Од понеделник започнува новата сезона за парно-греење


Скопје, 12 октомври, 2018 - 12:17 (META) 

Граѓаните и правните субјекти во Скопје кои се поврзани на централниот систем на топлинска енергија, од понеделник, 15 октомври 2018 година ќе почнат да добиваат топлинска енергија, сe до 15 април 2019, кога трае регулираниот период за редовна испорака, информираат од „БЕГ снабдување“.

„Во рамките на овој период, испораката на топлинска енергија се врши по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури. Овие правила и дијаграми се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите одобрена од Регулаторната комисија за енергетика“, се вели во соопштението на компанијата.

Од таму додаваат дека годинава, споредено со минатата година, бројот на нови потрошувачи е зголемен.

„За сите детали за испораката на топлинска енергија, потрошувачите може да се информираат на веб-страницата www.beg-snabduvanje.com.mk (Мрежни правила за дистрибуција на топлинска енергија Прилог 3), или да се обратат до Центарот за грижа за потрошувачи на телефонскиот број 02 3076 200 и на 075 400 100 или преку е-пошта на: contact@beg-snabduvanje.com.mk “, се додава во соопштението.

 


БЕГ: Потрошувачите да проверат дали зградите се подготвени за грејната сезона


Скопје, 28 септември, 2018 - 10:07 (META) 

Согласно законските прописи, грејната сезона може да почне секој ден по 01 октомври, доколку временските услови тоа го наложуваат. Од „Балкан енерџи“ информираат дека сите подготовки на системот за централно греење се направени и истиот е целосно подготвен за новата грејна сезона 2018/2019 година.

„За да може грејната сезона да започне насекаде и навремено, неопходно е станарите да ги завршат проверките и интервенциите на внатрешната инсталација и истото веднаш да го пријават во Снабдување со топлина „Балкан енерџи“. Исто така, Заедниците на сопственици на станови или управителите, за службените лица на компанијата треба да овозможат непречен пристап до топлинските станици во зградите и да обезбедат постојано напојување со електрична енергија, неопходна за нивно редовно фунционирање – платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација. Само доколку сите овие предуслови бидат исполнети, ќе може непречено да биде доставена топлинската енергија до сите потрошувачи“, велат од компанијата.

Во моментов, во околу 190 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешна инсталација, оневозможен им е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици.

„Сакаме да истакнеме дека годинава, бројот на објекти чии инсталации не се комплетно во функција е намален во однос на минатата година. За информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центар за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, а подетални информации за моментално затворените објекти може да се добијат и на веб страната на Снабдување со топлина Балкан Енерџи:  http://beg-snabduvanje.com.mk/customers/pregled-i-veb-prijava-na-defekt/“, се додава во соопштението.


Интересот на граѓаните за да се приклучат на парно-греење се зголемил за 50 отсто


Скопје, 13 септември, 2018 - 12:38 (META) 

Пред стартот на грејната сезона, се поголем е интересот кај правните лица и домаќинствата во Скопје за бесплатно приклучување кон системот за централно греење, информираат од „БЕГ Снабдување“.

„Од почетокот на акцијата, во август годинава, до денеска пристигнати се вкупно 270 барања за приклучок. Споредено со истиот период лани, интересот за приклучување кон системот за централно греење е зголемен за над 50 отсто. Трендот за повторно приклучување се должи на високиот комфор што го добиваат потрошувачите, за најдобра цена, согласно сите еколошки стандарди. Како резултат на континуираната модернизација на системот за централно греење, квалитетот на услугата е значително подобрена. Повеќегодишното подобрување на квалитетот на услугата и намалувањето на цената, која во периодот од 2013 до 2018 година вкупно се намали од 33 до 66 проценти, во зависност од категоријата на потрошувачи, очекувано го зголеми интересот кај потрошувачите за приклучување“, се вели во соопштението на компанијата.

Акцијата за бесплатен приклучок трае до 15 септември 2018 година. Од 16 до 30 септември корисниците ќе плаќаат 50 отсто од предвидените трошоци за оваа услуга, а од 1 октомври приклучувањето ќе се наплаќа во целост, согласно важечкиот ценовник.


РКЕ ја намали цената на парното


Скопје, 30 јули, 2018 - 15:11 (META) 

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на денешната седница одлучи да ја намали цената за потрошена топлинска енергија.

Цената за дистрибуција на потршувачите на БЕГ се намалува 3,1 проценти за Скопје-Север за 0,76 проценти, а за ЕЛЕМ енергетика 1,13 проценти, и новите цени ќе важат од 1 август.

РКЕ ја намали и цената за фиксните трошоци односно цената што ја плаќаа исклучените корисници од системот за топлинска енергија за 8,4 проценти.


