!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Офанзива на ирачките сили против последниот град под контрола на ИД


Багдад, 11 ноември, 2017 - 13:00 (META) 

Ирачките сили денеска покренале офанзива за заземање на Рава, последниот град под контрола на Исламска држава.

Заземањето на Рава ќе значи крај на периодот на владеење на ИД над териториите во Ирак и Сирија, заземени во 2014 година.

Во офанзивата против милитантите во Рава учествуваат две ирачки пешадиски дивизии и сунитски племенски сили.

Сириската војска прогласи победа над терористите на 9 ноември, кога го зазеде градот Абу Камал, последната населба под контрола на ИД на границата на Сирија со Ирак.

Сириската војска и нивните сојузници и понатаму се борат против милитантите во пустинските области во близина на Абу Камал.


Исламска држава протерана од најголемото нафтено поле во Сирија


Деир ез-Зор, 22 октомври, 2017 - 17:51 (META) 

Паравоените сили што ја имаат поддршката на САД денеска објавија дека го освоиле најголемото нафтено поле во Сирија во офанзивата против милитантите на Исламска држава (ИД) во источниот дел на земјата, јавуваат светските медиуми.

Сириските демократски сили соопштија дека утрово ја презеле контролата над нафтеното поле Ал-Омар на источниот брег на Еуфрат. Со воздушна поддршка од САД, сириските демократски сили се борат во регионот на Деир ез-Зор, кој е најголем град во источниот дел на Сирија и седми по големина во земјата.

Сојузничките курдски и арапски паравојски се фокусирани на територијата источно од реката Еуфрат, која ја дели областа богата со нафта.

Сириската војска, со воздушна поддршка на Русија, а помогната од паравојските под контрола на Иран, води одвоена офанзива против Исламска држава, претежно на западниот брег на Еуфрат.

Нафтеното поле Ал-Омар е сместено на околу 10 километри северно од градот Ал-Мајадина, кој стана силна база на милитантите на ИД откако сириските проамерикански сили ги протераа од градот Рака.


Ирачките сили во офанзива во Киркук


Багдад, 16 октомври, 2017 - 10:13 (META) 

Курдските претставници во Ирак денеска соопштија дека федералните ирачки сили и милицијата, кои имаат поддршка од државата, повеле „голем и повеќекратен напад“ за да го заземат спорниот град Киркук.

Регионалниот совет за безбедност на Курдистан соопшти дека курдските пешмерга-сили уништиле најмалку пет возила од типот „хамви“ кои ги користела милицијата, по „неиспровоциран напад“ јужно од градот.

Во Киркук, мултиетнички град со повеќе од еден милион жители, граѓаните се затвориле во домовите, а на улиците повремено одекнуваат детонации и се слушаат артилериски и ракетни истрели.

Тензиите во оваа област се во пораст откако Курдите минатиот месец одржаа необврзувачки референдум, на кој се изјаснија за осамостојување од Ирак.

Централната Влада во Багдад, Турција и во Иран не ги признаваат резултатите од референдумот.


Ирачката војска почна офанзива против ИД во близина на границата со Сирија


Багдад, 16 септември, 2017 - 14:48 (META) 

Ирачката војска почна офанзива за ослободување на градот Акашат од џихадистите на Исламска држава, изјавил денеска генералот Абдул-Амир Рашид Јар Алах, јавуваат агенциите.

Според генералот, целта на операцијата е обезбедување на границата со Сирија во подрајчето северно од важниот автопат кој го поврзува Багдад со Сирија и со Јордан.

Портпаролот на здружената воена команда, Јахја Расул, рекол дека меѓународната коалиција предводена од САД пружа поддршка од воздух во операцијата.

Акашат е мал град во западниот дел на Ирак, јужно од стратешки важните градови Каим, Рава и Ана, кои и понатаму се под контрола на џихадистите.

Инаку, Исламска држава загуби најголем дел од териториите што ги зазеде во 2014 година.


ИД го напушта сириско-либанскиот граничен регион


Бејрут, 29 август, 2017 - 11:50 (META) 

По еднонеделни борби, конвој со припадници на Исламска држава почна, во согласност со договорот, да ја напушта сириско-либанската граница во придружба на сириската војска.

За време на минатите денови, најмалку 11 припадници на либанското шиитско движење Хезболах и седум сириски војници загинаа во офанзива на ИД во западниот сириски регион Каламун, наведе Хезболах.
Сириската војска и Хезболах во неделата објавија прекин на огнот во офанзивата против ИД.

Прекинот на огнот стапи на сила во согласност со договорот за завршување на борбата во Каламун против ИД.

Либанската војска објави прекин на огнот на својата страна на границата, каде се водеше борба против екстремистите на ИД.


Ирачката армија почна офанзива за ослободување 150.000 затвореници во Мосул


Мосул, 18 јуни, 2017 - 12:00 (META) 

Ирачката армија денеска почна офанзива за заземање на Стариот град во Мосул, кој е под контрола на Исламска држава (ИД) и последниот дел од големиот град контролиран од милитантните исламисти. Офанзивата е и за ослободување на околу 150.000 заробеници на ИД.

