fbpx

Од симбол на солидарноста до универзална негрижа – хроника на Универзалната сала

Салата што некогаш служеше како симбол за солидарноста на постземјотресно Скопје, или она што беше останато од неа, денеска замина во историјата

-

Утрово изби застрашувачки пожар во Универзалната сала во центарот на Скопје. Полицијата се обидуваше да ги престрои луѓето додека пожарникарите се бореа против пламенот, а веќе полураспаднатата Универзална сала за помалку од еден час си го запечати своето место како објект од историјата. Од ова историско здание остана само новата метална конструкција која, исто така, беше делумно опожарена.

Фото: Мета.мк, 09 април 2024 г.

Универзалната сала е (или беше) еден симбол на скопската култура. Низ неа имаат поминато „Златно славејче“, „Златна бубамара на популарноста“, „Скопски џез фестивал“ и безброј други манифестации и локални и светски артисти.

Иако речиси десет години е затворена и постојано заплеткана во ветувања за нејзина реконструкција, историја на овој симбол на градот е всушност испреплетена со многу солидарност, како голем број од постземјотресните градежни проекти во главниот град.

Фото: ЈУ Универзална сала

Идејата за салата доаѓа по организирањето на годишната културно уметничка манифестација „Средба на солидарноста“. На средбите учествувале уметници и спортски екипи од земјите кои помогнале и донирале при обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Но, набрзо се јавува проблем со фестивалот – во руинираното Скопје немало соодветен простор за одржување на Средбите на достојно ниво. Оттука се раѓа идејата за „универзална“ сала.

Повеќе од 35 земји донирале за изградбата на салата, како и туристите кои биле во Скопје на денот на земјотресот, како што е објаснето и на познатиот натпис пред самата сала.

Фото: ЈУ Универзална сала

Објектот бил изграден од бугарската фирма „Техноекспортстрој“. Дизајнот на салата е моделиран по Националниот циркус во Софија, изграден во 1962 година, кој пак црпи инспирација од циркусот во Копенхаген, кој бил моделиран според Пантеонот во Рим.

Софиски државен циркус. Фото: Спомени от Народната република

Циркус во Копенхаген. Фото: Kåre Thor Olsen, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Конструкцијата на салата брзо започнува. Веќе втората „Средба на солидарноста“ во 1965 година се одржува тука и покрај тоа што таа е недовршена.

По успешната „Средба“, се одржува „Вечерта на забавни мелодии“, диригирана од маестро Александар Џамбазов, каде учествувале музичари од Словенија, Парагвај, Русија, Италија и Бугарија. Кратко по овие настани, се остваруват и првите две драмски претстави во салата, изведени од белградскиот театар „Атеље 212“, кои ги одиграле „Зад затворени врати“ и „Чекајќи го Годо“.

Сите овие настани се одржале во 1965 година, пред салата официјално да се отвори на 10 јануари 1966 година. За отварањето повторно се погрижуваат „Атеље 212“, кои ја изведуваат драмската претстава „Виктор или деца на власт“.

Од 1966 година наваму, Универзалната сала е дом на низа незаборавни настани, меѓу кои се истакнуваат гостувањето на Филхармонискиот оркестар од Лос Анџелес во 1967 година, мјузиклот „Коса“ во 1971 година и секако легендарниот Скопски фестивал, домот на пејачи како Славе Димитров, Зафир Хаџиманов, Нина Спирова.

Салата беше позната и по својата исклучително добра акустика. Токму таа ја направи совршената локација за „Скопскиот џез фестивал“, чие прво издание во салата се одржува во 1985 година. На фестивалот имаат настапувано легенди од светската џез сцена како Реј Чарлс, Маршал Ален и Пет Метини.

Фото: ЈУ Универзална сала

Универзалната сала за многумина е тесно врзана и со спомени од деството, каде од 2006 година се одржуваат фестивалите за детска музика „Поточиња“, „Супер ѕвезда“, „Златно славејче“,  згора на многуте детски претстави кои се одржуваа секоја година.

Но, изминатата деценија, салата не беше исполнета со разнолика програма.

Во 2013 година, градоначалникот Коце Трајановски најави дека објектот ќе се уривa за да се изгради нова сала во форма на јајце. Во 2015 година, салата се затвора откако дел од таванот се урива и паѓа на седиштата. Истата година, таа е преименувана во Конгресен центар „Александар Македонски“.

Сепак идејата за „јајцето“ пропаѓа и салата почнува да се реконструира летото 2021 година, во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, под старото добро познато име. Но, реконструкцијата запира со мандатот на градоначалничката Данела Арсовска, која тврдеше дека плановите за изградба биле небезбедни.

По низа одбивања од страна на владеачкото мнозинство со Советот на Град Скопје,  иницијативата Владата, односно Министерството за култура, да ја преземе на надлежноста за реизградба на објектот беше прифатена во септември 2023 година. Наредните месеци беше во застој заради административни бариери.

Реконструкцијата на салата во 2021 година. Фото: Мета.мк

На 19 февруари годинава, за реконструкција на фасадата и кровниот покривач на Универзална сала, Министерството за култура склучи договор со градежната компанија Универзал – Балкан, во вредност од 1,9 милиони евра. Еден месец подоцна, на 26 март беше поставена нова купола на салата.

Универзалната сала ден по пожарот од 9 април 2024 година. Фото: Мета.мк.

На 9. април 2024 година, салата изгоре до темел. Остана само нејзината метална конструкција. Пожарникарите успешно го згаснаа пламенот, но со тоа се чини дека згасна и надежта за некаква иднина за овој културен храм кој изгледа дека ќе остане само дел од нашите сеќавања, а на негово место можеби ќе никне некое ново „јајце“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ФЗО протестира – се бараат повисоки плати и разрешување на Управниот одбор

Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) денес протестираат со три барања, потврди претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски. Нивните...