни случаи за комбинирано решавање, кога повеќе институции од Системот за управување со кризи е потребно да реагираат на повик на граѓаните.
Во саботата биле примени 1.676, а во неделата 1.514 повици за итни случаи. За тоа најмногу придонеле локалните поројни дождови, но и други локални случувања.
„Конкретно, ЦУК решава итни случаи од вкупниот број ‘реални’ повици, во просек од 4 до 10% од пријавените, а овој викенд, особено во саботата, тој просек бил 22% – што значи дека имало многу повици за комбинирано дејствување. Тоа, всушност, е и податок дека ЦУК координирал интервенции над двојно повеќе од вообичаениот просек при што, покрај дејствувањето на Полицијата, Итната медицинска помош, Пожарникарите и АМСМ, од ЦУК било координирано да интервенираат и многу комунални и други претпријатија на општините и од други институции, служби и фирми, што се дел од Системот за управување со кризи“, велат од Центарот за управување со кризи.
И покрај поројните дождови и влажното време, вчера биле забележани четири пожари на отворено и сите се изгаснати. Четири пожарникари и едно противпожарно возило вчеравечер гаснеле запалено стрниште и околна вегетација на површина од 2.000 метри квадратни во атарот на селото Горно Коњаре и Катлановска Сушица, покрај стариот пат за Свети Николе во Општина Петровец.
Пожари имало и во селото Добромири, Битолско, како и во Кривогаштани, каде гореле ниска вегетација и стрниште, додека кичевските пожарникари гаснеле запалена бандера.
ЦУК препорачува да се обрне внимание и на апелите на АМСМ дека заради поројните локални врнежи, потребно е да се прилагоди брзината на движење, да се почитува сообраќајната сигнализација, а возилата да се управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово, Кочани – Делчево и Куманово – Крива Паланка.
