fbpx

Како потфрли третманот на кучињата скитници во Гостивар? Наместо засолништа, уништен мебел и смрдеа

Изгледа дека општинските власти заборавија на овој проблем, посебно по пандемијата, кога и започна уништувањето на прифатилиштата во Бајница, пишува Порталб

-

Ако излезете на прошетка низ гостиварските улици за да уживате во топлите пролетни денови или, едноставно, за да ги извршувате секојдневните обврски, голема е можноста да ве придружуваат и кучиња скитници, чиј број во последните години е доста зголемен. Жителите на овој град, особено родителите, стравуваат за своите деца бидејќи се случува кучињата понекогаш да бидат и агресивни и да ги напаѓаат минувачите.

Изгледа дека општинските власти заборавија на овој проблем, посебно по пандемијата, кога и започна уништувањето на прифатилиштата во Бајница. Од двете засолништа за кучиња промовирани во 2019 година, на терен не останало ништо освен напуштени згради во кои може да се најде трева, стапови, градежен шут, многу лоша смрдеа. Порталб.мк ви ја пренесува приказната за потфрлувањето на третманот на кучињата скитници во општина Гостивар.

Соживот со стравот 

Вознемирувачки се податоците кои ги добивме од општата болница Гостивар, од каде што велатт дека во просек по три лица месечно минуваат низ ужас, како последица на каснување од куче. Само во 2023 година биле пријавени 102 случаи на лица на кои им била потребна медицинска помош откако биле нападнати од кучиња скитници, а од почетокот на 2024 година до 1 мај биле пријавени 15 лица. Од друга страна, во полиција не се пријавуваат сите случаи на каснувања, па така според статистиките на Секторот за внатрешни работи, лани во регионот на Гостивар биле евидентирани 94 лица каснати од кучиња скитници, а од јануари до мај регистрирани се 11 случаи.

Во разговор со Порталб.мк жителите на овој град и околните села велат дека живеат во страв, посебно кога треба да излезат на улица. Покрај ризикот од физички повреди, тие често доживуваат и психолошка траума. Една девојка ни раскажа дека ѝ се случува и во сон да бега од кучињата.

„Ме нападнале и тоа повеќе од еднаш и сега сум истрауматизирана, ми се случува тие сцени да ми се повторуваат и во сон. Се плашам кога одам по улица и многу пати сум принудена да ја менувам насоката на движење поради кучињата“, вели таа.

Колку за потсетување, таа стравува да не заврши како 17 годишната Џејлан Меџити, која во ноември 2018 година додека се враќала од училиште била нападната од куче и во обид да избега падна во водите на реката „Вардар“ и се удави.

Според еден груг граѓанин проблемот е што никој не е безбеден, а кучињата пренесуваат и разни болести.

„Низ градот има полно кучиња, тие се и шугави, болни и нечисти. И децата и возрасните се плашат да не бидат каснати кога излегуваат навечер. Наутро се плашам да одам во џамија на утринска молитва затоа што кучињата скитници чекаат на улица за да не нападнат. Државата да се грижи и да ги третира кучињата како што тоа се прави на запад“, вели еден жител на гостиварско село.

2018 – Тежок почеток

Една година откако Арбен Таравари го почна првиот мандат како градоначалник на Гостивар во ноември 2017 година оваа општина почна да се занимава со проблемот со кучињата скитници. Првиот јавен оглас дека во Гостивар ќе се гради стационар за третман на кучињата скитници на територијата на општина Гостивар е објавен во јули 2018 година. Според информациите од Општината, физибилити анализата направена во 2018 година покажала дека во Гостивар имало околу 700 кучиња.

„Тендерот е веќе објавен и наскоро ќе биде пуштен во употреба стационарот за третман на кучињата скитници кои ќе бидат заловени на територијата на општина Гостивар. Во еден од поранешните објекти на поранешната касарна ќе има 20 боксови за кучиња, ќе бидат ангажирани двајца ветеринари кои ќе ги вакцинираат и стерилизираат кучињата скитници, ќе им ставаат чипови под кожа како гаранција дека се чисти и доколку има заинтересирани, ќе можат и да ги посвојат. Доколку се оди според предвидената динамика, стационарот ќе може да се пушти во употреба до крајот на овој месец“, нагласи во 2018 година Таравари.

Но, работите не се одвиваа според очекуваната динамика бидејќи општината имаше проблеми со дозволата за работа од надлежните органи на централната власт затоа што стануваше збор за државен објект.

Три месеци подоцна, во октомври 2018 година, во Тетово започна вакцинацијата, кастрацијата и микрочипирањето на кучињата скитници кои беа заловени на територијата на општина Гостивар од страна на ветеринарниот центар „Дог енд Кет“.

