Софтвер „лови“ политичари кои се занимаваат со мобилните телефони за време на седница

Софтвер
фото: Твитер / @driesdepoorter

Најновиот изум на Дрис Депуртер, дигитален уметник од Белгија, предизвика бес и реакции во јавноста откако почна да ги „лови“ лошите политичари кои за време на седница, наместо да работат, се занимаваат со нивните мобилни телефони.

Неговиот софтвер наречен „The Flemish Scrollers“ (Фламански прелистувачи) користи фацијално препознавање за автоматски да ги обележи политичарите во белгиската провинција Фландрија кои „дремат“ на своите телефони додека се на работа во парламентот.

Софтверот на белгискиот уметник е направен на тој начин што ги следи дневните преноси од владините состаноци во живо преку Јутјуб и со помош на вештачка интелигенција проценува колку долго еден владин претставник гледа во неговиот мобилен телефон додека трае седницата. Ако вештачката интелигенција фати „отсутно“ лице, автоматски го обележува и веднаш го објавува видеото на социјалните мрежи Инстаграм и Твитер.

Уловените политичари веднаш се именувани во коментари под видеата, а со тоа стануваат и мета на напади и осуда од јавноста. Софтверот, исто така, при објавувањето на видеата од политичарите бара „да останат фокусирани“.

За помалку од 24 часа, колку што функционира, софтверот успеал да идентификува четири политичари кои се преокупирани со нивните смартфони.

Проектот на Депуртер се појави две години откако фламанскиот министер Јан Џамбон предизвика револт кај белгиската јавност кога беше фатен како се занимава со играта „Angry Birds“ за време на седница.