Гласачно место на предвремените парламентарни избори 2020 година | Фото: Арбнора Мемети

МВР соопшти дека во периодот од 11 до 12 часот денеска добило 10 пријави за изборни инциденти и нерегуларности. Половината од нив се во Кочани. Полицијата работи на утврдување на фактите.

Во Полициското одделение Шуто Оризари, граѓанин пријавил дека негов сосед на улица „Гарсија Лорка“ ги зема другите соседи со своето патничко возило и ги убедувал да гласаат за политичка партија во ОУ „26-ти Јули“.

Во Полициската станица Бит Пазар од политичка партија било пријавено дека на гласачко место во ОУ „Никола Вапцаров“ на ул. „Дижонска“, околу 10 лица се движеле околу гласачкото место. Полициски службеници излегле на местото, но такви лица не биле затекнати.

Политичка партија во Полициската станица Кочани пријавила дека три лица вршат агитација врз гласачи на избирачките места бр.844 и бр.845 во Кочани. Во овој град имало уште една пријава од политичка партија – дека пред избирачките места бр.834 и бр.834/1 непознато лице со патничко возило вршело евиденција на лица кои се движат кон гласачките места.

Во Полициската станица Кочани граѓанин пријавил неправилност при гласањето пред ОУ,,Раде Кратовче“ во Кочани, односно дека некој човек наводно делел пари.

Политичка партија во Полициската станица Кочани пријавила дека три лица со патничко возило во населба Оризари носат организирано гласачи на гласање. Исто така, партија пријавила дека во истата населба четири лица ги попречувале гласачите да гласаат.

Во Полициската станица Крива Паланка, жител на Ранковце пријавил дека лице од Ранковце доаѓало до избирачко место број 0987 со повеке луѓе и агитирало. Друг граѓанин во истата полициска станица пријавил дека на ул. „8 Септември“ неколку лица ги фотографирале граѓаните кои влегуваат да гласаат на избирачко место во градинката „Детелинка”.

Во Полициското одделение Ново Село било пријавено дека во дворот на училиштето во селото каде биле сместени избирачките места Т.Ќ. вршел агитирање.

МВР исто така соопшти дека во однос на претходните пријави претпладнево, односно случајот кога граѓанка на Битола пријавила дека непознати лица ѝ нуделе пари за гласање, полицајците не ги потврдиле нејзините наводи.

Ист е епилогот со дојавата на граѓанин на Прилеп, кој пријавил дека пред ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп група на граѓани вршеле агитирање – полицијата „презела мерки и не се потврдени наводите во пријавата“.