Телевизиските снимки покажуваат чад како се издига од Стариот град во Мосул, а се слушаат и многу пукотници. Биле расфрлени летоци во кои на населението му се даваат упатства како да се евакуира преку „безбедните коридори“. Се смета дека во Стариот град живеат околу 150.000 цивили, голем дел од нив претходно кидпанирани од ИД, која ги користела како жив штит и ги донела во стариот дел на Мосул.

Кампањата на ирачките војници, поддржани од САД, за целосно преземање на градот, вчера влезе во својот деветти месец. Офанзивата за стариот дел на Мосул е поддржана со напади од воздух од леталата на коалицијата предводена од САД.


Повеќе од 50 жртви на офанзива на Исламска држава во Сирија


Хама, 18 мај, 2017 - 19:30 (META) 

Повеќе од 50 лица биле убиени денеска во напад на т.н. Исламска држава во две села под контрола на владата во провинцијата Хама во Сирија, а некои од нив се егзекутирани откако биле заробени, извести Сириската опсерваторија за човекови права.

Милитантите на Исламска држава (ИД) ги нападнале селата Акареб и Ал Мабуџе, близу стратешки важниот автопат помеѓу градот Хама и Алепо. Според опсерваторијата, најмалку 15 од жртвите се цивили, а убиени се и најмалку 27 војници или припадници на милиции лојални на власта на Башар ал Асад.

Сега ИД целосно го контролира Акареб, а сириската влада испраќа воено засилување во реонот.

Контрола врз територии на провинцијата Хама имаат владините сили, бунтовниците и ИД. Милитантите го имаат под контрола главно источниот дел на провинцијата.


Ирачката војска ги зазеде главните владини објекти во Мосул


Мосул, 7 март, 2017 - 10:37 (META) 

Ирачката војска ноќеска ги зазела главните владини објекти во Мосул, во рамките на офанзивата за протерување на милитантите на Исламска држава (ИД) и за воспоставување целосна контрола над градот, јавува „Би-би-си“.

Како што пренесува британскиот национален сервис, напредувањето на ирачката војска може да го отвори патот за напад на густо населениот стар дел од Мосул, каде милитантите на ИД се сè уште позиционирани.

Мосул е последното упориште на ИД во Ирак. Источниот дел на градот беше заземен од ирачката војска во јануари годинава.

Цивилите, кои секојдневно го напуштаат градот, како што пренесува „Би-би-си“, посведочиле за синоќешните најжестоки бомбардирања од почетокот на офанзивата на ирачката војска за заземање на западниот дел од градот од милитантите на ИД.

Иако владините објекти во Мосул биле во голем дел уништетни во нападот, сепак нивното заземање се оценува како стратешка и симболична победа.


Ирачката војска покрена офанзива против ИД во Мосул


Мосул, 19 февруари, 2017 - 12:18 (META) 

Премиерот на Ирак, Хајдер ал Абади објави дека ирачките воени сили покренале офанзива против џихадистите кои во градот Мосул го држат западниот брег на реката Тигар. Ова би можела да биде најбруталната битка до сега во склоп на операциите за заземање на Мосул кој трае четири месеци.

-Нашите сили започнуваат ослободување на граѓаните од теророт на Исламска држава. Ние доаѓаме да ја ослободиме западната страна на Мосул – рече ал Абади во краткиот говор.

Во оваа операција веднаш од рацете на ИД преземени се две села јужно од Мосул на пат кон аеродромот во тој град.

Ирачкиот генерал Абдуламир Џаралах објави дека силите кои се предводени од единиците на ирачката федерална полиција успеале да заземат две села.

Ирачката авијација вчера фрли милион летки во западниот дел на Мосул со порака до жителите дека претстои непосредна копнена офанзива која ќе ја протера ИД од нивното место на живеење, соопшти денеска ирачкото министерство за одбрана.

Летките содржат упатства до граѓаните да се подготват да ги дочекаат со добредојде ирачките сили и да ги предупредат припадниците на ИД да ги остават оружјето и да се предадат.


Жестока офанзива на Мосул, се слушаат експлозии и пукање


Мосул, 29 декември, 2016 - 10:34 (META) 

Ирачките сили утринава, по две недели затишје, ги продолжија борбите за Мосул, кој се наоѓа во рацете на Исламска држава, соопштија извори блиски до ирачките сили за безбедност.

Војската на Ирак, со помош на авијацијата, специјалните единици и на полицијата повела офанзива на неколку предградија на Мосул.

Странските новински агенции јавуваат дека жителите на Мосул се заробени во своите домови и оти на улиците одекнуваат експлозии и пукање.

Офанзивата на ирачката војска за ослободување на Мосул, втор по големина ирачки град, почна на 17 октомври, две години откако градот падна во рацете на ИД.

Ослободувањето на Мосул би можело да доведе до протерување на ИД од Ирак, со што џихадистите би биле ограничени само на Сирија, каде се наоѓа и Рака, градот кој го прогласија за престолнина на својот калифат.

Мосул е меѓу првите градови што џихадистите ги зазедоа и стана главно упориште на ИД во Ирак.