!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Вториот напаѓач од Париз ѝ се предал на белгиската полиција


Париз, 21 април, 2017 - 11:06 (META) 

Осомничен за кој трагале француските власти по пукањето во Париз, ѝ се предал на белгиската полиција, соопшти портпаролот на француското Министерство за внатрешни работи. Француските власти приведоа три члена од семејството на напаѓачот, кого синоќа го уби полицијата.

– Мажот за кој белгиските власти распишаа потерница се предал во полициска станица во Антверп – изјави портпаролот на француското МВР, Пјер Анри Бранде.

Претходно Бранде потврди дека белгиските власти го идентификувале вториот напаѓач, за што ги информирале француските власти.

Тој истакна дека двајцата полицајци кои се повредени во нападот се надвор од животна опасност.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појави снимка од нападот, која трае девет секунди. Снимката е направена во моментот на пресметката на полицијата и на напаѓачите.

На снимката се гледа напаѓач, вооружен со „калашников“, како отвора оган кон полицијата.


Полициска потера на автопат кај Брисел – повредени мигранти


Брисел, 4 април, 2017 - 14:22 (META) 

Четиринаесет мигранти се повредени, од кои пет се во критична состојба, за време на полициската потера на автопат кај Брисел, соопшти белгиското обвинителство.

Возачот, кој немал документи со себе, е задржан во притвор и ќе биде сослушан во текот на денот.

Обвинителството наведе дека отворена е истрага за трговија со луѓе и за загрозување на сообраќајот.

Полицијата ноќеска околу три часот забележала комби како се движи во спротивен правец на автопат околу 40 километри јужно од Брисел.

Повеќе полициски возила потоа тргнале во потера по комбито во правец кон Брисел.

Мигрантите се повредени кога комбито во кое се наоѓале удрило во банкина.

Белгија е транзит земја за мигрантите кои се обидуваат да стигнат до Велика Британија.


Уапсен маж кој со возило се обидел да прегази пешаци во Антверп


Антверп, 23 март, 2017 - 15:44 (META) 

Белгиската полиција уапси маж кој со автомобил се обидел да влета во пешачка зона во Антверп, јавува „Би-би-си“.

Портпаролот на полицијата рече дека возилото било со француски регистарски таблички и дека човекот со голема брзина возел кон Де Меир, главната трговска улица во Антверп.

Според првичните информации, нема жртви.

Според весникот „Дер Штандард“, мажот бил по потекло од Северна Африка, а локалните медиуми јавуваат дека станува збор за радикализиран муслиман.

„Инцидентот се случил околу 11 часот, кога влегол во улицата Де Меир со голема брзина, поради што пешаците мораа да скокаат на страна за да се спасат – рече портпаролот на полицијата.

Околу местото каде е направен обидот за напад е поставен полициски обрач, а пиротехничарите ја истражуваат локацијата. Сè уште не е познато дали во автомобилот се пронајдени сомнителни работи или оружје.

Дополнителни воени сили се распоредени низ градот.


Еден загинат и седум повредени при експлозија во станбена зграда во Брисел


Брисел, 19 март, 2017 - 10:17 (META) 

Едно лице загинало, а седум биле повредени, од кои тројца тешко, во експлозија што вчера се случила во станбена зграда во Брисел, најверојатно поради истекување на плин, соопштило белгиското државно обвинителство, пренесува ХРТ.

„Денеска (сабота) попладне, станарите на две згради беа жртви на експлозија, по која избувна пожар. Седум лица се пренесени во две болници. Тројца се тешко повредени, меѓу кои едно двегодишно дете и 15-годишник. Во текот на вечерта во урнатините е пронајдно тело на маж“, било наведено во соопштението на белгиското државно обвинителство.

Од општината Сент Жил, во која се случила несреќата, за белгиските телевизии РТЛ и РТБФ изјавиле дека „најверојанто станува збор за несреќен случај поврзан со истекување на плин“.

Белгиските безбедносни сили се постојано на готовс, а секој инцидент предизвикува големо интересирање кај медиумите, откако на 22 март минатата година Брисел беше цел на најголемиот терористички напад во својата историја, во кој 32 лица загинаа, а 320 беа ранети во метрото и на бриселскиот аеродром.


Белгиски политичар побара Бугарија, Романија, Полска и Унгарија да ја напуштат ЕУ


Брисел, 6 февруари, 2017 - 15:54 (META) 

Премиерот на белгискиот автономен регион Валониа, Пол Мание, порача дека Полска, Унгарија, Романија и Бугарија треба да ја напуштат Европската Унија, а притоа за секоја од нив дури даде и посебно име за процесот на напуштање, пишува францускиот весник „Ле Монд“.

Мание, кој важи за најголем евроскептик меѓу социјалистите, рече дека е пожелно излегувањето на Велика Британија од ЕУ, односно Брексит, да биде следено од „Полексит“, „Унгарексит“, „Ромексит“ и „Булексит“.

