Данокот на додадена вредност (ДДВ) на парно-греењето ќе се намали од 18 на пет отсто информираше денеска премиерот Зоран Заев по одржувањето на состанокот на Интересорската група за животна средина.

„Намалувањето на данокот ќе значи и пониски сметки за парно греење за околу 11 отсто или за 220 денари месечно, односно 2.600 денари годишно. Намалувањето на данокот ќе биде дополнителен поттик за граѓаните кои се греат на парно, да не се исклучат од системот, но и стимул на него да се приклучат нови 10.000 корисници“, рече Заев.

Тој додаде дека оваа мерка е дел од владиниот План за чист воздух и намалување на загадувањето, а ќе профункционира од следната грејна сезона.

„Ако на тоа се додаде и евтината тарифа што  беше воведена, мерките за намалување на загадување и тоа како ќе дадат резултат“, потенцираше Заев и препорача до сите институции кои се греат на нафта или мазут да преминат на еколошки енергенс.

Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули рече дека оваа мерка е остварување на дадено политичко ветување и е во правец на директивите на Европската комисија.

Според него, ова ќе значи економска, енергетска и еколошка ефикасност. На парно ќе се приклучат студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, гинекологија во Чаир, згради со социјални станови, како и Јавното претпријатие за станбен простор.