Климатските промени и транспортот, главна тема во најновата епизода на „Шорткат“

Вечерва во 19 часот на Јутуб, Фејсбук и Инстаграм ќе се емитува осмата епизода на емисијата за млади „Шорткат“. Главната тема во неа ќе бидат климатските промени и зголемените емисии на стакленички гасови од транспортот во земјава, кои се последица на растечкиот број на возила кои сообраќаат по улиците.

Во денешната емисија има новости и за иницијативата „Слушни ме“ на Фондацијата за демократија Вестминстер, која има за цел да ја поткрене свеста кај младите за проблемите и приоритетите на локално ниво, и тоа во периодот кога се актуелни локалните избори во земјава.

Во „Шорткат“ информираме и за Младинскиот климатски самит, којшто вчера се одржа во Младинскиот културен центар во Скопје, но и за изложбата на постери од досегашните изданија на Скопскиот џез фестивал.

Конечно, во денешната емисија ќе може да дознаете и нешто повеќе за познатиот тиктокер Мустафа Ахмед, кој по потекло е од Сомалија и е роден во Норвешка, но во моментов живее во Скопје.