Локалните медиуми соопштија дека четири лица се повредени во холандскиот град Барендрехт, кој се наоѓа јужно од Ротердам, а рано утрово силни ветришта ги корнеа покривите и дрвјата, пренесе Франс 24.
Околу 250.000 француски куќи останаа без електрична енергија, а возовите од Нормандија кон Париз се запрени откако силни ветришта зафатија делови од северна Франција, Холандија и Белгија.
Железничкиот сообраќај е прекинат и во регионите Нормандија и Шампањ-Арден, како и во некои делови на Парискиот регион.
Бурата најпрвин во средата попладне го погоди атлантскиот брег кај Велика Британија, а потоа во ноќта се помести кон истокот.
Француската метеоролошка служба испрати метеоаларм во северозападниот дел на земјата, кој се граничи со Белгија и со Луксембург.
Според податоците на метеоролошката служба, ветришта што стигнале и до 175 километри на час го погодиле нормандскиот град Фекамп.
Пожарникарите во белгискиот град Вестерхок, во близина на холандската граница, објавија на Твитер дека во текот на ноќта добиле повеќе десетици повици за да помогнат во отстранување на штетата предизвикана од временските неприлики.
Германската национална метеоролошка служба предупреди дека ветриштата ќе достигнат брзина до 105 километри на час на северот и на североистокот на земјата, а до 120 километри на час во планинските области.
Во Делменхорст, на северозападот на Германија, во средата навечер врз еден маж падна гранка, но тој помина со полесни повреди.
Во текот на ноќта во Бад Годезберг, предградието на Бон, товарен воз налета на стебло.
Две берлински зоолошки градини се затворени на еден ден поради силните ветришта, а животните се внесени во затворени простории.