Кавадарчанец одбивал лекарска помош, а потоа бил пронајден мртов


Кавадарци, 26 март, 2018 - 15:02 (META) 

Кавадарчанец вчера ноќта бил пронајден починат пред Здравствен дом Кавадарци, откако претходно пијан правел проблеми на вработените и одбивал лекарска помош, соопшти МВР.

Случајот го пријавиле дежурните медицински лица во 1.10 часот вчера, кои на кавадаречките полицајци им кажале дека првин непознато лице во пијана состојба ги навредувало и одбивало да му се пружи лекарска помош, а кога непосредно пред телефонски да го пријават случајот за да видат што се случува со човекот, излегле надвор и го нашле починат.

По извршените проверки констатирано е дека се работи за Ј.М. (48) од Кавадарци. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот ќе биде предадено на обдукција.


„Фени“ отиде во стечај


Велес, 29 ноември, 2017 - 17:11 (META) 

Основниот суд Велес денеска го усвои предлогот за стечајна постапка на комбинатот „Фени“ од Кавадарци, кое го поднесоа „Комерцијална банка“, „Стопанска банка“ и „Силк роуд банка“.

Не беше прифатена понудата за купување од бугарската фирма „Енекод“ од 65 милиони евра, од кои 29 милиони евра долг кон банките.

За стечаен управник е назначен Мирослав Анастасиевски од Гостивар.

Трите банки доверители во рок од 15 дена треба да ги достават побарувањата. Тие претходно посочија дека понудата на бугарската фирма е несоодветна.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев на седницата за пратенички прашања во петокот посочи дека за компанијата биле заинтересирани швајцарски фонд, француско-израелска корпорација и англиски фонд, а имало и понуди од 30 милиони евра.


Искршен излог на изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци


Кавадарци, 30 септември, 2017 - 13:06 (META) 

Искршен излог на изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ на улицата Моша Пијаде во Кавадарци бил пријавен вчера претпладне во полициската станица во градот.  Како што извести МВР, стаклото било искршено со камен во периодот од завчера вечерта до вчера наутро. По сторителот се трага.


Протест за работничките права во 12 часот на плоштадот кај „Ибни Пајко“ и во Кавадарци


Скопје, 1 мај, 2017 - 10:57 (META) 

Здруженијата што ги штитат работничките права за денеска, 1 Мај – Денот на трудот, во 12 часот, најавија голем синдикален протест на кој ќе ги истакнат нивните барања кои треба итно да бидат прифатени од страна на надлежните власти.

Потписниците на Повелбата за солидарност на синдикатите и на здруженијата за заштита на работничките права до работничките, работниците и до сите граѓанки и граѓани на Република Македонија испратија и првомајски проглас во кој се вели дека нема демократија без социјална правда и без економска рамноправност.

„Работничките права се подлога на сите други граѓански права, бидејќи 99 отсто од луѓето ја обезбедуваат својата елементарна егзистенција преку својот труд. Традицијата нè обврзува, но современата работничка стварност десеткратно повеќе нè притиска да излеземе на улиците на Меѓународниот ден на трудот. На 1 Мај огласуваме нова етапа во нашата синдикална борба, во која здружено мораме да се фатиме во костец со угнетувањето кое ни иде од различни страни. Мораме да го возвратиме ударот со подобра организација на нашите капацитети, појасна артикулација на нашите заложби и помудра стратегија за нивното постигнување“, се вели во прогласот.

Протестот ќе почне во 12 часот, пред зградата на Дом „Ибни Пајко“ кај Камен мост.

И партијата Левица по повод Интернационалниот ден на работничката борба, 1 Мај, денеска повика нa протест за работнички права и за социјална правда. Оваа година Левица ќе го организира својот првомајски протест во Кавадарци, градот во кој, според нив, „се гледа сета работничка беда настаната како резултат на странските инвеститори – експлоататори“.

Протестот кај кружниот тек во новиот центар ќе почне во 12 часот.


Гевгеличани утре на референдум ќе одлучуваат за рудниците на Кожуф


Гевгелија, 22 април, 2017 - 12:48 (META) 

Жителите на Гевгелија, утре на референдум ќе одлучуваат дали се „за“ или „против“ отворање рудници за злато на територијата на општината. Како што пренесоа медиумите, Владата изминатиот период дала концесии на меѓународни компании за геолошки истражувања на две локации во општината Гевгелија, односно на падините на планината Кожуф.

