Повеќе од 50 лица биле убиени денеска во напад на т.н. Исламска држава во две села под контрола на владата во провинцијата Хама во Сирија, а некои од нив се егзекутирани откако биле заробени, извести Сириската опсерваторија за човекови права.

Милитантите на Исламска држава (ИД) ги нападнале селата Акареб и Ал Мабуџе, близу стратешки важниот автопат помеѓу градот Хама и Алепо. Според опсерваторијата, најмалку 15 од жртвите се цивили, а убиени се и најмалку 27 војници или припадници на милиции лојални на власта на Башар ал Асад.

Сега ИД целосно го контролира Акареб, а сириската влада испраќа воено засилување во реонот.

Контрола врз територии на провинцијата Хама имаат владините сили, бунтовниците и ИД. Милитантите го имаат под контрола главно источниот дел на провинцијата.