Фото: Принтскрин

Хелсиншки комитет информира дека негативната „традиција“ бројот на пријавените злосторства од омраза вообичаено да надминува три цифри од кои злосторствата на етничка и политичка основа се особено бројни, продолжи и во текот на пандемиската 2020 година. Комитетот регистрирал вкупно 104 вакви инциденти.

„Инцидентите беа регистрирани веднаш по нивното пријавување од страна на медиумите или Министерството за внатрешни работи. Истовремено, 37 инциденти (36 отсто) беа потврдени, додека 67 (64 отсто) сè уште се непотврдени. Повеќето непотврдени случаи се поврзани со ситуации каде според другите индикатори постои основа за верување дека овие пристрасни инциденти се мотивирани од етничката припадност на жртвата,“ се вели во Извештајот на Хелсиншки комитет посветен на Криминал од омраза за 2020 година.

Под „злосторство од омраза“ во извештајот се подразбира злосторство мотивирано од нетолеранција, односно предрасуди кон одредена група во општеството.

„Следствено, секој може да биде жртва на злосторство од омраза, иако најчестите жртви се членови на ранливите заедници. Злосторствата од омраза најчесто се насочени кон членови на различна етничка заедница, религиозни или свети објекти, Роми, сексуални малцинства и внатрешно раселени лица.Методологијата за пријавување на злосторствата од омраза применета во извештајот се состои од учење од минатите искуства и податоци, одржување интерактивна веб-страница за пријавување на злосторства од омраза, мониторинг на националните печатени и електронски медиуми и пријавување и двојна проверка на злосторствата и инцидентите од омраза со Мисијата на ОБСЕ во Скопје,“ велат од Хелсиншки комитет.