„Кучињата ги однесовме во Тетово на третирање бидејќи во Гостивар немаше услови и дозвола за користење на прифатилиштето, соработката траеше до отпочнувањето на проектот со УНДП кога се склучи договор со клиниката „НОВА ВЕТ“, изјави за  Порталб.мк Рами Селмани, сопственикот на „Док енд Кет“.

2019 – Кучиња во засолниште 

Без да добие соодветна дозвола за засолништата, на 13 мај 2019 година општина Гостивар се опреми со возило за заловување на кучињата, донација од проектот на УНДП во соработка со Центарот за развој на планскиот Полошки регион. На овој настан накратко беше кажано дека е отворено првото прифатилиште и дека се вакцинирани и стерилизирани 240 кучиња скитници.

Два дена подоцна, на 15 мај 2019 година, на седницата на Советот на општината беше изгласана „Програмата за третман на кучињата скитници“, и според општинскиот советник, Миртезан Селими, „општината отворила стационар кој без усвојување на програмата не може да добие дозвола за функционирање и ние како советници мора да ја усвоиме оваа програма која е означува почеток на третирањето на кучињата скитници“.

Риниса Тоска од Здружението за заштита на животните „Амос Пет“ за Порталб.мк вели дека ова здружение соработката со општина Гостивар ја започнала два месеци подоцна, односно од 16 јули 2019 година.

„Амос Скопје оствари повеќе средби со општина Гостивар на кои се разговараше за многуте проблеми што ги имаше градот Гостивар со прифатилиштето за кучиња и воопшто со кучињата скитници во градот. Овие средби резултираа со потпишување на еден меморандум за соработка. Целта на овој меморандум беше да се добие дозвола за користење на единственото прифатилиште во Гостивар, да се заловат кучињата скитници и да се вдомат во постојани домови. Со меморандумот беше предвидено да храната за згрижените кучиња се обезбеди од Амос. Од разни донатори здружението обезбеди: железо, плочки, цемент, контејнери за храна и вода и слично. Општината во соработка со Комунална хигиена Гостивар обезбеди средства за еден вработен кој ќе се ангажира како помошник во прифатилиштето. Во еден момент општината издвои и 150.000 денари за покривање на трошоците за лекување на болните кучиња и за нивно заловување, и тие средства ги префрли на сметката на Амос“, изјави Тоска.

Но, овој договор, подоцна беше раскинат.

„Во тоа време веќе започнало со работа новото прифатилиште во Гостивар финансирано од УНДП. Ние не бевме вклучени во ова прифатилиште, а ниту пак во нејзиното финансирање“, додаде таа.

Од самиот почеток на преземањето на одговорноста за гостиварското прифатилиште од страна на Амос се појавија разни предизвици.

„Вратите што ние ги поставивме со сопствени средства постојано беа вандализирани, што неколкупати резултираше со ослободување на кучињата од засолништето во текот на ноќта. Водоводниот систем претрпе чести оштетувања, често оставајќи го засолништето без вода. Имаше случаи кога наоѓавме отров фрлен во прифатилиштето , за среќа кучињата секогаш беа затворени навечер и пред да ги пуштиме наутро го проверувавме прифатилиштето“, рече Тоска.

„И покрај сите овие предизвици Амос успеа да третира 88 кучиња за 9 месеци и на 52 од да им најде постојан дом во Северна Македонија, Албанија, Англија, Германија и Белгија. Останатите 36 кучиња ги однесовме во Скопје по прекинувањето на соработката со општина Гостивар“, рече таа.

Шест месеци потоа, на 25 ноември 2019 година, општина Гостивар и официјално го пушти во употреба вториот стационар за кучиња скитници од проектот во рамки на Програмата „Дај ми засолниште за спас“, финансирана од регионалната програма во Западен Балкан ReLOaD со финансирање од ЕУ, со кофинансирање од општина Гостивар и имплементација од страна на УНДП. Во пуштањето во употреба на новиот стационар учествуваше градоначалникот Арбен Таравари, кој во оваа прилика изјави дека се третирани околу 500 кучиња, а дел од нив се сместени во двата стационари за кучиња скитници.

Идејата беше овој проект да трае пет месеци (до април 2020 година) и со него да раководи здружението „Иги“ во Гостивар и потоа одговорноста за работата на стационарот и вработените да ја преземе општината.

Овие изјави за Порталб.мк ги потврди Анета Филиповска од здружението „Иги“, наведувајќи дека по овој период кучињата и прифатилиштето биле запоставени.

2020 – Пандемијата и суровиот третман

Годината на пандемијата беше тешка како за луѓето така и за кучињата во прифатилиштето. Неколку дена по прогласувањето на вонредната состојба поради вирусот КОВИД-19, од засолништето протекоа мрачни снимки, обвиненија за малтретирање на животните, па дури и други сомнежи.

