!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски им се пожали на амбасадорите дека власта ги злоупотребувала институциите


Скопје, 12 октомври, 2017 - 19:53 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска имал средба со амбасадорите на САД, на државите членки на Европската Унија и на НАТО во земјава, на која од страна на партијата било посочено дека во текот на кампањата се забележени низа прекршувања на изборниот процес, физички инциденти, демолирања на штабови, како и злоупотреба на државните ресурси во партиски цели.

Од ВМРО-ДПМНЕ, како што се наведува во соопштението, било истакнато дека е неминовно „власта да престане со злоупотребите на државните институции за да се запази демократијата“.

„Од страна на ВМРО-ДПМНЕ исто така беше истакната потребата од спроведување на фер и демократски избори, за што е потребен зголемен ангажман на државните институции. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане посветена во заложбата за спроведување на фер и демократски избори и создавање на демократски амбиент за сите учесници во изборниот процес. ВМРО-ДПМНЕ е убедена дека претстојните локални избори мора да бидат по највисоките стандарди, за Република Македонија да продолжи да чекори по патот кон ЕУ и НАТО“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ за средбата.

Ова е втора средба на Груевски со амбасадорите во пресрет на локалните избори. На 19 септември, тој со членови на извршниот комитет на партијата имаше средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија и со претставници на ОБСЕ/ОДИХР, на која, меѓу другото, побара „Владата активно да се ангажира за создавање демократски амбиент за одржување на локалните избори“.


Активисти на Беса пријавиле пукање во Арачиново


Скопје/Битола, 9 октомври, 2017 - 13:41 (META) 

Активисти на партијата Беса синоќа пријавиле во полиција дека додека лепеле плакати во селото Арачиново, во нивна близина застанало возило „голф“, од кое непознато лице истрелало еден куршум од огнено оружје, по што заминало во непознат правец.

Активистите, како што информираат од МВР, на местото нашле чаура, која ја однеле во полициското одделение во Арачиново.

Од МВР велат дека се преземаат мрки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

Инаку, од МВР информираат и дека ноќеска, четириестина минути по полноќ, на булеварот Први мај во Битола, полициска екипа од СВР Битола затекнала три лица како со црн спреј прскале на изборно пано со плакат од кандидатот за градоначалник на СДСМ.

Против тројцата битолчани се поднесени прекршочни пријави.


Коцијанчич: Македонските институции да создадат услови за слободни избори


Скопје, 3 октомври, 2017 - 15:08 (META) 

Европската комисија денеска, по серијата инциденти за време на кампањата за локалните избори, ги повика институциите во Македонија да создадат услови за одржување слободни избори.

– Пред локалните избори во земјата, ние ги охрабруваме сите претставници на политички партии да постапуваат одговорно. Исто така, ги повикуваме сите институции да обезбедат услови за веродостоен и транспарентен изборен процес, што ќе им овозможи на сите граѓани слободно да ги остваруваат нивните демократски права – соопшти портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

Реакцијата од Брисел доаѓа по вчерашниот напад на актуелниот градоначалник на Шуто Оризари, Елвис Бајрам, кој се кандидира за уште еден мандат. Бајрам вчера попладне со метални и дрвени палки бил нападнат во населбата Шуто Оризари. Поради тежината на повредите, тој бил хоспитализиран, а полицијата идентификувала и повикала на разговор пет лица поради учество во нападот.


Чичаковски: Партиите веднаш да престанат со инцидентите


Скопје, 3 октомври, 2017 - 13:23 (META) 

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, денеска упати апел до политичките партии итно да престанат со инциденти и порача дека насилството во предизборниот период може да донесе само штета на кандидатите, на партиите, на изборниот процес и на државата.

Чичаковски во името на ДИК остро ги осуди сите досегашни инциденти во пресрет на локалните избори, закажани за 15 октомври. Инцидентите, нагласи претседателот на ДИК, го нарушуваат демократскиот амбиент и изборниот процес и треба веднаш да престанат.

