Пет македонски градови ќе се справуваат со аерозагадувањето со помош на Шведска и УНДП

За првпат во земјава ќе се спроведе и мерење на загадувањето на воздухот во затворен простор

фото: УНДП

Во пет општини –  Кавадарци, Струмица, Гостивар, Струга и Куманово, изворите на загадување на амбиентниот воздух ќе се идентификуваат со најсовремена опрема и методологија, при што за првпат во земјава ќе се спроведе и мерење на загадувањето на воздухот во затворен простор. Истражувањата ќе ги вршат Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип (УГД) и лабораторијата „Амбикон“, а ќе се спроведат и во неколку училишта и градинки во општините каде што ќе се мери загаденоста не само со ПМ честичките, туку ќе се утврдува и анализира и присуството на епидемиолошки, бактериолошки и органски компоненти.

Станува збор за втората фаза од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој е финансиран од Шведска, а го спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Денеска во Штип беа презентирани опремата и методите кои ќе се користат за мониторингот.

Министерката за животна средина Каја Шукова истакна дека добивањето на вакви научни податоци и зајакнувањето на капацитетите на општините се од исклучителна важност во справувањето со загадувањето на воздухот.

„Општините се главната алка во дизајнирањето на добри локални планови и соодветни и ефикасни мерки што одговараат на специфичните локални услови и во нивната имплементација. Ние ги помагаме и финансиски и логистички. Од нашите инвестициони програми досега имаме финансиски поддржано изработка на планови за справување со аерозагадувањето за 10 општини каде што мерењата покажаа највисок степен на аерозагадување“, рече Шукова.

Шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин рече дека Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида) продолжува да ѝ помага на Северна Македонија да се справи со предизвиците во заштитата на животната средина, со посебен акцент на аерозагадувањето и управувањето со отпадот.

Постојаниот претставник на Обединетите Нации, Армен Григорјан, посочи дека преку студиите за распределување на изворите на загадување, локалната власт во петте градови ќе знае со сигурност што го загадува воздухот во нивните општини и на тој начин ќе може да се планираат и спроведуваат соодветни мерки.