fbpx

Започна реконструкцијата на Универзална сала, легендарните столчиња заминаа во историјата [галерија]

-

Започна реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје. Столчињата од гледалиштето што имаше капацитет да прими околу 1.500 лица деновиве беа изнесени од објектот – симбол на солидарноста што целиот свет ја покажа кон Скопје по земјотресот од 1963 година. Просторот околу Универзална сала е ограден веќе неколку недели, а во моментов се врши и ископот на земја на платото пред концертната сала.

Градот Скопје на почетокот од јуни годинава го склучи договорот за реконструкција на Универзална сала, кој е во вредност од речиси 1,9 милиони евра. Градежните работи на терен ќе ги изведува скопската фирма „Универзал-Балкан“, додека архитектот Бујар Муча и неговото архитектонско биро „Мегарон“ на Градот Скопје и на скопјани им го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзална како донација.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вети дека автентичниот изглед на Универзална сала нема да се менува, објектот ќе го задржи постојниот облик и големина за да се сочува колективната меморија за Универзална како симбол на меѓународната солидарност искажана кон Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година.

Идниот изглед на Универзалната сала; Извор: Скриншот од видео од Град Скопје

Историските податоци велат дека Универзалната сала започнала со работа во далечната 1966 година. Концертната сала беше затворена во 2015 година, откако подолг период претходно чекаше да дојде на ред нејзината реконструкција. Во меѓувреме, во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ беше преименувана во „Конгресен центар Александар Македонски“.

Објектот има извонредно интересна историја. Универзалната сала била проектирана од бугарските архитекти Станкови (Јарослав, Љубомир и Владимир) и нивната сестра К. Станкова-Мутафова. Занимливо е да се спомене дека по идентичен проект бил изграден објектот на Софискиот циркус, којшто настрадал во катастрофален пожар во 80-тите години на минатиот век.

Универзалната сала е симбол на меѓународната солидарност, бидејќи во обезбедувањето средства за нејзината изградба учествувале со свои донации дури 35 земји од целиот свет. Со свои донации во финансиски средства во изградбата на Универзалната сала учествувале: Авганистан, Австралија, Аргентина, Боливија, Бразил, Гвинеја, Ирак, Иран, Индонезија, Израел, Јордан, Јемен, Јапонија, Камбоџа, Куба, Канада, Кипар, Либан, Либерија, Луксембург, Мали, Монголија, Мароко, Монако, Нигерија, Нов Зеланд, Пакистан, Судан, Сенегал, Сирија, Шри Ланка, Турција, Тунис, Уругвај, Чиле и странски туристи кои ја посетиле Југославија.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...