По повод Европскиот ден на жртвите на криминалот од омраза, Хелсиншкиот комитет за човекови права го објави Годишниот извештај за криминалот од омраза за изминатата 2019 година.

„Во периодот од 1 јануари до 31 декември 2019 година, МХК регистрираше вкупно 159 инциденти и дела од омраза. Инцидентите беа регистрирани веднаш откако беа пријавени од страна на медиумите или Министерството за внатрешни работи. Притоа, од вкупниот број регистрирани инциденти, потврдени се 33 инциденти (20 отсто), додека 126 инциденти (80 отсто) остануваат непотврдени“ информираат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму констатираат дека како единствена граѓанска организација која редовно го информира ОБСЕ/ОДИХР за ситуацијата со делата од омраза во земјата, тенденцијата на пораст на бројката на вакви дела, нотирана во 2018 година, продолжува и во 2019 година.

„Зголемениот број инциденти извршени по основ на етничка припадност достигнува алармирачки 86 отсто од сите регистрирани инциденти. Речиси сите инциденти се случиле помеѓу припадници на македонската и на албанската етничка заедница, а најзагрижувачки е фактот дека огромното мнозинство на жртви и сторители на тие инциденти се малолетници/младинци. Некои од делата од омраза се извршуваат поради одмазда или ретрибуција (освета) поради претходен инцидент, Најчесто, еден инцидент ги исполнува битијата на две или повеќе кривични дела, па од тие причини бројот на кривични дела не соодветствува со бројот на инциденти“ потенцираат од Хелсиншкиот комитет.

Во 2019 година, дела од омраза се сторени поради: етничка припадност (84,9 отсто) етничка припадност, политичка припадност (9,4 отсто), статус на мигрант/бегалец (1,2 отсто), религија и верско уверување (1,2 отсто), националност (1,2 отсто), сексуална ориентација/родов идентитет (1,2 отсто) и раса (0,9 отсто).

Најголем број инциденти – 136 (85,5 отсто) се регистрирани во Скопје и околните општини. Во Тетово се регистрирани 6 инциденти, 7 инциденти во Куманово, 4 инциденти во Гостивар, 2 инциденти во Битола и Струга и по 1 инцидент во Велес, Гевгелија, Охрид, Вевчани, Штип, Виница, Ресен и Македонска Каменица.

„И оваа година, инцидентите во Скопје и околината вклучуваат напади помеѓу припадниците на македонската и албанската етничка заедница, како и оштетување на имотот на политичките партии. Процентуално овие инциденти најмногу се застапени на ниво на полициските станици во општина Центар со 22 отсто и општина Аеродром 18 отсто, понатаму вакви инциденти се регистрирани и во подрачјето на полициските станици на Бит Пазар 17 отсто, Гази Баба 14 отсто, Чаир 10 отсто, Карпош и Ѓорче со 6,5 отсто, Кисела Вода 4 отсто и Сарај 2 отсто“ појаснуваат од Хелсиншкиот комитет.