Здруженија: Државата не смеела да издава документи со старото име, граѓаните да консултираат адвокати

Здружението на млади правници преку мошне детална анализа претставува каде сè се прекршени правата на граѓаните во процесот на издавањето на личните документи со новото уставно име

Фото: Мета.мк

Од стапување на сила на Амандманот XXXIII на Уставот (12.02.2019), државата не смеела да издава документи со поранешното име, тврди Здружението на млади правници. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, пак, велат дека повредата на правото на слободно движење настаната со хаосот во обезбедувањето на нови патни исправи, што не може да се стави на одговорност на граѓаните, им дава многу цврста основа да ја тужат државата за повреда на нивните права и да ги добијат тие постапки во нивна корист.

Здружението на млади правници преку мошне детална анализа претставува каде сè се прекршени правата на граѓаните во процесот на издавањето на личните документи со новото уставно име.

Па така, со Уставниот закон од 2019, државата презеде обврска постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои може да се користат надвор од државата, да се усогласат со новото име на државата најдоцна во рок од пет години од нeговото влегување во сила, односно 12 февруари 2024 година.

„При толкувањето на обврската од Уставниот закон треба да се обрати внимание на одредницата ‘постоечките’. Оваа одредница ја ограничува обврската за усогласување на документите и материјалите кои постоеле и кои биле важечки во моментот на уставните измени, а не и документите и материјалите кои се издаваат по влегувањето во сила на уставните амандмани. Со други зборови, одредени органи на државната власт, постапиле спротивно на Уставот со издавањето нови службени документи со старото име на државата по влегувањето во сила на Амандманот“, тврдат од Здружението на млади правници.

Па така, техничкиот рок од пет години, кој истече на 12 февруари 2024, се однесува исклучиво на „важноста на веќе постоечките документи и материјали“ во моментот на влегување во сила на Преспанскиот договор. Државата не смеела да издава нови службени документи со поранешното име. Поседувањето односно непоседувањето на соодветни обрасци не може и не смее да биде изговор за противуставно постапување, велат од здружението.

Оттаму додаваат дека издавањето документи на обрасци со поранешното име на државата кое се спроведувало, според одредени изводи, до средината на 2021 година, односно две и пол години по 12 февруари 2019, треба да биде предмет на соодветни предистражни дејствија од страна на надлежните органи.

„Користењето на обрасци кои не требало да се користат, можната набавка на стари обрасци по февруари 2019, како и доцнењето со набавка на соодветни обрасци ги содржи елементите на кривичните дела злоупотреба на службена положба како и несовесно работење во службата. Неопходно е јавното обвинителство во постапка по допрен глас да ги прибере потребните документи и да утврди дали постојат основи за сомневање за сторено кривично дело“, тврдат од Здружението на млади правници.

Дали граѓаните на кој им бил издаден документ со старото име на државата имаат право на надомест на штета?

Од здружението објаснуваат дека за да се одговори на прашањето дали може да се бара надомест на штета неопходно е да се утврди дали во конкретниот случај постојат претпоставки за постоење на облигационо-правен однос, односно дали има штетник (во случајов МВР) и дали има оштетен. „Оштетен“ е секое физичко лице чиј имот е намален (материјална штета) или чии лични права се повредени (нематеријална штета).

Понатаму, штетата претставува намалувањето на нечиј имот или спречување на неговото зголемување. Во конкретните случаи, штетата може да се однесува на трошоците кои се неопходни за издавање на документите, уплатени патувања кои не можат да се реализираат, како и неможност за вршење на дејност. Ако се работи за повреда на лични права, неопходно ќе биде со соодветен извештај од вешто лице да се докаже дека лицето претрпело повреда и на неговите лични права.

Штетно дејствие, пак значи пропуштање, од страна на Министерството за внатрешни работи, да стори нешто коешто било должно да го стори, а тоа е да издава нови документи со користење на новото име на Републиката.

„При носење одлука дали ќе се преземат правни дејствија или не, сите засегнати страни е неопходно да се консултираат со стручно лице адвокат. Неопходно е да се земат предвид сите околности на случајот како и да се земат предвид неопходните докази“, велат од Здружението на млади правници.

Хелсиншки комитет: Јасен приказ на негрижата на државата за заштита на правата и на слободите

Граѓаните остануваат обесправени заради неорганизираноста на државата навремено да ги исполни обврските преземени со Договорот од Преспа и да организира издавање документи со новото уставно име. Ова ги погодува сите граѓани кои немаат нови патни исправи, а особено оние чии документи се издавани на стари обрасци во периодот од 2019 до 2022 година, се вели во денешното соопштение на Хелсиншкиот комитет.

Оттаму велат дека сегашната состојба каде речиси половина од граѓаните немаат нови патни исправи и нема изглед дека наскоро ќе ги добијат е директна закана по остварувањето на правото на слободно движење.

„Ненаоѓањето на законско или друго решение за излез од оваа состојба со невалидноста на патните исправи може да има сериозни финансиски импликации за државата. Дополнително, државјаните на Република Северна Македонија се погрешно информирани за можностите за патување со патен лист издаден од дипломатските и конзуларните претставништва на државата во странство. Вистината е дека тој документ им важи само еднократно – тие можат непречено да дојдат во земјата, нема да можат да ја напуштат државата, односно, нема да можат да патуваат надвор од државата сѐ додека не извадат нова патна исправа“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Дополнително, покрај убедувањето на надлежните дека функционира бесплатното телефонско и електронско закажување за почнувањето на постапката за вадење документи – тие се надвор од функција.

„Ова е јасен приказ на негрижата на државата за заштита на правата и на слободите истовремено со исполнување на меѓународните спогодби, а чии последици ги сносат самите граѓани“, додаваат од комитетот и апелираат МВР да ги преземе сите мерки за ефикасно и брзо издавање нови пасоши и на тој начин да престане повредувањето на основното човеково право на слобода на движење.