Tрпевски: МВР тврди дека околу ПМФ има патроли, но ние не ги гледаме

За да бидат студентите безбедни, деканот Трпевски информира дека ангажирал една агенција за обезбедување која ќе почне со работа од 1 февруари

Скалите на патеката до Природно-математичкиот факултет во Гази Баба / Фото: Порталб.мк

Студентите на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со години се мета на крадци. Последниот случај е пријавен на 24 јануари оваа година. Факултетот реагира на тоа што Министерството за внатрешни работи (МВР) не испраќа полициски патроли.

Од полицијата велат дека тие испратиле полициски патроли, иако деканот и студентите не ги забележале, пишува Порталб.мк.

Природно-математичкиот факултет се наоѓа во општина Гази Баба, во близина на парк-шумата. Во ноември минатата година студентите се пожалија дека на пат кон факултетот ги напаѓаат и им се закануваат со ножеви и им ги крадат личните работи. За зголемување на безбедноста студентите потпишаа петиција со неколку барања, меѓу кои имаше барање за зголемување на нивната безбедност, побараа да има обезбедување на факултетот и да има полициски патроли во околината на факултетот.

Деканот на Природно-математичкиот факултет, Даворин Трпевски, за Порталб.мк  изјави дека нема никаква реакција од Министерството за внатрешни работи и дека главниот проблем е кај нив. Тој уште во ноември лани испратил барање до МВР за да обезбеди полициски патроли околу и внатре во факултетот.

„Министерството за внатрешни работи воопшто не реагира, од ноември двапати имам пријавено за нападите што им се случуваат на нашите студенти. Еднаш имав проблем што шефот на полициската станица во Автокоманда одби да се сретне со мене, морав да интервенирам преку министерот за внатрешни работи да ме примат, но и тогаш ми рекоа дека немаат доволно кадар“, вели Трпевски.

Ова барање за средба на деканот со одговорните во полициската станица Автокоманда, го потврдија и во МВР.

„Во врска со вашето барање, ве известуваме дека на 06.11.2023 година е поднесено барање од Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во кое е наведено дека студентите се цел на секојдневни напади од непознати лица и дека бараат зголемено присуство на полицијата во и околу факултетот“, велат од МВР.

Од Министерството за внатрешни работи додаваат дека студентите мора да ги пријават случаите бидејќи доколку не ги пријават тие не можат да постапат по нив.

„Исто така, ве известуваме дека од началникот на СВР Гази Баба, деканот на Природно-математичкиот факултет е известен дека полицијата е органот кој ги гони сторителите и дека е потребно тој да им објасни на студентите дека треба да ги пријават овие случаи за ние како полиција да можеме да постапиме имајќи предвид дека доколку нема соодветна пријава за настанот што се случил немаме можност да постапуваме по истиот“, велат од МВР.

Од МВР тврдат дека во близина на Природно-математичкиот факултет се испраќаат полициски патроли. Но, Порталб.мк повторно контактираше со деканот Трпевски и тој рече дека не е информиран ниту формално ниту неформално дека неговото барање е прифатено нагласувајќи дека и покрај тврдењата на полицијата во околината на факултетот не се забележани полициски патроли.

Деканот Трпевски информира дека за студентите да бидат безбедни, факултетот ангажирал една агенција за обезбедување која ќе почне со работа од 1 февруари. Ангажирањето на оваа агенција за само една година Природно-математичкиот факултет, кој е државен факултет, ќе го чини околу 9 илјади евра.

Инаку, студентите на Природно-математичкиот факултет во ноември 2023 година се пожалија дека на пат кон факултетот биле нападнати и им биле украдени личните работи. По алармирањето од страна на Порталб.мк  за студентите беше обезбеден чувар, но и други мерки. На 24 jaнуари повторно имало напад врз друга студентка.