– Насилството никогаш не е решение. Тоа не му помага никому и може само да донесе штета на кандидатите, на партијата, на изборниот процес, на државата. Уште еднаш апелираме итно да престанат сите негативни појави, апелираме на почитување на противкандидатите и за фер и демократски избори. Изборите се добиваат на 15 октомври со јасно изразена волја на граѓаните, со голема излезност и со индивидуално право на секој граѓанин да гласа за оние кандидати кои смета дека се најдобри, а не со насилство – изјави претседателот на ДИК.

Чичаковски потсети дека кандидатите за градоначалници и за советници, како и политичките партии, потпишаа кодекс за фер и демократски избори, со што се обврзаа дека ќе ги почитуваат принципите на демократијата и на доброто владеење и дека ќе придонесуваат за демократски развој на општеството.

– Секое насилство, инцидент, непочитување на политичките опоненти во изборниот процес, е спротивно на кодексот, на законите, правилата и на прописите на Република Македонија кои се релевантни за изборите – рече Чичаковски.

Тој, во име на ДИК, ги повика надележните институции да ги расветлат инцидентите и да ги казнат сторителите, а политичките партии да придонесат кон смирување на страстите.


Милошоски: Можни се спонтани или намерни инциденти утре на Мечкин камен


Крушево, 1 август, 2017 - 15:58 (META) 

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ денеска на Мечкин камен во Крушево положи цвеќе и се поклони пред споменикот на илинденците, несакајќи тоа да го стори утре, при официјалната прослава, бидејќи, како што рече Антонио Милошоски, не сака да дава легитимитет на „нелегално избрани функционери“. На официјалната прослава на Мечкин камен утре треба да се обрати претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, чиј избор ВМРО-ДПМНЕ не го признава.

Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, честитајќи им го празникот на сите граѓани на Македонија, ги повика и членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, но и граѓаните, да не присуствуваат на прослави организирани од СДСМ и од ДУИ. Како причина тој го наведе сомневањето дека може да бидат режирани инциденти.

– Ги повикуваме повторно сите наши членови, симпатизери и граѓани кои сметаат дека оваа порака е соодветна, да се воздржат од давање легитимитет на прослави организирани од владата на СДС и на ДУИ, затоа што цениме дека можно е со одлуки што го иритираат народот, како одлуката на господинот Џафери да се обрати на Мечкин камен, да се создадат услови или некој да смислил некои намерни инциденти што можат да ја нарушат честа и достоинството на Илинден, како еден голем македонски слободарски празник – рече Милошоски.

Во делегацијата, покрај него, беа и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и членовите на извршниот комитет на партијата, Дијана Транталоска и Златко Перински.


Дачиќ: Живаљевиќ требаше да извести дали во Собранието има српски државјани


Белград, 25 мај, 2017 - 22:39 (META) 

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, изјавил денеска дека службеникот на Амбасадата на Србија во Македонија и припадник на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Горан Живаљевиќ, со влегувањето во Собранието на Македонија на 27 април, за време на инцидентите, не го прекршил дипломатскиот протокол, ниту ја нарушил Виенската конвенција, туку само си ја вршел работата.

„Не учествуваше во кривично дело, само известуваше за ситуацијата во Македонија, бидејќи Србија мора да знае како таа ситуација може да се одрази на националните и на државните интереси“, изјавил Дачиќ пред новинарите.

Тој додал дека Живаљевиќ како официјален претставник на БИА во Македонија не престојува илегално, туку неговата работа била да известува што се случува и дали во нередите во Собранието учествувале државјани на Србија.

Прашан, со кој тој влегол во Собранието, Дачиќ го прочитал списокот на имиња на луѓе од Македонија, кои, како што тврди, во Србија организирале протести против премиерот во заминување Александар Вучиќ. Тој додал дека српските власти за тоа, Македонија ја известувале веќе две години.

На прашањето, дали овој случај ќе влијае врз влошувањето на односите со Македонија, Дачиќ изјавил дека синоќа разговарал со македонскиот министер за надворешни работи и дека тој воопшто не му го спомнал Живаљевиќ, а дека мандатарот за состав на новата влада Зоран Заев, само изјавил дека службите случајот треба да го решат помеѓу себе.


