Модел на воениот авион RF-4C Фантом во Националниот музеј на Воздухопловните сили на САД | Фото: Викимедија комонс

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr откри зачудувачки случај на дезинформација пласирана во Грција. Станува збор за сензационалистички текст со фотографии објавен на локален онлајн-медиум во кој се тврди дека се урнал воен авион на грчкото воено воздухопловство.

Но, текстот што е пласиран се однесувал на авионска несреќа во 2001 година, а фотографиите, пак, биле од настан во неделата, кога членовите на новата Културна асоцијација на Калогриани „Свети Рафаил“ го расчистиле патот до местото каде што сè уште се наоѓаат остатоците од авионот и се фотографирале крај нив.

Под насловот на текстот на trikalanews.gr впечатлив е датумот на објавување, 18 мај 2020, а текстот почнува со „RF-4 на Военото воздухопловство се урна пред 11 часот претпладнево, во планинска област во Префектурата Трикала“, со што се добива впечаток дека станува збор за вест за нова несреќа.

До моментот на пишувањето на анализата на ellinikahoaxes.gr, текстот имал дури 37.000 читања, што укажува дека бил навистина спектакуларен за читателите.

Но, несреќата сепак се случила во 2001 година, како што малку незабележливо се посочува подолу во текстот. Дополнително, авионот RF-4 е повлечен од употреба во 2017 година, од што е јасно дека во понеделникот не се урнал воен авион во Трикала, пишува ellinikahoaxes.gr.