Европски град со најголемо загадување на воздухот денеска е Скопје. Според податоците на IQ Air, индексот на квалитетот на воздухот US AQI за Скопје е 174 и градот е влезен во црвената зона на места каде воздухот е нездрав. Скопје утрово е деветти по загаденост град во светот според квалитетот на воздухот.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри е надминат на мерните места во Скопје – Центар и Лисиче, Кичево, Кавадарци и Струмица. Имено, надмината е вредноста од 150 mg/m3 во текот на два последователни денови, а и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи покажува дека треба да стапи на сила прагот на алармирање.
Среднодневните концентрации на ПМ-10 честичките во Центар на 22 декември биле 160 микрограми на метар кубен, а веќе на 23 декември достигнале 248,51 микрограми на метар кубен. Во Лисиче завчера имало концентрации на ПМ-10 во износ од 189,94 микрограми на метар кубен, а вчера 259,01 микрограми на метар кубен. Прагот на алармирање со загадување од над 150 микрограми на метар кубен е надминат и во Кичево, Кавадарци и Струмица.
„Од страна на МЖСПП доставена е информација за надминување на прагот на алармирање до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и до општина Битола за епизодата на алармантно загадување на воздухот. Согласно заклучоците од записникот од 40-та седница на Владата на Република Македонија одржана на 28.11.2017 година, за Градот Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица стапуваат на сила препораките и мерките во случај на надминат праг на алармирање“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
И апликацијата „Мој воздух“ утрово мери екстремно загадување на воздухот на речиси сите мерни места во Скопје, првенствено предизвикано од високото присуство на ПМ-2.5 и ПМ-10 честички во воздухот. Поради екстремно загадениот воздух, на граѓаните им се препорачува да ги затворат прозорците во своите домови, да избегнуваат активности на отворено и задолжително да носат маска за загадување доколку излегуваат надвор.
Граѓаните во периодот на огромно загадување на воздухот се советува да го користат јавниот превоз и возилата да не ги користат без поголема потреба, како и повеќе лица препорачливо е да се возат со едно возило во исто време. За да не се допринесува за натамошно загадување на воздухот, особено важно е да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал, но и правилно да се да се користат печките за дрва.
И покрај тоа што воздухот е енормно загаден во Скопје, засега нема реакција од општинските власти од Скопје, кои преку инспекциските служби се директно одговорни за проверка на локациите на кои традиционално се согорува отпад на дивите депонии кој дополнително го загадува воздухот. Исто така, нема податоци за тоа дали и колку често овие денови се врши контрола врз индустриските капацитети во Скопје кои имаат удел во загадувањето на воздухот.
Од СДСМ денеска реагираат на загадениот воздух во Скопје, барајќи од градоналниците на ВМРО-ДПМНЕ во скопските општини да преземат мерки.