МВР потврди: Внатрешната контрола суспендира петмина поради инцидентите во Собранието


Скопје, 11 мај, 2017 - 10:09 (META) 

Петмина вработени во МВР се привремено оддалечени од работните места, односно суспендирани, во врска со инцидентите во Собранието на 27 април, потврдија од МВР за „Мета“.

Мерката е изречена од одделението за внатрешна контрола на МВР, а не од работната група формирана од министерот Агим Нухиу за расчистување на настаните во Собранието, нагласија од одделот за односи со јавноста на МВР.

Сите петмина суспендирани нема да ги извршуваат работните обврски додека внатрешната контрола не ја заврши целата постапка за утврдување на одговорноста.


Напаѓачот на Шекеринска, на распит во Обвинителството


Скопје, 7 мај, 2017 - 9:58 (META) 

П.А., кој ја нападна пратеничката на СДСМ, Радмила Шекринска, во Собранието, за време на инцидентите на 27 април, синоќа беше на распит во Обвинителството.

„Откако П.А. влегол во салата каде се одржувала прес-конференција, со употреба на физичка сила ги нападнал пратениците З.З., Р.Ш. и Р.И., а воедно се туркал со вработени од обезбедувањето. По завршување на разговорот и констатирање на дејствата, околу 19 часот, П.А. е предаден на Основното јавно обвинителство во Скопје за понатамошна постапка,“ велат од МВР.

На видеоснимките од нападите на демонстрантите во Собранието што се појавија на социјалните мрежи, се гледа како П.А. ја повлекува Шекеринска за коса.

Основното јавно обвинителство на 30 април соопшти дека седум лица од петнаесетте осомничени за насилствата во Собранието се лишени од слобода. На 2 мај, Основен суд Скопје 1 соопшти дека определил притвор од осум дена за уште едно лице поврзано со инцидентите во Собранието.


СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со забетонирани ставови за изборот на собранискиот спикер


Скопје, 3 мај, 2017 - 10:08 (META) 

По изборот на Талат Џафери за собраниски спикер и по нередите и инцидентите во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во своите редовни утрински соопштенија остануваат на своите партиски ставови за начинот на избор на претседателот на Собранието и за настаните што следуваа потоа.

„На парламентарното мнозинство треба да му биде овозможено да формира влада без понатамошно одложување. Тоа го очекува целата домашна јавност, а по ставот на САД, на тоа вчера повикаа и евроамбасадорот во земјава, Самуел Жбогар, и европратениците Вајгел, Флекенштајн и Кукан, олеснувачи на политичката криза во Македонија“, велат од СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, „СДС ја втурна Македонија во длабока политичка и правна криза“.

„СДС со обидот на нелегален начин да избере претседател на Собранието прави опасен правен преседан кој може да прерасне во практика. Брзајќи да ја реализира тиранската платформа, СДС изврши пуч во Собранието, ги разгневи граѓаните, директно предизвикувајќи го немилиот настан од четвртокот вечерта, со што ги стави своите и пратениците од другите партии, вклучително и на ВМРО-ДПМНЕ, во голема опасност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Основен суд Скопје 1: Притворено уште едно лице поврзано со инцидентите во Собранието


Скопје, 2 мај, 2017 - 20:22 (META) 

Основен суд Скопје 1 вечерва соопшти дека определил притвор од осум дена за уште едно лице поврзано со инцидентите во Собранието, што се случија на 27 април.

– Во Основниот суд Скопје 1 попладнево е спроведено уште едно лице кое е дел од предлогот на Основното јавно обвинителство – Скопје против 15 лица поврзани со инцидентот во Собранието, за кои судот го прифати предлогот на обвинителството. На лицето му е определен притвор во траење од осум дена – информираа од Основен суд Скопје 1.

Основното јавно обвинителство на 30 април соопшти дека седум лица од петнаесетте осомничени за насилствата во Собранието се лишени од слобода. Од осомничените, за 14 е определена мерка притвор, а за едно лице предложени се мерки за претпазливост.