fbpx

Скопје и денеска е европски град со најзагаден воздух и меѓу петте најзагадени во светот

-

Македонскиот главен град денеска е на петтата позиција на листата најзагадени градови во светот и е најзагаден во Европа. Спред податоците на IQ Air, индексот на квалитетот на воздухот US AQI за Скопје е 183 со што градот останува во црвената зона на места каде воздухот е нездрав.

Во текот на вчерашниот ден Скопје се најде на деветтата позиција на листата. Поради надминување на прагот на алармирање на суспендираните честички со големина од 10 микрометри вчера стапија на сила препораки и мерки за Градот Скопје, како и за Кичево, Кавадарци и Струмица, информираше Владата на Република Северна Македонија. Утринава Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) соопшти дека прагот на алармирање е надминат и во Гостивар.

Владата ги повика надлежните институции и општините да постапат согласно заклучоците од владината седница одржана на 28 ноември 2017 година, според кои се препорачува сите работодавци да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Работодавците треба да го реорганизираат и работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот. Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, а Министертството за животна средина и Министерството за здравство да обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Министерството за труд и социјална политика (МТСП), пак, во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа треба да обезбеди прифатилишта за сместување на бездомници и да дава поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Државниот инспекторат за животна средина треба да започне со вршење на зачестена контрола на инсталациите што поседуваат А – ИСКЗ дозвола и да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанци во воздухот со акредитирана лабораторија со цел да утврди дали се применуваат пропишаните услови во дозволата во однос на емисите во воздухот.

Истовремено, Владата ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатија и АД во државна сопственост до 50 отсто да ја намалат употребата на службените возила.

И покрај тоа што воздухот е енормно загаден во Скопје, засега нема реакција од општинските власти кои преку инспекциските служби се директно одговорни за проверка на локациите на кои традиционално се согорува отпад на дивите депонии кој дополнително го загадува воздухот. Исто така, нема податоци за тоа дали и колку често овие денови се врши контрола врз индустриските капацитети во Скопје кои имаат удел во загадувањето на воздухот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Камерите кои треба да ловат сообраќајни прекршоци не се во функција

Камерите кои се поставуваат на скопските сообраќајници, а кои се дел од проектот „Безбеден град“ сè уште не се во функција. Објавата што ја анализираме манипулира и непотребно крева...