Тројца осудени на доживотен затвор за летот MH17 во кој загинаа 298 луѓе, соборен од руски проектил

-

Денеска се изрече пресудата против обвинетите за соборувањето на авионот во 2014 над Источна Украина кога загинаа 298 луѓе. Во отсуство, осудени се три лица на доживотна казна затвор. Објавувањето на пресудата се одвиваше во живо, во присуство на голем број новинарски екипи и семејства и роднини на загинатите во авионската несреќа. Судијата Стинхуис рече дека судот верувал дека Русија имала севкупна контрола во времето на сепаратистичкиот регион во Источна Украина и дека авионот бил соборен од проектил од руско производство, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Авионот Боинг 777 од летот MH17 на Малезија Eрлајнс беше соборен во 2014 година со проектил од руско производство истрелан од поле во источна Украина, соопшти холандскиот суд, каде се водеше процесот против четворица обвинети за соборувањето на авионот, кога загинаа 298 луѓе. Пресудата за овој стравотен случај беше изречена денеска – од четворица обвинети, во отсуство, на доживотен затвор беа осудени тројца – рускиот полковник Игор Гиркин, рускиот офицер Сергеј Дубински и Леонид Харченко, лидер на украинските сепаратисти.

На Гиркин, Дубински и Харченко им се судеше во отсуство. Тие се недостапни за органите на прогонот, а како што пренесуваат странските медиуми, мала е веројатноста да ја издржат затворската казна.

Судот смета дека MH17 бил соборен со истрелување на проектил од поле во близина на Первомаиск, при што загинале 283 патници и 15 членови на екипажот, рече судијата што претседаваше, Хендрик Стинхуис.

Објавувањето на пресудата се одвиваше во живо, во присуство на голем број новинарски екипи и семејства и роднини на загинатите во авионската несреќа.

Фото: Принтскрин

Судијата Стинхуис рече дека судот верувал оти Русија имала севкупна контрола во времето на сепаратистичкиот регион во источна Украина.

Напнатоста, како што известуваат странските медиуми, биле многу висока меѓу семејствата пред да бидат сослушани.

Вистината на маса – тоа е најважното нешто, рече Антон Коте, кој ги загубил синот, снаата и неговиот 6-годишен внук кога беше соборен MH17, додавајќи дека сослушувањето претставува „Ден Д“ за роднините.

Авионот MH17 на Малезија Ерлајнс, кој леташе од Амстердам до Куала Лумпур, беше над Доњецк, Украина, на 17 јули 2014 година кога исчезна од радарот. Во авионот имаше вкупно 283 патници од кои 80 беа деца, а имаше и 15 членови на екипажот. Средината на јули 2014, всушност, беа првите денови на напорите на Русија да контролира делови од Украина. Тогаш интензитетот на конфликтот беше на релативно ниско ниво, но во претходните месеци беа соборени повеќе воени авиони.

Авионот се урна откако бил погоден со проектил од руско производство над Источна Украина. Холандскиот одбор за безбедност (DSB) спроведуваше 15-месечна истрага, а во септември 2016 година, меѓународен тим од криминалистички истражители изјавија дека доказите покажуваат оти проектилот бил донесен од руска територија и истрелан од поле контролирано од сепаратистите поддржани од Русија. Заедничкиот истражен тим (JIT) предводен од Холандија во мај 2018 година заклучи дека ракетниот систем припаѓа на руска бригада, а Австралија и Холандија објавија дека ја сметаат Русија за одговорна. Судењето почна во 2020 година. 

Холандските обвинители изјавија дека ракетниот фрлач потекнувал од руска воена база и бил вратен назад откако бил соборен авионот. За наводна вмешаност во организирањето на транспортот, четири лица се обвинети за предизвикување на несреќата и убиство на сите 298 луѓе во авионот. Обвинителите побараа доживотни казни за сите четворица – највисоката можна казна во Холандија.

Првообвинет, сега веќе осуден, е Игор Гиркин, 51-годишен поранешен полковник во руската Федерална служба за безбедност (ФСБ). За време на соборувањето на авионот, тој бил министер за одбрана и командант на вооружените сили на самопрогласената Народна Република Доњецк – регионот каде што беше соборен авионот. Гиркин, според известувањата во медиумите, моментално е вклучен во руската војна против Украина.

Вториот обвинет, сега осуден, е Сергеј Дубински (60), поранешен офицер во руската воена разузнавачка служба позната како ГРУ и еден од замениците на Гиркин во 2014 година. Олег Пулатов, единствениот од четворицата осомничени кој беше застапуван од адвокати во судскиот процес, е 56-годишен поранешен офицер во специјалните единици на ГРУ, кој бил заменик на Дубински. Тој пред судот тврдеше дека е невин и беше ослободен. Единствениот Украинец меѓу сега осудените е Леонид Харченко, за кој обвинителите велат дека бил командант на борбената единица на проруските бунтовници во Доњецк во јули 2014 година и добивал наредби директно од Дубински.

Ним не им се судеше дека го испукале проектилот, туку дека работеле заедно за да го однесат до теренот каде што бил истрелан.

Марни Хаулет, политиколог и предавач за руска и источноевропска политика на Универзитетот во Оксфорд за „Ал Џезира“ изјави дека трагедијата MH17 е, исто така, потсетник дека војната во Украина трае од 2014 година.

Пресудата е важна за поединците кои ги загубија животите и за нивните семејства и земји кои чекаат правда. Но, тоа е и лекција за Западот – важноста да може слободно да се истражува овој случај. Ова е нешто за што Украинците и другите кои доживеале злосторства фундаментално се борат во моментов, изјави Хаулет за Ал Џезира.

Сепак, како што вели таа, иако Западот верува во владеењето на правото, смета дека пресудата нема да биде одобрена во Русија, нешто што може да ги ескалира политичките тензии.

Контраспин: Укинувањето на балансерот никако не може да биде тежок удар врз Уставот

Правната одлука за т.н. балансер, во насока на усогласеност на правните акти на државата со Уставот, може да биде само поттик на принципот на еднаквост во мултиетничко општество, бидејќи...