Во мај годинава ќе започне реконструкцијата на Универзална сала, откако ќе заврши тендерот за изведувачките работи. Таа ќе остане во автентичниот изглед, во постојниот облик и големина, за и понатаму да биде во колективната меморија како симбол на солидарноста. Тоа го посочи премиерот Зоран Заев, кој заедно со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска го најавија почетокот на реконструкцијата на Универзална сала, со промовирање на проектот изработен од архитектот Бујар Муча, даден како донација.
„Во времето кога е изградена Универзална, таа ја пренесе пораката до постземјотресно Скопје, дека животот мора да продолжи. Денес, во услови на светска пандемија, кога започнуваме со нејзина обнова, Универзална повторно ја носи истата порака. И уште еднаш солидарноста доаѓа до израз. Архитектот Муча и неговото архитектонско биро „Мегарон“ на Град Скопје и на скопјани им го отстапија идејниот проект за реконструкција, како донација“, рече Шилегов.
Тој потсети дека Владата одвои 120 милиони денари (2 милиона евра) од буџетот за реализација на проектот кој е од големо значење за скопската и за македонската култура.
„Со повторното отворање на вратите на Универзална, кои се пет и пол години затворени, ќе се создадат услови Скопје во 2028 година да ја понесе титулата европска престолнина на културата. Владата секогаш ќе биде инспирирана од проекти кои се од непосреден интерес и придобивка за граѓаните“, изјави премиерот Зоран Заев.
Согласно проектантските насоки, ќе биде задржана постоечката форма, со внатрешна реорганизација на просторот и нови, современи материјали за фасада, а самиот објект ќе биде енергетски ефикасен.
Во текот на минатата година, преку ребаланс на буџетот беа поддржани вкупно 19 капитални инвестициски проекти во општините низ земјава, во вредност од 244 милиони денари или 4 милиони евра. Преку Министерството за култура, за следната година се планирани 217.000.000 денари за продолжување на изградбата на Турскиот театар во Скопје, за втората фаза од театарот и библиотеката во Тетово, како и за завршните работи на театарот во Струмица.