Белгија воведува нов дизајн на пасоши – со стрип јунаци

Новиот дизајн на белгискиот пасош со слики од стриповите Тинтин и Блејк и Мортимер. Фото: МНР на Кралството Белгија, промотивна фотографија.

Белгиската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Софи Вилмес вчера го претстави новиот белгиски пасош. Според белгиското Министерство за надворешни работи (МНР), документот содржи нови безбедносни техники што го прават посигурен, како и нов оригинален дизајн што го прави попрепознатлив. Имено, идните пасоши ќе ги претставуваат бисерите на белгиската култура – хероините и хероите од домашните стрипови.

МНР на Кралството Белгија објави и пригоден видео клип во кој го покажува новиот пасош.

Во делот за лични податоци е вметната ракетата од легендарниот стрип Тинтин „Дестинација: Месечината“ (франц. Objectif Lune, ang. Destination Moon) чија огромна копија е поставена и како маскота во холот на аеродромот во Брисел.

На внатрешните страници од пасошот стилизирано, покрај Тинтин и капетан Хадок се вметнати препознатливи познати сцени од низа други легендарни белгиски стрипови меѓу кои и стјуардесата Наташа, Марсупилами, Марко и Шарко (ориг. Бил и Бул), Блејк и Мортимер, Штрумпфовите, Таличниот Том и браќата Далтони (ориг. Лаки Лук),  Спиру и Фантазио…

Белгиското МНР објави дека новиот пасош е направен во соработка со издавачките куќи и сопствениците на авторски права за стриповите. По повод издавањето на новиот пасош, во Музејот на уметноста на стрипот во Брисел е поставена и привремена изложба на таа тема.

Во својата официјална изјава, вицепремиерката и министерка за надворешни работи Софи Вилмес посочи:

„Белгискиот пасош е еден од најдобрите на светот и ние се гордееме со него, но тој исто така е на мета на фалсификатори. Затоа ние постојано работиме да ја подобриме неговата сигурност. Воведувањето на овој нов пасош е исто така можност да ја истакнеме деветтата уметност, стрипот, кој е централен елемент на нашата култура и на нашето меѓународно влијание. Би сакала да се заблагодарам на издавачите, авторите и сопствениците на авторски права што се согласија да учествуваат во овој проект. Најпосле, нешто што и мене ми е важно: квалитетот и безбедноста на пасошот се зајакнати, но тоа не значи зголемување на цената која МНР ја наплатува на граѓаните. Во контекст на општото зголемување на цените, ова е силен гест што ќе им донесе полза на сите граѓани.“

Цената која граѓаните на Кралството Белгија треба да ја платат при вадење нов пасош е 65 евра за возрасни и 35 евра за малолетници, плус општински данок. Пасошот важи седум години за возрасни и пет години за деца и по стандардна процедура се издава за пет работни дена, а по итна процедура поврзана со плаќање дополнителни трошоци – за еден или дури истиот ден.