Градежните компании ќе може да ја следат динамиката на офанзивата за изградба на патишта во државата, ако има добар план и организација, одговори на новинарско прашање претседателот на  Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Ивица Јаќимовски.

– Компаниите имаа капацитет да го спроведат овој план ако има добра организација, основен проект и континуитет во извршувањето. Потребно е да биде обезбедена динамика на реализација, редовно сервисирање на обврските и плаќања, поставување на рокови. Но, релизацијата на изградбата на патната инфраструктура ќе зависи и од временските услови – рече Јаќимовски.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, рече дека планот за изградба на патната инфраструктура е јасен и не гледа проблеми во изведбата, бидејќи средствата се обезбедени.

– На тендерите на Јавното претпријатие за државни патишта може да се јават сите заинтересирани домашни компании, бидејќи постапките ќе бидат транспарентни. Најголем дел од компаниите кои ги градат автопатиштата се домашни, а тие се и главни подизведувачи. Така што нашите градежни фирми се максимално вклучени во изградбата на инфраструктурата-  рече Сугарески.

Денеска во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) компaниите разговараа со Сугарески за можностите за стимулирање и развој на секторот, актуелната состојба, законската регулатива, како и за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење.

Согласно најавениот буџет и инвестиции, Градежната комора на Македонија очекува стабилизирање и подобрување на состојбата во градежништвото .

Јаќимовски апелираше до властите да се носат поквалитетни детални урбанистички планови, затоа што за непланското градење, вината не ја гледа во инвеститорите, туку во локалната самоуправа.