fbpx

Повторно лажна „наградна игра“ со злоупотреба на КАМ маркети

КАМ маркет е честа мета на дезинформации за лажни „наградни игри“ кои се користат за различни цели и Вистиномер повеќе пати има разобличувано слични објави

-

КАМ маркет е честа мета на дезинформации за лажни „наградни игри“ кои се користат за различни цели и Вистиномер повеќе пати има разобличувано слични објави, каде како и во овој случај се злоупотребуваат името и брендот на КАМ маркет, со лажни тврдења за доделување подароци доколку некој напише коментар, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Здраво на сите, за да го прославиме роденденот на Thurs March сите што ќе напишат „честитки“ на нашата страна пред 18 мај 2024 година ќе добијат ексклузивни подароци во форма на специјални форми за подароци, мобилни телефони, готовина и други ваучери за купување. Со среќа.

Објавата има 179 споделувања и 51 коментар до пишувањето на оваа рецензија. Во склоп на објавата се споделени фотографии од КАМ маркет и од кеси со производи, меѓутоа бројни показатели сведочат дека станува збор за дезинформација и објава која не е вистинита.

Имено, КАМ маркет е честа мета на овие дезинформации кои се користат за различни цели и Вистиномер повеќе пати има разобличувано слични објави каде како и во овој случај, се злоупотребуваат името и брендот на КАМ маркет, со лажни тврдења за доделување подароци доколку некој напише коментар. КАМ маркет има официјална страница на Фејсбук која е добро разработена во смисла на тоа што таму редовно има голема комуникација со потрошувачите, податоци, промоции, како и 319 илјади следбеници.

За разлика од официјалната Фејсбук страница на КАМ маркет, која е потврдена со сино знакче, оваа од која што се споделува лажната наградна игра, е нова и единствената содржина на страницата е повикот за наградната игра. Таа има само еден следбеник, но достапноста на содржината достигнала огромен број граѓани поради споделувањата.

Вообичаено, кога маркетите приредуваат наградни игри, тоа се случува со официјални соопштенија во кои се наведени условите за учество во наградната игра, тоа се прави јавно и на некаков начин може да се види физички во просториите на маркетот. На пример, се поставуваат кутии за купони за награди.

Но, во овој случај нема такво нешто во реалните продавници на КАМ, ниту пак на официјалната страница на Фејсбук е најавена наградна игра.

Секогаш кога граѓаните ќе се сретнат со повик за награда со услов да остават еден коментар, треба да се сомневаат во веродостојноста на таквата наградна игра. Таа најверојатно е лажна а може да биде направена со различни цели, на пример, да се соберат голем број следбеници, да се направи популарна и видлива одредена новокреирана Фејсбук страница, но има ситуации кога се злоупотребувани и кредитни картички и лични податоци на граѓаните.

КАМ маркет во повеќе наврати апелираше граѓаните да се водат од сината значка покрај нивното лого на Фејсбук за да бидат сигурни дека се на официјалната страница.

Токму од оваа страница во минатото имаше демант дека не се работи за нивна наградна игра кога слични содржини беа споделувани од други лажни страници.

Почитувани потрошувачи, на социјалните мрежи сe појави лажна наградна игра која не е организирана од КАМ, ниту има некаква поврзаност со нашата компанија. За да бидете сигурни дека сте на вистинската страница на брендот, барајте ја т.н. 👉 СИНА ЗНАЧКА ☑️ до името, која потврдува дека се работи за оригиналната страница и гарантира дека истата е верифицирана и припаѓа на соодветниот бренд, напишаа оттаму.

Фан-страницата од којашто се споделува лажната наградна игра нема податоци за КАМ, нема други објави за промоции, комуникација со корисници, нема голем број на следачи и интеракции, нема наведено адреса и телефонски броеви на маркетите, не се објавени вообичаените промоции со производи на попуст како што тоа се прави од официјалната страница на КАМ. Едноставно, станува збор за штури податоци кои се состојат само во еден пост за „наградна игра“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...