fbpx

КАМ маркети не доделуваат парични награди ако напишете „ЈАС“ во коментар

-

Станува збор за лажна наградна игра во која се злоупотребува името, брендот и логото на КАМ маркет. Компанијата објави демант дека не се работи за нивна наградна игра, ниту пак, има некаква поврзаност со КАМ маркет. „За да бидете сигурни дека сте на вистинската страница на брендот, барајте ја т.н. СИНА ЗНАЧКА до името, која потврдува дека се работи за оригиналната страница и гарантира дека истата е верифицирана и припаѓа на соодветниот бренд“, укажаа од КАМ, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува наводна наградна игра на ланецот маркети КАМ во Македонија. Во постот се вели:

Здраво на сите. КАМ Маркет е тука за вас денес. Среќни сме да објавиме дека доделуваме парични награди и ваучери за купување за сите. Нашиот тим по случаен избор ќе го даде на оној што ќе напише „ЈАС“. Овој настан ќе заврши на 15 декември.

Станува збор за лажна наградна игра во која се злоупотребува името, брендот и логото на КАМ маркет.

Страницата од која се споделува лажната наградна игра Кам Маркет Фанс не е официјалната страница на КАМ, туку таа е наменски креирана со цел да се шири лажната наградна игра. Во коментарите коишто се споделуваат под текстот, администраторот на страницата дава упатство за наводна бесплатна регистрација и се врши временски притисок врз корисниците на социјалната мрежа Фејсбук да се регистрираат веднаш пред да заврши можноста. Линкот води кон друга страница каде со наведувачка порака се бараат лични податоци на корисниците. Страницата има 63 допаѓања и 92 следбеници, но постот е исклучително вирален со 373 споделувања. Самиот пост има 266 допаѓања и 854 коментари до моментот на пишувањето на оваа рецензија.

Како дополнителен елемент којшто е невистинит се и неколку фотографии кои се поставени за да се сугерира дека се работи наводно за реална и веродостојна наградна игра, иако тоа не е случај.

Официјалната страница на КАМ на Фејсбук има над 290 илјади допаѓања, секојдневно рекламирање на активностите, понудата, попустите во продавниците од ланецот маркети, како и официјални податоци за контакт и адреса на фирмата.

Токму од оваа страница стигна и официјалниот демант дека не се работи за нивна наградна игра.

Почитувани потрошувачи, на социјалните мрежи сe појави лажна наградна игра која не е организирана од КАМ, ниту има некаква поврзаност со нашата компанија. За да бидете сигурни дека сте на вистинската страница на брендот, барајте ја т.н. 👉 СИНА ЗНАЧКА ☑️ до името, која потврдува дека се работи за оригиналната страница и гарантира дека истата е верифицирана и припаѓа на соодветниот бренд, напишаа оттаму.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека постот што го рецензираме е невистинит. Станува збор за злоупотреба на брендот на КАМ маркетите за лажна наградна игра со цел да се приберат лични податоци од страна на потрошувачите под измамничко ветување дека така ќе добијат награда.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украина не мобилизира лица со Даунов синдром

Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска, според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина. Украинскиот...