Корисниците на парно од БЕГ оштетени за 6,66 милиони евра, МВР со кривични пријави за поранешна Регулаторна

Комбинираната електрана ТЕ-ТО Скопје | Фото: Мета.мк

МВР поднесе кривична пријава против поранешни членови на Регулаторната агенција за енергетика (РКЕ), поради издавање лиценца за работа на „Балкан енерџи груп“, кој е операторот што снабдува најголем дел од Скопје со топлинска енергија, но и поради тоа што овозможиле оваа компанија незаконски да дојде до поголем профит.

Вкупната штета што со тоа им е нанесена на приклучените на парно во Скопје, кои биле корисници на БЕГ е проценета на 6,66 милиони евра.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР поднел кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување против Д.П. (51), пpетседател и член на РКЕ до јуни 2018 година, потоа С.Ј. (61), која е и поранешен и актуелен член на РКЕ, како и против В.К. (65) и Е.М.В. (51), поранешни членови на РКЕ до март 2017 година.

Тие се товарат дека спроотивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци за вршење на енергетски дејности, во декември на три правни субјекти им доделиле лиценци за вршење на регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, без при тоа да бидат исполнети условите и критериумите објавени во ноември 2012 година со јавните повици за три оператори – за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.

Станува збор за фирмите „Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“, „Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“ и „Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ“.

Покрај тоа, како што наведува МВР, осомничените во 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година, противправно и спротивно на Правилникот за цени и системски услуги, донеле Одлуки за утврдување на регулиран максимален приход, со кои на трите фирми од конгломератот Балкан Енерџи Груп им се признавал трошок поголем од дозволениот и со тоа им било овозможено да остварат приход поголем од регулираниот дозволен максимален приход.

Вкупната штета што со тоа им е нанесена на граѓаните – корисници на услуги е проценета на 6,66 милиони евра, тврди МВР.