Се урнаa воени авиони во Србија и во Алжир, загинаа над 200 луѓе


Белград, 11 април, 2018 - 11:57 (META) 

Во две одвоени несреќи на воени авиони, во Јужен Банат во Србија и во Алжир, загинаа над 200 луѓе.

Според српските медиуми, во 9.30 часот во регионот Јужен Банат во Србија, меѓу селата Ковачица и Идвор, се урнал школско-борбен авион Супергалеб Г4, откако претходно двајцата пилоти се катапултирале, но за жал едниот од нив загинал при падот на земја. Другиот со тешки повреди бил префрлен на Војно-медицинската академија (ВМА) во Белград.

Увидот е во тек.

Во големата несреќа што се случила утрово во Алжир, пак, загинале најмалку 200 луѓе. Воен транспортен авион што превезувал војници и воена опрема се урнал околу 8 часот недалеку од аеродромот „Буфарик“ на југот на Алжир. Од авионот се извлекуваат десетици мртви тела.


Во авионска несреќа во Иран загинаа ќерка на турски бизнисмен и нејзините пријателки


Техеран, 12 март, 2018 - 13:35 (META) 

Ќерката на еден од најпознатите турски бизнисмени и нејзини пријателки загинале во авионска несреќа во Иран вчера попладнето, кога им се урнал приватниот авион.

Во авионот на турската компанија „Башаран Холдинг“ на бизнисменот Хусеин Башаран, загинаа Мина Башаран, 28-годишната наследничка на турскиот бизнисмен, која се враќала од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), по прославата за нејзината моминска забава заедно со своите пријателки.

Мина требало да се омажи следниот месец. Водела монденски живот и била чест гостин на забави и модни ревии, а се дружела со многу лица од шоу бизнисот.

Авионот „бомбардие челинџер 600“ се урнал на планинска падина во југозападниот дел на Иран. Портпаролот на цивилните воздухопловни власти на Иран потврди дека станува збор за турски приватен авион и за 11 загинати.


Се урна авион со 67 патници во Непал


Катманду, 12 март, 2018 - 11:34 (META) 

Авион на бангладешката компанија „УС-Бангла“ денеска по слетувањето на меѓународниот аеродром во Катманду, Непал, се излизга од пистата, а потоа се запали.

Во авионот биле 67 патници и четири членови на екипажот. Бројката на загинати сè уште не е утврдена.

Познато е само дека досега се спасени 17 лица. Пожарот се гасне, а сите полетувања и слетувања од аеродромот се откажани.


Русин во последен момент го заменил билетот за авионот што се урна вчера


Москва, 12 февруари, 2018 - 14:18 (META) 

Максим Коломејцев од Сочи избегнал сигурна смрт во вчерашната авионска несреќа во Москва, бидејќи пред тргнување на авионот на компанијата „Саратов Ерлајнс“ билетот го заменил за една недела подоцна, јави „Раша бијонд“ во изданието на македонски јазик. За тоа Коломејцев дал 10.000 рубли (172 долари), но ја избегна трагедијата.

Патничкиот авион Антонов-148 на руската авиокомпанија „Саратов ерлајнс“ се урна вчера кратко време по полетувањето од аеродромот Домодедово во Москва, при што загинаа сите 65 патници и шест членови на екипажот.

Коломејцев планирал да го посети својот роден град Орск за да го прослави роденденот и да го преземе новиот автомобил што го купил. Првично компанијата му соопштила дека автомобилот ќе може да го преземе од 10 февруари, па тој ги купил билетите за вчерашниоти лет. Но, неколку часа пред полетувањето, го информирале дека преземањето на автомобилот може да се случи најрано следниот викенд, па тој го заменил билетот непосредно пред да полета.

– Изгубив 10000 рубли (172 долари) за замена на билетите, но добив втора шанса во животот – вели Коломејцев.

Инаку, спасувачките екипи вчера ги пронајдоа црните кутии на авионот Ан-148, а авиопревозникот  „Саратов ерлајнс“ ги приземји сите шест авиони Ан-148 во нејзината флота.

Авионот што се урна вчера, во јануари ја поминал контролата, при што сите делови на моторите, каросеријата и крилата се темелно испитани. И при вчерашните проверки пред полетувањето не биле утврдени проблеми.

Украинската државна компанија „Антонов“, која ги произведува и поправа авионите, соопшти дека е подготвена да ѝ се приклучи на истрагата.

