ЕСМ уверува дека се прават обиди да не поскапи струјата за домаќинствата што штедат

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски | Фото: Принтскрин

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска најави дека се прават максимални напори од сите енергетски чинители и институции за да не дојде до покачување на цената на електричната енергија од јануари идната година.

Ковачевски, на брифинг со новинарите, најави дека е можно и извесно намалување на цената на електричната енергија, за првиот и вториот блок, која ги опфаќа домаќинствата и оние кои живеат во мали објекти, трошат малку и штедат, како и дека е можно зголемување во четвртиот блок, каде се најголемите потрошувачи.

„Наша заложба е да нема значително зголемување на цената на струјата, иако трендот на зголемување на цените на енергенсите, на електричната енергија, на производството и на берзанските цени укажува дека треба да има значително зголемување на цените“, рече Ковачевски.

Од АД ЕСМ информираат дека производството на електрична енергија е стабилно и во пораст, а се намалува набавката на енергија. Набавената количина е наменета исклучиво за дополнителните снабдувања по одлуки на Владата кои беа пред се донесени како енергетски мерки, додека домаќинствата и малите потрошувачи се задоволуваат исклучиво од сопствено производство.

Во моментот АД ЕСМ работи со сите капацитети во полн погон, освен блок 3 во РЕК Битола. Набавен е јаглен за РЕК Битола, а привршува постапката за обезбедување јаглен и за РЕК Осломеј. ТЕЦ Неготино работи со два котли и планирано е да произведува со максимален капацитет до 30 април, информираат од компанијата.

Почната е и постапка за набавка на природен гас за потребите на топланите за греење на градот Скопје за периодот јануари-април. Договор се очекува до крајот на декември.

Во однос на парното греење во градот Скопје, директорот Ковачевски информираше дека друштвата кои го работат делот на производство и снабдување со топлина целосно ги презедоа своите ингеренции во однос на испораката на топлинска енергија, воспоставен е нов билинг систем, сметките се испорачуваат и од следниот месец ќе почне изедначување за испорака на сметките во вообичаениот термин во месецот. Набрзо ќе се овозможи он лајн плаќање, за што привршува инсталирањето на софтверот.