„Фотографии од дворот на таканаречениот нов стационар за бездомни животни во Гостивар. Една активистка од таму сведочи дека кучињата биле оставени гладни и дека страшно смрделе. Не ја пуштиле да влезе внатре, наводно внатре имало агресивни кучиња, кога фрлија леб преку ѕидот и тие за малку ќе се испотепаа. Како што можете да видите на сликата тие гледаат надвор преку импровизиран отвор низ бетонскиот ѕид. Никаде нема врати или прозорци, а уште помалку греење. Има ли активисти од Гостивар и од регионот да сведочат за условите во кои работи и се наоѓа стационарот во Гостивар? Дали животните навистина се стерилизирани и кастрирани, а потоа се вратени назад? Локалните жители се жалат дека кучињата не се вратени откако биле земени“, се вели во објавата од 12 април 2020 година.

„На 15 април 2020 година преку телефонски повик од општината бевме известени дека прифатилиштето што го реновиравме ние ќе го користат и други лица. Причината за ваквата одлука, според нив, е нашиот бавен напредок во изнаоѓање на соодветни домови за  кучињата од прифатилиштето. Кога има многу страни кои се вклучени во управувањето со прифатилиштето, многу лесно може да се направи хаос што ќе доведе до конфузија и несогласувања. Ова не беше предвидено во нашиот договор со општината. Оваа ситуација ние ја протолкувавме како сигнал за раскинување на договорот. Истиот ден ние ги преместивме сите кучиња кои беа под наша грижа во Скопје“, рече Тоска.

Но, кучињата беа запоставени и никој не се грижеше за нив. За тоа сведочи и изјавата на првиот човек на Гостивар, Арбен Таравари три месеци подоцна (07.07.2020) кој рече дека „двете прифатилишта одамна не функционираат поради пандемијата на Ковид 19 и парламентарните избори, и не се продолжени договорите за работа на лицата ангажирани во овие две прифатилишта“. Тој рече дека „во наредните денови ќе профункционираат двете прифатилишта, а третманот на кучињата ќе продолжи како и порано“.

Но, во декември 2020 година протекоа уште пострашни сцени од терен, од опозицијата која ја обвини Општината за суров третман.

„Од сликите што ги гледаме, ситуацијата е сурова. Едното прифатилиште е надвор од функција, а другото е логор за кучињата затворени внатре. Без осветлување, без вода, без храна и без никакви основни услови, овие кучиња престојуваат зад овие зидови 4 месеци по ред. Не се лекувани и не им се пружа никаква грижа“, се вели во објавата на Фејсбук.

Според опозицијата, за три години се потрошени над 80 илјади евра за проблемот со кучињата скитници и проблемот не е решен. Општината беше обвинета дури и за труење кучиња.

„Сега одеднаш, неколку недели пред изборите, низ целиот град наоѓаме многу, многу отруени кучиња“, рече Аделиса Мазлами.

Од оваа година почна целосното уништување на стационарите.

2021 – Teндерите 

Оваа година, по олабавувањето на мерките за пандемијата, во јуни 2021 година општината се врати на третманот на кучињата и го објави тендерот за „Заловување и професионален третман на бездомни и нерегистрирани кучиња на територијата на општина Гостивар“ потпишан со ветеринарната клиника „НОВА ВЕТ ДООЕЛ Гостивар“ во вредност од 1.416.000,00 денари. На овој тендер не беше опфатено „одржувањето на прифатилиштето“ но се наведува дека „Општината нуди бесплатно користење на зградата со бр.10 на стационарот и комбето за кучињата скитници“.

Според договорот, тендерот траеше една година, до 24.06.2022 година.

Но, проблемот со кучињата не е решен, жителите преку петиции побараа да се реши проблемот со кучињата скитници.

2022 – Нерешен проблем

Општината повторно го обнови договорот со „НОВА ВЕТ ДООЕЛ Гостивар“ со исто едногодишно времетраење, од 15.06.2022 година до 15.06.2023 година и за истиот износ од 1.416.000,00 денари. Но, овојпат разликата е што во договорот е опфатено и одржувањето на прифатилиштето.

Но, од стационарот во Бањица не останало ништо за одржување, бидејќи на терен сè е уништено. Ветеринарната клиника само ја извршила својата обврска за третман на кучињата.

Во мај 2022 година беа објавени видеа од засолништето на кое може да се види дека кучињата не се под ничија грижа.

Но, и после тоа, Таравари се уште тврдеше дека во општината што тој ја води има два центри за третман на кучињата скитници, притоа барајќи регионален центар.