Над половина од корисниците, со пониски или еднакви порамнителни сметки за парно


Скопје, 4 јуни, 2018 - 13:23 (META) 

Најголем дел од потрошувачите (62 отсто) оваа година ќе добијат пониски или еднакви порамнителни сметки со авансните, покажуваат податоците на БЕГ – Снабдување со топлина.

Но, од компанијата информираат дека висината на порамнителните сметки е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот како и од измерената количина на испорачана топлинска енергија до самиот објект.

„Иако изминатата грејната сезона траеше шест дена подолго од вообичаеното, сепак повисоките просечни надворешни температури во текот на минатата зима ја намалија испораката на топлинска енергија во централниот систем за топлинска енергија во Скопје. Помалата количина на испорачана топлинска енегија до потрошувачите од прогнозираната ќе биде нивелирана во сметките што потрошувачите за месеците – мај, јуни и јули, кога вообичаено се врши порамнување помеѓу прогнозираната и реално испорачаната топлинска енергија“, велат од БЕГ-Снабдување со топлина.


Владата уверува дека следната година исклучените нема да плаќаат паушал за парно


Скопје, 22 декември, 2017 - 13:40 (META) 

Владата на Република Македонија денеска порача дека домаќинствата кои се исклучени од централното греење во град Скопје, во наредната година ќе бидат ослободени од плаќање на паушалот кој во моментов го плаќаат.

„Проблемот со кој се соочуваат граѓаните, владата предвиде да го реши во рамките на новиот предлог Закон за енергетика. Имено во подзаконските акти на Законот за енергетика кој ќе се воведе во текот на 2018 година се предвидени специфични решенија со кои во рамките на законската регулатива ќе се реши оваа наследена ситуација“, се вели во соопштението од Владата.


Исклучените ќе продолжат да плаќаат паушал за парно-греење, пресече Уставен суд


Скопје, 20 декември, 2017 - 14:07 (META) 

Домаќинствата кои се исклучени од системот за снабдување со топлинска енергија на БЕГ ќе продолжат да плаќаат паушален надомест, пресече денеска Уставниот суд.

Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 66 од правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика, што значи, обрската на граѓаните на плаќање на паушален надомест останува.

Исклучените граѓани од системот на БЕГ, неколку години протестираа против одлуката да плаќаат паушален надоместок за топлинска енергија. Тие најавија и тужба пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.


Поради дефект, центарот на Скопје утрово без парно


Скопје, 17 ноември, 2017 - 9:29 (META) 

Поради санација на дефект на магистралниот вод од дистрибутивната топлинска мрежа од топланата „Исток“ што води кон строгиот центар на градот, корисниците во овој реон утрово се без греење, соопштија од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).

Екипите на одделот за дистрибуција со топлина на БЕГ се на терен и забрзано работат на саниција на дефектот, велат од компанијата.

Според проценките, се очекува дефектот да биде саниран за два часа, по што ќе следи полнење на водот и нормализирање на испораката на топлинска енергија.

Греењето се очекува да се стабилизира околу пладне.

За дополнителни информации потрошувачите можат да се обратат во центарот за грижа на потрошувачи, на телефонот (02) 3076 200.


Утре почнува регуларниот период од грејната сезона


Скопје, 14 октомври, 2017 - 13:52 (META) 

Утре почнува регуларниот период од грејната сезона, кога испораката на топлинска енергија до потрошувачите се врши по строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и од надворешната температура. Овие правила и дијаграми се утврдени во регулативата за испорака на топлина до потрошувачите, одобрена од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

БЕГ информира дека доколку надворешната температура е пониска, се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови во согласност со стандардите, односно температура во домовите не пониска од 20 до 21 Целзиусов степен.

При одредени атмосферски услови на доволно топло време, кога не е потребно никакво греење, се прекинува испораката на топлинска енергија во периодите на висока надворешна температура, а веднаш по намалувањето на надворешната температура под определените вредности, греењето повторно се вклучува.


Снег на Водно, Скопска Црна Гора, Попова Шапка и на Маврово


Скопје, 7 октомври, 2017 - 11:18 (META) 

Падот на температурата придонесе и за појава на првиот снег во планинските предели. Првата снежна покривка денеска е регистрирана на Водно, Скопска Црна Гора, Попова Шапка и на Маврово.

На социјалните мрежи веќе се појавија и фотографии од првиот снег, кој е невообичаен за овој период од годината.
Од УХМР претходно соопштија дека во текот на денот ќе има повремени врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на еден квадратен метар, а на планинските предели, на надморска височина над 1.500 метри ќе има врнежи од снег.

Во текот на денот ќе дува умерен, повремено засилен северозападен ветер, кој на моменти ќе дува си брзина до 70 километри на час, а дневната температура ќе се спушти до 16 Целзиусови степени.

Во Скопје и во околината денеска ќе биде променливо облачно со повремен дожд и со температура до 10 Целзиусови степени.
Поради драстичниот пад на дневната температура, БЕГ и „ЕЛЕМ Енергетика“ порано ја почнаа грејната сезона.