fbpx

БЕГ: Немаме обврска да продолжиме со производство на топлинска енергија

-

„Балкан Енерџи Груп“ (БЕГ) – Производство смета дека нема ниту правен основ да располага со топланите, ниту обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона. Тие, исто така, сметаат дека немаат доволно финансии да набават гориво за производство на топлинска енергија. Ова го соопшти денеска компанијата откако викендов вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека сè додека не се избере економски оператор, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија до изборот на нов носител на лиценцата.

Тој, исто така, посочи и дека согласно законот, БЕГ мора да има и резерви на гас и други суровини за да обезбеди топлинска енергија.

Но, од компанијата во соопштението кое е истакнато на веб-страницата, посочуваат дека согласно со член 51 од Законот за енергетика имале законска обврска да продолжат да ја извршуваат дејноста до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен.

Од БЕГ-Производство исто таа наведуваат дека во тој период компанијата продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона.

„БЕГ-Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите“, велат тие.

Според нив, компанијата била финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби што ги оствариле претходната грејна сезона како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не биле покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика.

Поради овие причини, како што додаваат, на 09 јуни годинава, до Регулаторната комисија за енергетика поднеле барање за престанок на лиценцата.

„На 20.06.2022 год. РКЕ донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ – Производство“, се вели во соопштението од компанијата.

Во врска со договорот за деловно – техничка соработка помеѓу БЕГ – Производство и АД ЕСМ наведуваат дека неговата важност била до 31 март годинава, односно тој е истечен.

Истовремено, на веб-страницата на компанијата БЕГ-Снабдување, која е сестринска компанија на БЕГ – Производство стои соопштение во кое велат дека ќе ја вршат дејноста и ќе доставуваат фактури до потрошувачите до избор на нов носител на лиценца.

„Согласно член 51 од Законот за енергетика, Службен весник РСМ бр.96/18, Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје до изборот на нов вршител на јавната дејност снабдување со топлинска енергија има обврска да ја врши дејноста и да доставува фактури за топлинска енергија до потрошувачите“, се вели во соопштението.

Кога на почетокот на месецот граѓаните реагираа за енормно поскапените сметки, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) Марко Бислимовски побара од БЕГ да ги сторнира сите сметки за август коишто се испратени до потрошувачите и да се изготват нови сметки, во коишто ќе биде вкалкулирана субвенцијата којашто ја добиваат граѓаните од страна на владата.

Тогаш од Влада рекоа дека разликите за субвенции ќе бидат исплатени кога БЕГ ќе ги подмири долговите и ќе си ги порамни сметките со државната ЕСМ.

БЕГ пријави сериозни трошоци за изминатата година, по што на почетокот на 2022 година, државната ЕСМ го презеде управувањето и со парното во Скопје. Како причина беа наведени високите цени на енергенсите, поради што компаниите не можеа да обезбедат финансирање на грејната сезона без државна помош.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...