Белгискиот политичар, кој се прослави со тоа што се спротивстави на трговскиот договор меѓу ЕУ и Канада /СЕТА/ изрази надеж дека „цврстите, но избалансирани“ преговори со Британија и оти тоа ќе ги стимулира земјите од Централна и Источна Европа, а можеби и Данска и Шведска да отворат преговори за трговските договори и партнерството, па дури и за напуштање на ЕУ.


Седум лица приведени во рации во Брисел


Брисел, 25 јануари, 2017 - 14:47 (META) 

Белгиската полиција привела седум лица во антитерористичките рации во областа на Брисел, во рамки на истрагата за можно враќање на борци од Сирија.

Канцеларијата на сојузниот обвинител денеска соопшти дека приведувањата следеле по осумте рации изведени утринава и додаде дека истрагите не се поврзани со нападите во Брисел изведени во март 2016 година, ниту со нападите во Париз од ноември 2015 година.

Акцијата се однесува на истрага која е во тек околу „проблемите со можните борци, повратници од Сирија“, стои во соопштението.

Белгиските власти се во состојба на зголемена готовност откако бомбаши самоубијци ги нападнаа бриселскиот аеродром и подземната железница на 22 март минатата година, при што загинаа 32 лица.


Уапсен маж кој држеше 15 заложници во супермаркет во Белгија


Брисел, 18 октомври, 2016 - 21:07 (META) 

Вооружен маж држел 15 лица како заложници во супермаркет „Карфур“ во предградие во Белгија, соопшти полицијата.

Локалните медиуми јавуваат дека заложничката драма почнала околу 19 часот попладне, откако напаѓачот не успеал во својот план да го ограби објектот.

Очевидци на телевизијата ВРТ изјавија дека напаѓачот се заканувал со нож.

Полициски единици веднаш пристигнале на местото на инцидентот и набргу успеале да го разоружаат напаѓачот и да ги ослободат заложниците.

Засега нема индиции дека киднаперот подготвувал терористички напад, но полицијата е во состојба на зголемена готовност, особено по последниот напад на меѓународниот аеродром и на метро-станицата во Брисел, извршен во март годинава.


Штрајкот на синдикатите ја парализираа Белгија


Брисел, 7 октомври, 2016 - 13:07 (META) 

Штрајкот на синдикатите во Белгија, организиран поради владините мерки за штедење, создаде хаос во јавниот сообраќај во целата земја, затворени се фабриките, а нарушена е и работата на најголемиот аеродром.

Белгискиот аеродром ги посоветува своите клиенти да патуваат само со рачен багаж, затоа што штрајкуваат работниците кои се задолжени за товарот.

Белгискиот јавен превоз функционира со 75 отсто капацитет.

Денешниот штрајк е последен во низата протести против мерките за штедење на белгиската влада.

Минатата недела, десетина илјади белгиски работници организираа протестен марш во Брисел поради продолжување на работната недела и запирање на планираното зголемување на плата.

Поради штрајкот се затворени и некои од најголемите белгиски фабрики.

Поради штрајкот и проблемите со јавниот транспорт, фабриките го намалија производството.


Тројца полицајци избодени на железничка станица во Брисел


Брисел, 5 октомври, 2016 - 16:29 (META) 

Железничката станица во Брисел денеска попладне е евакуирана откако три полицајци беа избодени.

Тим пиротехничари ја пребарал станицата, но засега нема информација за експлозивни направи.

Полициските службеници биле нападнати на контролен пункт на станицата.

Истрагата е во тек.


Осомничениот за нападите во Париз и понатаму се брани со молчење пред судот


Париз, 8 септември, 2016 - 17:14 (META) 

Салах Абдеслам (26), единствениот преживеан осомничен член на групата што ги изврши терористичките напади во Париз во ноември минатата година, денеска повторно беше изведен пред суд, но и третпат одби да одговара на прашањата на судијата, јавуваат светските агенции.

„Тој го искористи своето право на молчење“, изјавил пред новинарите адвокатот на одбраната, Франк Бертон, додавајќи дека е оптимист во врска со тоа дека Абдеслам на крајот, сепак, ќе почне да соработува со истрагата.

Абдеслам со месеци беше еден од најбараните лица во Европа, пред да биде уапсен на 18 март во предградието на Брисел, Моленбек.

Тој, под силни безбедносни мерки, беше екстрадиран од Белгија во Франција на 27 април и оттогаш се наоѓа во затвор во јужниот дел на Париз.

Според истрагата, Абдеслам ги довезол тројцата бомбаши-самоубијци до стадионот „Стад де Франс“ во северниот дел на Париз, каде тие потоа го активирале експлозивот.

Абдеслам се откажал од извршувањето на самоубиствениот напад и го фрлил својот појас со експлозив во јужниот дел на градот. Тој подоцна побегнал во Белгија со помош на двајца пријатели.

Во терористичките напади во Париз животите ги загубија 130 лица.