Активистите на Граѓанското здружение „Спас за нас“ од Гевгелија, кое ја почна иницијативата за референдумот, стравуваат дека деталните геолошки истражувања ќе се вршат со експлозив и со голема механизација, а при одвојувањето на златото од рудата ќе се користи цијанид, што негативно ќе влијае на животната средина и на здравјето на луѓето.

За референдумско изјаснување поради истите причини, како што пишува „МКД“, се подготвуваат и општините Валандово и Кавадарци.

Во Валандово, украинската компанија „Сардич“ веќе доби концесија на 35 години за рудникот за бакар Казандол и до крајот на годината треба да почне со експлоатација на рудата.


Тренер од Кавадарци доби кривична пријава за сексуален напад на 13-годишно девојче


Кавадарци, 31 март, 2017 - 13:38 (META) 

Тренер на стрелечки клуб од Кавадарци доби кривична пријава од полицијата за педофилија, односно за полов напад врз дете кое не наполнило 14 години.

Според МВР, Б.П. (68) од Кавадарци, во период од околу три месеци, во просториите на стрелечки клуб лоциран во гимназијата „Добри Даскалов“, како тренер повеќепати вршел полови дејствија над тринаесетгодишно девојче.

Судија на претходна постапка на пријавениот му одредил мерка притвор во траење од 30 дена.


Кавадарци одбележа 25 години од загинувањето на Сашко Гешовски


Кавадарци, 6 мај, 2016 - 13:50 (META) 

Во Кавадарци денеска беа одбележани 25 години од смртта на Сашко Гешовски, кој загина во Сплит во 1991 година, на 20-годишна возраст, како војник. На неговото вечно почивалиште цвеќе положија претставници на АРМ, гарнизон Криволак, борците од НОБ и граѓани.

Сочувство до семејството изрази и градоначалникот Александар Панов.

– Респект и поклонение пред оваа жртва и симболика на распадот на Југославија. Секогаш ваквите настани и настаните што следуваа по загинувањето на Сашко, треба да бидат поука за да не се повторат. Уште пред некое време посакав Македонија и Кавадарци да не бидат во средината на интересите на поголемите сили. Истото тоа го препорачувам и сега, Кавадарци и Македонија да стојат што понастрана од глобалните интереси и Македонија да не биде предмет на интересирање за каква било алчност на некоја од големите сили. Се надевам дека и ние, како Македонци, ги извлековме историските поуки, како од распадот на Југославија, така и од претходниот период – рече Панов.


Пожар во две куќи во Кавадарци


Кавадарци, 7 февруари, 2016 - 17:40 (META) 

Две куќи се запалија денеска во центарот на Кавадарци. Според првичните информации на територијалната противпожарна единица од овој град, причината за првиот пожар е неисправната електрична инсталација. Во вториот случај, пак, најверојатно се работи за неправилно изведен оџак кој се запалил.

На двете локации интервенирале по две возила и по четворица пожарникари. Илчо Богевски, командир на територијалната противпожарна единица, апелираше до кавадарчани и до росоманци да бидат повнимателни, а за сите информации и за помош, да се обратат до територијалната противпожарна единица.


Џоломарите од Тиквешијата на карневал во Словенија


Кавадарци, 6 февруари, 2016 - 18:15 (META) 

Џоломарите од кавадаречкото село Ресава заминаа на карневал во словенечкиот град Птуј.

– Ќе бидеме дел од карневалскито дефиле, кое ќе се одржи денеска и в недела. Ќе ја промовираме историјата, традицијата и културата на Тиквешијата. Со лицата исцрнети со саѓи, страшните кожувчиња, вревата од клопотарците и со стаповите, ќе ги избркаме злите духови и ќе направиме место за среќата и за позитивната енергија – вели Никола Ризов, кој е дел од џоломарската група.

Џоломарската тајфа од Ресава е надалеку позната по мистичноста на маските на џоломарите, кои со векови привлекуваат внимание со нивните пагански игри и ритуали.


Во Кавадарци почина бебе


Кавадарци, 9 ноември, 2015 - 11:55 (META) 

Утрово, околу 4.45 часот, од Здравствен дом Кавадарци во Полициска станица Кавадарци е пријавено дека кај нив е донесено починато бебе.

По наредба на надлежен јавен обвинител, како што соопштуваат од СВР Велес, полициски службеници работат на целосно расветлување на настанот.

Од Јавното обвинителство од Велес потврдија дека наложиле обдукција. Од кавадаречката служба за итна помош изјавија дека бебето не давало знаци на живот и дека лекар од службата само ја констатирал смртта.

Бебето било однесено до кавадаречката општа болница, од каде пријавиле во полиција.