Истражителите денес зедоа примероци од горивото на урнатиот авион, изјави за руската агенција извор во регионалната влада, додавајќи дека се проверуваат сите организации поврзани со „Саратов Ерлајнс“. Авионот пред падот не горел и до експлозијата дошло во моментот на удар во земја, велат од Истражниот комитет на Руската Федерација, пренесува „Раша бијонд“ на македонски јазик.


Загинаа 71 лице во несреќа на руски патнички авион во Москва


Москва, 11 февруари, 2018 - 15:22 (META) 

Руски патнички авион со 71 патници се урна набргу по полетувањето од московскиот аеродром Домодедово, јавија руските медиуми.

Авионот Антонов Ан-148 на компанијата Саратов ерлајнс, летал од аеродромот Домодедово кај Москва до Орск на јужен Урал, јави Интерфакс. Извор од службите за итна помош изјавил дека авионот се урнал во близина на селото Аргуново и оти „патниците и екипажот немале шанса да преживеат“. Во авионот имало 65 патници и шест членови на екипажот.


Турски авион излета од писта и за малку ќе завршеше в море


Трабзон, 14 јануари, 2018 - 17:20 (META) 

Авион на турската компанија „Пегазус“ избегнал катастрофа вчера откако излизгал од пистата на аеродромот во турскиот црноморски град Трабзон и за малку не завршил во морето. Неговиот труп сопрел на стрмната падина од пистата до морето.

Никој од 162 патници и членови на екипажот во „боингот 737-800“ не бил повреден и сите биле релативно бргу евакуирани.

Властите сѐ уште испитуваат што е причината за излетувањето на авионот при слетувањето. Авионот полетал од Анкара вчера во вечерните часови и при слетувањето имал проблеми со намалувањето на брзината.


Шестмина загинати во пад на луксузен хидроавион во Австралија


Сиднеј, 31 декември, 2017 - 13:27 (META) 

Шест лица загинале во пад на луксузен хидроавион во Австралија, во близина на Сиднеј, соопштила полицијата, јавуваат светските агенции.

Хидроавионот на фирмата „Сиднеј сиплејнс“ се срушил во реката Хаксбури, околу 50 километри северно од Сиднеј. Во несреќата настрадале сите пет патници и пилотот, соопштила полицијата на државата Нов Јужен Велс.

Нуркачките екипи ги извлекле телата на сите шестмина загинати, а причините за несреќата сè уште се непознати. Остатоците на едномоторниот авион се на длабочина од 13 метри.

Австралиските медиуми наведуваат дека петмина од жртвите се Британци, меѓу кои и едно дете на возраст од 11 години.

Тие со хидроавионот биле на панорамско разгледување, во очи прославата на Нова година во пристаништето во Сиднеј.


Патнички авион се урна во Канада


Отава, 14 декември, 2017 - 9:46 (META) 

Авион на компанијата „Вест винд“ со 22 патника и тричлен екипаж се урна во Канада, јави „Си-би-ес“.

Несреќата се случила синоќа, набрзо по полетувањето на аеродромот „Фонд ду Лак“.

„Си-би-ес“ јавува дека сите патници пронајдени и „тргани од местото на несреќата“.

Според првичните информации, неколку лица се повредени.

Како што се наведува, после падот немало ниту експлозија, ниту пожар.


Американски воен авион се урна кај Окинава


Окинава, 22 ноември, 2017 - 9:50 (META) 

Авион на американската воена морнарица, кој носел 11 патници и членови на екипажот, се урна во море, источно од Окинава, јавува „Би-би-си“.

Веста, како што наведува британскиот јавен сервис, ја потврдиле воени претставници на американската воена морнарица.

Авионот бил на пат да слета на носачот на авиони „УСС Роналд Реган“.


Се урна мал руски авион – само четиригодишно дете преживеало


Москва, 15 ноември, 2017 - 12:00 (META) 

Осум лица загинаа при пад на мал авион“ Л-410 на подрачјето на градот Нељкан, на истокот на Русија, соопшти руското Министерството за вонредни ситуации во земјата.

Само еден патник ја преживеал несреќата, станува збор за четиригодишно дете кое веднаш е хоспитализирано со тешки повреди.

Засега не се знае која е причината за несреќата. Истражниот комитет утврдува дали авионот паднал поради лошите временски услови, пилотска грешка или техничка неисправност.