Извор на фотографија: МНР

Екатерина Захариева, поранешната бугарска министерка за надворешни работи (2017-2021) и актуелен претседател на Комисијата за надворешна политика во актуелниот состав на бугарскиот парламент во интервју за бугарската приватна новинска агенција БГНЕС обвини дека агресијата против „македонските Бугари“ се случува под толерантен поглед на властите во Република Северна Македонија, но и дека македонскиот претседател Стево Пендаровски не ги штити интересите на својата татковина, туку работи за политиката на Србија и Русија на Балканот и со своите изјави го попречува развојот на односите меѓу Софија и Скопје.

Пендаровски, во понеделникот, по седницата на Советот за безбедност, пак обвини дека главните проблеми и испади во Бугарија ги прават лица што работат за руските интереси и се поврзани со руското разузнавање.

„Бугарија треба да има многу категорична и остра реакција по повод изјавата на претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски. За жал, ова не е прв пат тој да дава остри и изјави што не помагаат за развојот на двостраните односи“, рече Захариева, која е пратеник од ГЕРБ.

Во однос на ставот на Пендаровски за забрана за влез на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, Захариева смета дека тоа само ќе „додаде ветер во едрата“ на оние бугарски политичари што „тие не сакаат да ги пуштат на територијата на РСМ“.

„Силно се надевам македонската влада да не го прифати неговото барање, затоа што тоа многу повеќе ќе ги заостри двостраните односи. Тоа ќе им направи услуга на оние бугарски политичари коишто тие не сакаат да ги пуштат на територијата на РСМ. Дел од нив исто така не помагаат за нормализирањето на односите“, вели Захариева во интервјуто за БГНЕС.

БГНЕС е агенција на Љубчо Нешков, роден во Скопје, кој многу децении живее во Софија и се смета и себеси и неговите претци што живееле на територијата на денешна РС Македонија за Бугари.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски, по седницата на Советот за безбедност во понеделникот рече оти ѝ предлага на владата „согласно одредбите на Законот за странци да му забранат влез во нашата земја на еден пратеник од Бугарија во Европскиот Парламент и на неколку други лица, државјани на Бугарија, заради дејствијата кои порано ги преземале и сѐ уште ги преземаат против нашата држава“.

Пендаровски: Предложив да се забрани влез во земјава на европратеник и други лица од Бугарија

Пендаровски, осврнувајќи се на најавите за масовно доаѓање на граѓани од Бугарија во Скопје на 4 февруари, за одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев, порача дека ќе мора да се преземат активни мерки на терен, „а, тоа значи, од граничните премини па сѐ до главната локација во Скопје каде пристап треба да имаат само луѓето, Македонци или Бугари, сеедно, кои сакаат да му оддадат почит на делото на Делчев, но, не и оние кои доаѓаат со цел да го понижуваат и негираат македонскиот народ“.

Тој мислеше на европратеникот и потпретседател на бугарското ВМРО, Ангел Џамбаски, која даваше провокативни и негаторски националистички изјави во Скопје на панихидата на Мара Бунева, и на нивните истомисленици.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во понеделникот, рече дека дел од „структурите“, коишто ги спомена во обраќањето до јавноста „се надоврзани на руската разузнавачка служба“.

Пендаровски рече и дека на тројца бугарски државјани лани им бил „откажан престојот“ во земјава, односно двајца од нив, коишто шефот на државата ги оквалификува како „божем новинари“ на период од шест месеци им е забранет повторен влез на територијата на РСМ, а на „третиот, најгласниот, на подолг временски период.“

Џамбаски, но и Виктор Стојанов, од бугарската фондација „Македонија“, по настапот на Пендаровски порачаа дека илјадници Бугари треба да пристигнат во Скопје на 4 февруари за да оддадат почит на „бугарскиот национален револуционер Гоце Делчев“.

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.