2023 Одржувањето на непостоечките стационари

Во февруари 2023 година, општината признава дека во Гостивар има околу 1.000 кучиња скитници, наспроти 700 колку што имало во 2018 година, а Таравари пак повторно изјави дека имаат два центри за лекување, но без да го спомене зборот прифатилишта, како и ја истакна потребата од изградба на едно регионалниот стационар.

Општината во јуни 2023 година склучи договор со ветеринарната амбуланта „Дог енд кет“ со исто едногодишно времетраење, од 15.06.2023 до 15.06.2024 година и со нешто повисока сума на пари, од 1.770.000,00 денари. И во овој договор пишува дека е опфатено „одржувањето на прифатилиштето“. Но, на тоа приватното, на амбулантата.

Договорот со ветеринарната амбуланта „Дог енд кет“, кој во документот фигурира дека има времетраење до следниот месец, всушност заврши по два месеци, во август 2023 година.

„Договорот беше од 16.06.2023 година, кој ќе важеше до јуни годинава, но за два месеца работата беше завршена и десет месеци не сме во соработка бидејќи во градот Гостивар имаше многу кучиња и средствата се потрошија за два месеци. Заврши бидејќи толку имаше буџет, изјави ветеринарот на клиниката „Дог енд кет“, Рами Селмани.

До крај на 2023 година, додека стационарите останаа уништени, не беше изградено ниту регионалниото прифатилиште за кучињата скитници во Полог, кое што потсетуваме беше предизборно ветување 2021 – 2025 година во кандидатската платформа на Таравари за втор мандат како градоначалник на Гостивар.

„Решавањето на проблемот со бездомните кучиња и мачки, изградбата на две прифатилишта за кучиња скитници го ублажи тековниот проблем со кој се соочувавме ние како општина, па затоа ветуваме дека ќе продолжиме со решавање на проблемот и во наредните четири години со субвенционирање на граѓаните кои сакаат да ги стерилизираат и чипираат нивните кучиња и мачки и преку создавање регионални прифатилишта за кучиња скитници. Ние истотака ќе формираме и општинска ветеринарна служба, одговорна за чипирање на кучињата скитници, нивно стерилизирање и создавање база на податоци, во соработка со здруженијата за заштита на животните“, стои на страна 26 од изборната програма.

2024 – Наместо прифатилишта, пасишта, стапови, градежен отпад…

Од двете прифатилишта за кучиња промовирани во 2019 година, на терен не остана ништо. Порталб беше во посета на објектите на поранешната касарна во Бањица и не најде прифатилишта туку напуштени објекти во кои може да се најдат пасишта, стапови, градежен отпад и лоша миризба.

Сликите во продолжение покажуваат во каква состојба е доведено ова место.

Риниса Тоска од „Амос Пет“ изјави дека Гостивар има огромен потенцијал да има целосно функционални прифатилишта, со две идеални простории кои бараат само минимално вложување и професионално управување за да функционираат без проблеми.

„Меѓутоа, во моментов, на Гостивар му недостига организација која би го менаџирала процесот на заловување, засолнување и вдомување на кучињата скитници, како и на меѓуинституционалната соработка или, соодветно, општина Гостивар да го поддржи финансиски, а огранокот на Министерството за внатрешни работи во Гостивар и жителите да се активно вклучени за да не се пуштаат кучиња скитници од другите градови“, рече таа.

Истото мислење со неа го дели и соговорникот Селмани.

Во кус разговор во април 2024 година со раководителот на секторот за комунални дејности во Гостивар, Сафет Асани, за нашата редакција, тој изјави дека „во моментов во Гостивар е отворен само еден стационар за кучиња скитници и дека во моментов нема нов договор со некоја компанија“.

Но, стационар нема.

По добиените неконзистентни изјави од челниците на општината и кои не се совпаѓаат со реалноста на терен, Порталб неколку пати се обиде да добие детални појаснувања за да ги провери податоците од општината, но општина Гостивар веќе еден месец не одговара на деталните прашања на редакцијата Порталб.

Асани рече и дека „имавме барање за проект на регионално прифатилиште за кучиња скитници, но за овој проект добивме негативен одговор од Владата, по изборите ќе видиме што ќе биде“.

Нема ниедна кривична пријава за кражба на предмети од стационарите

На нашето прашање дали имало некоја кривична пријава за кражба на алати на прифатилиштата, од полицијата одговорија дека официјално до сега немало пријава за кражба. И рекоа дека за ова прашање треба да се праша општината.

Инаку, проблемот со кучињата скитници е присутен низ целата држава. Порталб.мк повеќепати известуваше за овој проблем во Тетово, Кичево, Куманово и други места.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.